Колку е опасна ангината и дали крајниците треба да се чуваат по секоја цена?

Фото: Профимедиа

Болката во грлото, зголемената температура, отежнатото голтање, отечените жлезди на вратот, се карактеристични за ангината. Иако е присутна во секој период од годината, до израз најмногу доаѓа во текот на зимата, кога се спуштаат температурите, а потоа во раната пролет поради појавата на инфекциите преку капки.

Ангината или тонзилитисот е воспаление на ждрелите крајници. Најчест причинител е бактеријата бетахемолитички стрептокок, а можат да бидат и разните вируси. Се јавува кај сите, децата и возрасните, со тоа што кај малите почесто во потежок облик. Освен вообичаението симптоми, кај најмладите се појавува и малаксаност, слабост во мускулите и повраќање. На ангина особено се подложни децата од три до осум години, истакнуваат оториноларинголозите.

Како се пренесува инфекцијата и дали е тешко да се дијагностицира?

Се шири преку пат на исфрлање капки од болниот, дишењето, кивањето, кашлањето. Инкубацискиот период од моментот на инфекцијата до моментот на манифестирање на симптомите обично е два-три дена. Понекогаш е тешко да се разликува бактериската од вирусната инфекција, бидејќи клиничката слика и лабораториските наоди можат да бидат слични. При прегледот, се гледаат отечени, црвени крајници, некогаш пресвлечени со белузлави наслаги, со околно црвенило. Но, дури кога ќе се земе брис најчесто се открива вистинскиот причинител.

За да се процени дали причинителот е бактериски или вирусен потребно е знаење и искуство токму поради сличните симптоми. Тоа најдобро го докажува инфективната мононуклеоза, позната како „болест на бакнежот“, која е предизвикана од вирусот, но клиничката слика се одликува со типична ангина и отечени жлезди во пределот на вратот.

Како се лекува ангината?

Доколку лекарот е сосема сигурен дека ангината е од вирусно потекло, како терапија се даваат чаеви и лекови против болки и температура. Ако е од бактериско потекло, се лекува со адекватни антибиотици околу 10 дена. Многу е важно ангината да се лекува, бидејќи нелекуваната или недоволно лекуваната може да предизвика сериозни компликации. Последиците можат да бидат перитонзиларен апсцес, односно гнојна колекција веднаш покрај крајникот. Од оваа компликација е поопасен ретрофарингеалниот апсцес, кој се јавува зад ждрелото. Може да се појави дури и сепса ако се расее по целиот организам, како и воспаление на зглобовите, бубрезите.

Како да се спречат честите ангини?

Доколку ангините се појавуваат повеќе од три пати годишно, крајниците мора хируршки да се отстранат. Ова особено се однесува на децата, бидејќи кај нив симптомите се најизразени. Кога ангината ќе се појави, треба да се изолира од колективот, да се примени неопходната интензивна терапија, а потоа да се разгледа можноста за операција. Истото се однесува и на повторените апсцеси на гнојните ангини. Болните крајници задолжително треба да се вадат, како што здравите треба да се чуваат. За да се донесе правилна одлука, неопходна е добра стручна проценка.

Операција на крајниците

Понекогаш на децата им се оперираат зголемените, а сосема здрави крајници, бидејќи им ја оневозможуваат нормалната исхрана и дишењето. Без разлика кој е поводот на овој хируршки зафат, најчесто се прави тонзилотомија – отстранување на дел од крајникот којшто е спорен. Се отстранува делот за да се овозможи голтањето и дишењето, додека дел од крајникот се остава и понатаму да ги извршува одбранбените функции, истакнуваат оториноларинголозите.

Лекарот при прегледот гледа вжарено ждрело, огромни крајници до гнојни чепови. На непцата неретко се гледаат и мали „островчиња“ со крвавења – петехии. Тие, исто како и гојните чепови, укажуваат дека се јавила стрептококна инфекција. Во мошне запуштените случаи на болеста, крајниците се толку зголемени така што воздухот тешко се пробива кон белите дробови. Лимфните јазли на вратот се зголемени, иако не се огромни (како на пример, кај инфективната мононуклеоза, која некогаш може да се помеша со ангината).

Кога лекарот со прегледот јасно ги гледа знаците на ангина, вклучувајќи ги и гнојните чепови, не е потребно да се чекаат резултатите од брисот за да се започне со терапијата. Бидејќи е јасно дека станува збор за ангина, нема потреба детето да се остави без терапија до резултатот на брисот. Бидејќи, одложувањето на терапиајта само помага во ширењето на бактериите и настанување на компликациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот