Концерт во Скопје на кралот на валцерот Андре Риу
Светската ѕвезда на виолина, маестралниот Андре Риу, познат како „современиот крал на валцерот“, на 23 ноември ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој во Македонија доаѓа со неговиот 60-член „Јохан Штраус оркестар“, најголемиот приватен оркестар на светот.
Препорачано
Концертите на Андре Риу се огномет од емоции. На речиси 100 концерти годишно, Риу гарантира совршена забава со светски познатите, романтични и мелодии полни со душа како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.
Како што е познато, Риу верува дека класичната музика е создадена за сечие уживање, па преку својата умешност, на забавен начин, ја приближува до сите возрасти. „Неговите настапи се многу повеќе од само музика – раскошни фустани, романтични светла и пространи платна зад оркестарот, заедно со бројни интернационални солисти и сето тоа зачинето со добар хумор“, ќе посочат од продукцијата. Риу се наоѓа на првото место на над 30 топ-листи, добитник е на 500 платинум награди, има продадено повеќе од 40 милиони ЦД и ДВД изданија, а „Њујорк тајмс“ го нарекува вистински „Маестро на публиката”.
Концертот е во организација на „Пасворд Продукција“.


