Кокаинскиот бум ја претвори оазата Еквадор во нарко-кланица

Полицијата и војската е немоќна да се пресмета со бандите - Фотографија Profimedia

Еквадор е во географски сендвич помеѓу Колумбија и Перу, двата најголеми одгледувачи на кока и производители на кокаин во светот. Пропорционално со производството се зголемуваат и пресметките помеѓу нарко-бандите, пратките со банани во кои е скриен кокаин кон Европа и запленетото количество дрога низ светот

Атентатот врз опозицискиот претседателски кандидат Фернандо Виљависенсио на ужасен начин ја илустрира трансформацијата на Еквадор од јужноамериканска „оаза на мирот“ во бојно поле на регионални, па и глобални наркокартели, банди и мафии.

До пред само неколку години Еквадор навистина отскокнуваше во регионот како „оаза“. Во 2018 година во земјата имаше едвај 5,8 убиства на 100.000 жители, а во анкета на Галуп мнозинството граѓани се изјасниле дека се чувствуваат безбедни и кога сами шетаат низ улиците ноќе.

Денес атентатот врз претседателскиот кандидат воопшто не е изолиран инцидент. Хулио Сезар Фарахио, кандидат за градоначалник на Салинас, бил убиен во кампања. Локален функционер бил застрелан при посета на јавен проект. На мостови биле обесени тела на луѓе убиени во пресметки помеѓу банди. Криминални групи секојдневно на социјални мрежи им упатуваат смртни закани на политичари и функционери.

За само четири години стапката на убиства се зголеми за пет пати, на 22 убиства на 100.000 луѓе во 2022 година. Во првите шест месеци од годинава во Гвајакил имало 1.390 смртни случаи како последица на насилство, колку во целата измината година. Низ Еквадор за седум месеци имало 3.600 убиства, а лани вкупно 4.600. Повеќе никој не се чувствува безбеден на улица, дури ни дење ни близу полициски станици. Дури и Виљависенсија бил убиен свирепо – со триесетина куршуми.

Незгодна географија

Барајќи одговори за експлозијата на насилствата и криминалот, аналитичари укажуваат на неколку фактори, но најмногу на географската локација на Еквадор и зголеменото производство на кокаин. Еквадор е во географски сендвич помеѓу Колумбија и Перу, двата најголеми одгледувачи на кока и производители на кокаин во светот. Пропорционално со производството се зголемуваат и пресметките помеѓу наркобандите, пратките со банани во кои е скриен кокаин кон Европа и запленетото количество дрога низ светот.

Колумбија со децении наназад со помал или поголем успех настојува да го запре нелегалниот извоз на кокаин, за што добива огромна полициска, па и воена поддршка од САД. Но, и наркокартелите се глобализираат, што ги прави помоќни и поефикасни во обидите да ги заобиколат блокадите.

Континенталниот подем на наркокартелите ги погодува и другите земји што откскокнуваа како помирни – Парагвај, кој прераснува во логистички јазол за глобалната трговија, како и Чиле и Уругвај.

Веќе седум години официјално ја нема левичарската герилска група ФАРК, која се финансираше од шверцот на кокаин, но празнината ја пополнија нови криминални групи, кои доаѓаат дури и од Балканот. За да ги заобиколат подобро обучените и поопремени колумбиски полициски сили, бандите ги префрлаат своите дејства во соседниот Еквадор, кој има добра инфраструктура и големи пристаништа преку кои може да се шверцуваат наркотици.

Глобалните банди ги мобилизираат локалните

Аналитичари цитирани од Си-ен-ен забележуваат дека меѓу локалните еквадорски банди, како Чонерос и Лобос, свои ќелии воспоставила и албанската мафија, како и мексикански наркокартели и разни бразилски урбани банди. Еквадорските сили за безбедност, за разлика од колумбиските, досега не беа соочени со агресивни криминални групи и не се спремни за престрелки со новиот непријател, вооружен „до заби“.

