Кина го „купува“ влијанието на Балканот, екс-ју земјите најмалку имуни на источната пропаганда

Кичево-Охрид автопат градежни работи / Фото: МИА

Долгогодишната игнорантска политика на ЕУ во однос на нејзиното проширување во земјите на Западен Балкан создаде простор за кинеско влијание во дел од економската и политичката моќ во државите од регионот. Иако ваквата „тампон зона“ сега поради случувањата во Украина се обидува да се истисне од Балканот, влијанието на Кина за жал се уште се остварува на поефикасен начин, со одобрени кредити за инфраструктурни проекти, кои подоцна стануваат финансиски товар за државите од Западен Балкан, тврдат експерите.

Релативно ниската западна инвестисциска клима во регионот, Пекинг успешно ја користи да преку лесни кредити си ги оствари своите геополитички сфери на интерес токму преку ширењето на влијанието а со тоа обезбеди долгорочна политичка зависност на Балканот. Додека Русија има одредено влијание преку културно–религиските односи со населението во Западен Балкан, влијанието на Кина засега се остварува на поефикасен начин, кој има финансиска природа. Истовремено се забележува и пораст и на позитивната перцепција кај населението во регионот за Кина особено во поранешните југословенски републики меѓу кои и кај Македонците и тоа преку културата, каде Пекинг се обидува да се престави како алтернатива на западниот систем.

Ова меѓудругото се наведува во последното истражување на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА), објавено неодамна во кое стои дека Кина има силно влијание во Северна Македонија која е рангирана на трето место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа и се наоѓа веднаш после Србија и Бугарија во регионот. Интересно е што студијата во исто време покажува дека Кина има засилено влијание во земјава и на Балканот без при тоа да вложи големи напори или инвестиции.

Документот на ЦЕПА забележува и тоа дека „Кинеската Комунистичка партија има значително влијание во Северна Македонија“. Организацијата укажува дека земјите надвор од ЕУ се повеќе подложни на кинеското влијание, особено врз информативниот простор на Балканот, додека Пекинг инвестира во инфраструктурни проекти во целиот регион. Па така проблемот со заемите кој најчесто се даваат од кинеските власти за помош во инфраструктурата и развој на државите и што тие првично изгледаат како добра можност за инвестиција, на долг рок стануваат финансиски товар, за редовно исплаќање на ратите да земјте до Балканот.

Дали кинеското влијание сее опасност од раздор меѓу земјите од Балканот и ЕУ?

Експертите кои се бават со оваа тематика велат дека се убедени дека зголемувањето на кинеското влијание во регионот може да предизвика опасност од раздор меѓу Балканот и ЕУ, во насока на европските барања за спроведувањето на тешките реформи што се потребни на регионот за евентуално придружување на Унијата. Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за „Слободен печат“ вели дека обичниот народ на Балканот не сфаќа ниту пак гледа во колкава мера Кина многу брзо станува фактор во регионалната политика.

– Пекинг поседува поприлично јасни економско-политички цели низ Источна Европа, за да создаде инфраструктура неопходна за ширење на своите иницијативи во Европа. Во принцип недоволно развиените локални економии се одлична мамка за да влезат во замката на должничката зависност, со што во исто време се овозможува и извесно политичко влијание на Пекинг. Сепак тоа иако на прв поглед изгледа добронамерно за обичниот граѓанин помошта од Кина во кредити, засега само мал дел од политичките елити можат да претпостават какви можат да бидат последиците од овие зајмувања – објаснува политикологот Пекевски.

Познавачот на состојбите додава дека „вакум зоната“ која се створи поради долгогодишниот игнорантски однос на политиките ЕУ за проширувањето кон Западен Балкан која сега поради случувањата во Украина се пробува да се истисне од Балканот, за жал Кина низ годините вешто го искористи за ширење на своите политики овдека. Според Пекевски кинеското влијание е најсилно во Србија, бидејќи Белград константно ги проширува своите односи со Кина на различни полиња, и покрај нејзината европска перспектива и политичката визија.

По Србија, Бугарија најподлежна на наративите на кинеската пропаганда?

Во меѓувреме професорот Кристофер Неринг кој предава на Универзитетот Св. Климент Охридски во Софија и го проучувал влијанието на кинеската мека моќ во Бугарија за РСЕ вели дека влијанието на Кина се одвива преку директни инвестиции во инфраструктурата, телекомуникациите, медиумите, академските содржини и преку Институтот Кофуциј во Бугарија. Според него во земјата има два институти, и тоа еден во Софија и друг во Велико Трново, каде има нетранспарентно финасирање и пропагандни дискусии и публикации.

– Во однос на соработката со медиумите, се прават весници кои имаат посебен дел за Кина и веднаш се преведуваат содржини од англиски на бугарски јазик. Има неколку вакви весници, кои преведуваат вакви статии и кои меѓу другото го промовираат и рускиот поглед во однос на политиката кон Југоисточна Европа. Нема воопшто критики за Русија, имаме анти-американска пропаганда и дека економско-политичкиот конфликт меѓу Кина и САД е поради вина на Вашингтон. Понекогаш има и анти-капиталистички наративи во смисла на западнот свет и се промовира кинескиот модел“, вели Неринг за РСЕ.

На оваа тема нодамна пишуваше и БИРН. Имено истражувачкиот центар во свој текст објави дека во Босна и Херцеговина, кинеските компании инвестирале во неколку проекти за електроцентрали, при што Тузла е најголема досега. Босна и Херцеговина за таа намена зеде заем од 700 милиони евра од кинеската „Ексим банка“ за проектот „Тузла“, што ја направи најголема повоена инвестиција во земјата и една од бројките што придонесоа да се зголеми за 14 проценти од вкупниот надворешен долг на Босна што ѝ се должеше Кина.

Тамошните медиуми известуваа дека преземените активности во електроцентралата во Тузла не е во согласност со пропишаните стандарди на загадување на ЕУ по што следеа низа реакции во јавноста. Малку со поинаков пристап од само неколку месеци подоцна Кина го примени и во Албанија. Па така во 2016 година, кинеска компанија ја купи најголема нафтена компанија во Албанија. Три години подоцна во јуни 2019 година, „Банкерс петролеум“ беше санкционирана со парична казна од околу 120 милиони евра поради затајување данок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот