Ќе се погрижи ли некој за одржување на скапите „играчки“ од проектот „Скопје 2014“?

Плоштадот „Филип Втори“ по нецели десетина години од неговото уредување е запуштен, со расклатени и дел искршени плочки, а просторот пред објектот на Министерството за транспорт и врски, остана непоплочен и откако заврши реновирањето на зградата на ова министерство.

На плоштадот се наоѓаат четири фонтани со скулптури, меѓу кои е и фонтаната со скулптурата на „Филип Втори“,  за чие поставување, за новата инфраструктура  и осветлување беа потрошени 10 милиони евра. Од тогаш до денес платото е оставено да пропаѓа.

Фонтаната официјално наречена „Воин на коњ“,  кај граѓаните позната како Александар Македонски, исто така е со искршени и испаѓани плочки на коритото. Нејзината изградба чинеше повеќе од 8 милиони евра, а пуштена беше во употреба во септември 2011 година.

Ќе се погрижи ли некој овие скапи „играчки“ од проектот „Скопје 2014“, за кои беа потрошени многу пари, барем да се одржуваат како што треба?

Од Град Скопје и покрај нашите обиди да добиеме одговор дали планираат да ја санираат оштетената фонтана на градскиот плоштад и дали се планира реконструкција на плочникот на плоштадот „Филип Втори“, одговор нема.

Да потсетиме дека подолго време не работи ниту подната фонтана на плоштад „Македонија“, откако речиси пред една година во неа пропадна возило на „Комунална хигиена“. И тоа не беше првпат. Претходно, во 2017 година во фонтаната пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на Вардар по освоената титула на Европското првенство. За оваа фонтана беа потрошени 2,5 милиони евра, а сега е заборавена од надлежните. Нејзината поправка никој не ја споменува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот