Кое е новото оружје на гангстерите кои перат пари?

фото: Flickr.com

Перењето пари изнесува до 5% од светскиот БДП, или 2.000 милијарди долари секоја година, според Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.

Затоа банките и легалните органи се насочуваат кон вештачката интелигенција (AI), за да се борат со овој растечки проблем. Дали со тоа ќе имаат успех?

Перењето пари, кое така се нарекува од практиката на популарниот гангстер Ал Капоне да ги крие приходите од криминалната активност во автоматите за перење во 20-тите години од минатиот век, е огромен и зголемен проблем.

„Валканите“ пари се „перат“, така што минуваат низ легални банки и компании и се користат за купување имот, компании, скапи автомобили, уметнички дела, итн.

Еден од начините на кој криминалците го прават тоа се нарекува „smurfing“.

Со него се користи специјализиран софтвер за мали банкарски депозити, кои минуваат под радарот, објаснува за BBC, Марк Газит, извршен директор на „ThetaRay“ – компанија базирана во Израел која обезбедува „AI“ производи за борба против финансискиот криминал.

„Трансакција во вредност од 0,25 долари никогаш нема да биде забележана од човек, но со трансакции од овој вид можат да се исперат 30 милиони долари, ако се повторат стотици милиони пати“, вели тој.

Украдените пари често се „перат“ за да се финансираат други криминални активности. Неодамна користената шема со банкомати ги чинеше банките една милијарда евра во 40 земји, на пример.

„Криминалната група која хакираше илјадници банкомати и ги програмираше да пуштаат по до пет банкноти во одреден час, да речеме во 3 часот по полноќ. Во конкретниот час локален криминалец или „мазга“, чекал пред банкоматот и ги собирал парите“, вели Газит.

„Парите потоа се претвораат во биткоини и се користат за трговија со луѓе“, додава тој.

Оваа група често ангажира „мазги“ за перење пари во нивните легални банкарски сметки за одреден износ.

„Според некои проценки помалку од 1% од нелегалните средства кои циркулираат низ светскиот финансиски систем, се конфискуваат“, вели Колин Бел од „HSBC“.

Проблемот е уште полош и покрај затегнувањето на прописите.

Само во Обединетото Кралство бројките од финансискиот криминал се зголемени за 10% во 2018 година.

фото: Flickr.com

Од американското Федерално биро за истраги (ФБИ) изјавуваат за „BBC“ дека работат на „примена на технички подобрувања“ во борбата со финансиските злосторства, без да споделат дополнителни детали.

Други организации го истакнуваат користењето на „AI“ во борбата против перењето пари.

„„AI“ користи „машинско учење“ и може да пренесува огромни количини трансакции брзо и ефикасно“, објаснува Бел.

„Ова може да биде многу важна алатка за откривањето на сомнителните активности“, дополнува тој.

Поради оваа причина вештачкиот интелект е добар за откривање на обиди за „smurfing“ и на сметки кои се управувани од ботови, а не од луѓе, на пример.

„AI“, исто така може да детектира сомнително однесување од страна на корумпираните службеници, што е клучен елемент во многу операции за перењето пари.

Многу од најголемите банки во светот беа вмешани во скандали со перење пари во последните години.

Претходно оваа година швајцарскиот банкарски гигант „UBS“ заработи парична казна од 3,7 милијарди евра, откако банката беше прогласена за виновна по обвиненијата дека им помагала на богатите клиенти во Франција да избегнат даноци во вредност од милијарди евра од даночните органи и да перат средства. Банката поднесе жалба против одлуката.

Минатата година холандската банка „ING“ плати 775 милиони евра поради тоа што не спречила криминалци да перат пари преку нејзините сметки.

Шефот на „Danske Bank“, пак, беше принуден да ја напушти функцијата поради скандалот со перењето пари во вредност од 200 милијарди евра, во кој беше вмешана естонската експозитура на банката.

Третата најголема банка во Латвија „ABLV Bank AS“ влезе во процедура на ликвидација, откако исто така беше вмешана во сериозен скандал со перење пари.

„AI“ може да анализира „планини“ од податоци во реално време, како пораки, телефонски повици, извештаи за трошоци, и да детектира модели на човечко однесување, кои луѓето во една глобална банкарска група може и да не ги забележат.

Откако системот ќе ги научи законските модели на однесување, таа може полесно да забележува сомнителна активност.

Регулаторните тела во светотго  поттикнуваат користењето на новите технологии, што најверојатно е признание дека ја губат битката.

Технолошките компании во областа на вештачката интелигенција, како „ThetaRay“, „LexisNexis“ и „Refinitiv“, нудат бизнис модели за борба против перењето пари, но има стравувања дека тоа води до други проблеми.

фото: Flickr.com

Ако организациите купуваат стандардизирани „AI“ производи, како можат да ги убедат регулаторните органи дека ги контролираат?

Колку и добар да е вештачкиот интелект во забележување на аномалии, кои пренесуваат огромни бази на податоци, тој секогаш зависи од поднесените податоци.

Затоа се повеќе се сфаќа потребата на банките, финансиските институции, владите и законите да споделат повеќе информации.

„Европол е создаден за да работи со спроведување на законот, државните оддели и други заинтересирани страни“, вели заменик-извршниот директор Вил ван Гемерт.

Законодавството пак треба да не заостанува зад последните трендови кај финансиските услуги, од кои криминалците можат да ги искористат предностите.

Терористите од нападот со камион во Ница во 2016 година, на пример, ги плаќале возилата со припејд картички, искористувајќи ја анонимноста која овие картички ја нудат на корисниците.

Поради оваа причина Петтата директива минатата година презентираше мерки против перењето пари во ЕУ да не ги вклучува дигиталните валути и припејд картичките за прв пат.

Со оглед на фактот дека криминалците засега изгледа заработуваат, секакви алатки кои можат да помогнат за справување со проблемот, секако треба да се добредојдени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот