Книжевен превод: „Делфинот“ на Александар Прокопиев е објавен во Хрватска

Еминентната хрватска издавачка куќа ВБЗ ја објави книгата раскази „Делфин“ на Александар Прокопиев, „еден од водечките балкански постмодернистички писатели“, како што се оценува во најавата на издавачот. Преводот на хрватски јазик е на Ивица Баковиќ.
Покрај другото, во рецензијата се вели: „Расказите на Прокопиев се наоѓаат некаде на границата помеѓу реалистичното и фантастичното. Кај него заемно опстојуваат имагинарните и вистинските дејствија и ликови, што се јавуваат во различни хронотопи, па ги затекнуваме во Скопје, Белград, Загреб, во соништата, некаде на морскиот брег, во далечното минато, како и во животот на Александар Прокопиев. Некои од тие раскази се очевидна фикција, некои се историографски, додека некои се исчитуваат како автобиографска проза. Раскажувачот нѐ води во деновите на детството и младешкото созревање, но занурнува и во подлабоки теми, какви што се положбата на интелектуалецот во времињата неприкладни за тие кои истапувале против владеечкиот систем, вината и простувањето, тежината на победите и поразите. Самосвоен, со хумор, ерудит без сувопарност, писател за сите генерации, како што критиката го именува, Прокопиев напишал една шармантна и духовита книга, која ќе нѐ освои и ќе ни дарува единствено читателско искуство“.
За релативно кусо време, во последниве неколку месеци, излегоа три преведени книги од Прокопиев: „Делфинот“ во Словенија (издавач „Апокалипса“), „Синот-риба“ во Србија (издавач „Геопоетика“) и сега, хрватскиот „Делфин“ кај ВБЗ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)