Коцарев: Договорите со Грција и Бугарија се македонски холокауст и културен геноцид на Македонците

Љупчо Коцарев
Фото: МИА

Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој пат нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но на тој пат ние треба да чекориме само како Македонци. Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување, разнебитување. Индивидуалните мемории бледнеат, се разградуваат, па, оттука, време е овие индивидуални мемории да прераснат во колективна меморија, порача претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во обраќањето на годишното собрание на Академијата.

Основната теза на неговото обраќање во делот насловен „Македонскиот холокауст“, како што кажа, е дека договорите со Грција и со Бугарија се нашата најголема траума.

– Свесен за геополитичката реалност и за фактот дека Македонија, соочена со геополитички превирања, мораше што поскоро да стане членка на НАТО, сепак продавањето и предавањето на сѐ што е македонско е бесмислено, непродуктивно, па дури и геополитички неоправдано, рече Коцарев.

Говорејќи за договорите со Грција и со Бугарија, кажа дека тие се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем, но за Македонците значат дека македонскиот народ „нема свое место во светот, место што другите го признаваат и го гарантираат“ и дека македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи.

– Погрешно и наивно се веруваше дека за опстојувањето на Македонците е доволно тоа што, иако осамени (или напуштени од сите други), Македонците не се сами, тоа што тие можат да проговорат со самите себе, поточно тоа што во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, договорите не можат да забранат и понатаму да продолжиме да зборуваме и да пишуваме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја и култура, за Македонците во Егеј и во Пирин. Меѓутоа, за потврдување на идентитетот на македонскиот народ, Македонците во целост зависат од другите држави, поточно, од меѓународната заедница. Би сакал уште еднаш да потсетам, за што сум говорел многупати, дека до 16 јуни 2018 г., за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија, а веќе на 17 јуни 2018 г. – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена, рече Коцарев.

Тој во обраќањето упати и неколку повици.

– Одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците, Договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст“, а надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст, побара Коцарев.

Според него, Македонија е разединета по многу основи, па затоа државата не функционира веќе подолго време во континуитет, а „дали Македонија ќе се распадне или ќе опстои не зависи од европските интегративни процеси, ниту од членството во НАТО, ниту од империјалистичките политики на големите сили, ниту од кои било надворешни фактори, кои се, несомнено, клучни, туку од нас самите – граѓаните на Македонија“.

Како што вели Коцарев, одбележувањето на македонскиот холокауст, за Македонците ќе значи не само здобивање меѓународно признание и почит од сите други народи туку и запирање, еднаш и засекогаш, на македонскиот порив за самоуништување.

– Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но на тој пат, Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци. За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. Ако сега кажеме не, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ, и да додадам, да опстои и да не се распадне, изјави Коцарев.

Во спротивно, вели, ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нови, нестварни и небулозни барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија.

– Промената на уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори, предупреди претседателот на МАНУ.

Пред темата за „македонскиот холокауст“ Коцарев говореше за односот на власта кон Академијата, па така и кон науката, кон уметноста и кон образованието, како и за економските предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот