Ќе земеме или ќе оставиме?

Денко Малески

Да се откажеме од почеток на преговори затоа што Бугарија ќе ја контролира нашата судбина на секој нареден чекор, ми изгледа бесмислено со оглед на алтернативата.

Импресивни беа зборовите на Кирил Петков дека ќе оди во парламентот, ќе го помине францускиот предлог, ќе падне неговата влада и животот ќе оди натаму. Со едно модерно поимање на парламентарната демократија, не дозволи да го исплашат заканите на националистите за предавство.

За некој ден ќе знаеме што ќе се случи и дали токму по редоследот што го посакува бугарскиот премиер. Неуспех на овој негов обид да ги пробие националистичките бедеми во умовите на Бугарите ќе биде спас за Македонците со истите бедеми во своите умови. Ќе биде спас и за оние кои политиката не ја сфаќаат како водство туку како опстојување на власт.

Водачот на опозициската партија на македонските националисти веќе го отфрли предлогот на францускиот претседател, додека власта, прилично млако, ветува мислење дури откога ќе се усогласат ставовите на сите земји членки на ЕУ. Имено, македонскиот политички врв дури тогаш ќе го каже својот став и, како вели, забелешките на предложениот компромис. Се плашам дека тогаш ќе биде предоцна за какви било промени на документ што треба да се усвои за помалку од една недела. Всушност, ќе бидеме во сериозна неволја доколку предлогот на Макрон помине во бугарското собрание и биде поддржан од другите членки на ЕУ. Ова, како што ми се чини, не е предлог за преговори со Македонија, ниту со Бугарија, туку еден од оние документи наречени „земи или остави“. Ќе земеме или ќе оставиме?

Да се откажеме од почеток на преговори затоа што Бугарија ќе ја контролира нашата судбина на секој нареден чекор, ми изгледа бесмислено со оглед на алтернативата. Имено, Бугарија веќе ја контролира нашата судбина со ветото држејќи не во место, надвор од процесот на пристапни преговори. Ако добиеме усогласен текст од Унијата, нашиот избор ќе биде да останеме надвор од преговарачкиот процес додека не се реши спорот со Бугарија во целина и во сите детали, токму како во Преспанскиот договор, или да ги почнеме преговорите и паралелно да го решаваме спорот.

Сојузите, да се потсетиме уште еднаш, се формираат за да ги штитат примарно интересите на своите членки. Меѓутоа, Макрон како претседател на голема европска сила има одговорност во една геополитичка смисла и кон Македонија како и кон Западниот Балкан. Затоа, документот не е копи-пејст на бугарските ставови туку е и плод на француското образование, дипломатија и разбирање на минатото на бугарскиот и македонскиот народ. Како и на нивното современото поимање на македонскиот јазик и на македонската нација.

Истражувачите на израелско-палестинскиот проблем велат дека во историјата на тешките преговори, Палестинците не пропуштиле прилика да пропуштат прилика. Инсистирајќи на најдобри решенија ги пропуштиле можните решенија, па почетните предлози сега се само сон. Подобра можност од компромисот на претседателот на Франција Емануел Макрон, нема скоро да видиме, ако и воопшто видиме.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот