Клоп пред Реал: Не можеме да ја игнорираме одбраната, во спротивно ќе бидеме казнети!
Во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите екипата на Ливерпул во Мадрид загуби од Реал со 3:1.
Реваншот ќе се игра в среда со почеток од 21.00 часот на стадионот „Енфилд“, а менаџерот на Редси во составот за овој меч ќе ги нема повредените Гомез, Хендерсон, Келехер, Матип, Ориги и ван Дајк, а под знак прашалник е настапот на Џонс.
На спротивната страна тренерот на „кралевите“, Зинедин Зидан, не може да смета на услугите на Азар, Лукас, Рамос кои се жалат на повреди, како и на Варан кој е позитивен на ковид-19. Под знак прашалник е настапот на Карвахал.
Клоп денеска изјави дека неговиот тим нема што да загуби на возвратната пресметка, но ќе се обиде со сите сили да се пласира во следната фаза.
– Кога ќе загубите со 3:1, се чини дека веќе сте испаднале, значи нема што да загубиме. Ќе се обидеме, тоа е работа што мора да ја завршиме. Мора да се обидеме да победиме во тој меч и тоа е тоа. Ќе видиме на крајот што ќе се случи.
Но, не се разликува од кој било друг натпревар, вие никогаш не сакате да примите гол. Не можеме да ја игнорираме одбраната, во спротивно сигурно ќе бидеме казнети. Не знам дали некој тим во светот може да го спречи Реал да дојде до шанса. Доколку можеме да создадеме повеќе отколку што направивме во Мадрид, што би требало да биде можно затоа што немавме многу можности, тогаш имаме шанса – рече Клоп.