Пристигнувањето на големите светски банди го поттикнало и ривалството на локалните. Сојузништвата главно се склучуваат во преполнетите затвори, во кои исто така повремено има крвави пресметки меѓу бандите. Сѐ почести се случаи на судири на еквадорски банди што склучиле партнерства со спротивставени мексикански наркокартели. Во изминатите неколку години во пресметки зад решетки биле убиени стотици луѓе, особено во преоптоварениот „Ел литорал“ во Гвајакил.

Обидот за смирување на ситуацијата со трансфер на затвореници има контраефект на ширење на насилствата. Пред само еден месец во организиран и координиран бунт во еквадорските затвори беа совладани 136 чувари, кои беа користени како заложници.

Од „канцелариите“ во ќелиите, криминалните водачи ја шират војната на улиците. Една недела пред да биде убиен, Виљависенсио добивал закани од „Лос Чонерос“, банда од Чоне во западниот дел на земјата. Чонерос се збратимени со мексиканскиот картел Синалоа, кој остана сериозен играч во наркобизнисот и откако беше уапсен нивниот лидер Хоакин Гузман – Ел Чапо.

Следбениците на Виљависенсио протестираат против насилствата – Фотографија ЕПА, Сантјаго Фернандес

Осоколени од силните и богати партнери, Чонерос отворено им се закануваат и на другите банди и на политичарите. Виљависенсио бил сурово замолкнат бидејќи бил еден од ретките што им се спротивставил.

– Време е за храбрите. Тие велат дека ќе ме скршат, но не им се плашам. Вие сте мојот панцирен елек. Тука ние со своите животи ја плаќаме демократијата – порачал опозицискиот кандидат откако добил смртни закани, и тоа токму во Чоне. Полицијата сериозно го третирала случајот и му дала обезбедување, но тој одбил да ја прекине кампањата и директните контакти со народот.

Одговорноста за атентатот ја презеле маскирани бандити што се претставиле дека се членови на друга банда „Лос лобос“, која, пак, е поврзана со спротивставениот мексикански картел Халиско нова генерација. „Волците“ набрзо ја оспорија снимката како „фабрикувана“ од соперничката банда, со цел да се насочи и јавноста и силите за безбедност во погрешна насока.

– Снимката е објавена со цел да се дестабилизира земјата и да се префрли врз „Лос лобос“ вината за трагедијата во оваа земја – порача криминалната група.

Народот е уплашен

Властите тврдат дека пресметките зачестиле и станале посурови откако во 2021 година исчезнал Хорхе Замбрано – Раскиња, лидерот на Чонерос. Откако се проширила веста дека повеќе го нема Раскиња, во три затвори во исто време избувнале нереди во кои загинале 79 затвореници.

Полицијата два дена по атентатот не посочи ниту една криминална група како одговорна, што уште повеќе ја продлабочува недовербата на граѓаните во системот. Тие се чувствуваат апсолутно незаштитени, кога бандите без какви било последици може да елиминираат и претседателски кандидат. Во петокот беа уапсени шестмина колумбиски државјани осомничени за убиството.

Атентатот сигурно ќе остави белег врз волјата на граѓаните на претседателските избори на 20 август. Некои кандидати привремено ги откажале кампањските активности, а други ја менуваат платформата и како приоритет ја истакнуваат политиката „мано дура“ (цврста рака), препознатлива за лидерот на Ел Салвадор, Најиб Букеле.

Највоздржана е главната кандидатка на изборите, поранешната пратеничка Луиза Гонзалес, која е блиска до поранешниот левичарски претседател Рафаел Кореа. Гонзалес повика на засилување на правосудниот систем и на обвинителството.

Бизнисменот и политички аутсајден Јан Топич, пак, се префрли на агресивна кампања ветувајќи цврстина во пресметката со криминалците.

Експерти забележуваат дека е речиси невозможно да се процени која порака најдлабоко ќе продре во еквадорскиот електорат, кој е познат како главно незаинтересиран за политиката и недоверлив во политичкиот систем. Неодамнешна анкета покажала дека дури 60 отсто од гласачите не ги знаат имињата на кандидатите за изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот