Килограм злато достигна 60.000 евра, а среброто за 10 години поскапе за 500 отсто

Злато / Фото: Архива на Слободен печат

Цената на златото на светските берзи драстично расте. Килограм злато во моментов се продава за околу 60.000 евра. Дратично е порасната и цената на среброто кое во моментов е 700 евра за килограм. Сопствениците на златарските дуќани во земјава велат дека последниве десет години цените вртоглаво растат, посебно кога има економска криза и војна, кога дополнително се зголемуваат цените на жолтиот метал.

Македонските златари велат дека секоја следна набавка на златниот накит е минимум за десет отсто поскапа од претходната.

– За десет години цената на златото е двојно зголемена. Ако на берза се продаваше за 25.000 до 30.000 евра сега е 60.000 и оди нагоре. Кај среброто пак цената е за 500 проценти повисока од пред 15 години. Веројатно станува збор за откуп на златни прачки од големите држави кои ги користат за резерви. Тоа е висока политика, но нам многу ни е битно, бидејќи малку од луѓето можат да си дозволат да купат златен накит – вели златар од Стара чаршија.

Според него, во моментов расте и цената на среброто, па килограм се продава по 700 евра. Тој додава дека малкумина можат да си дозволат златен накит, но и среброто последните години станува луксуз.

Европските берзи празнуваат, цената на златото расте

Светските експерти велат дека кога ќе ги погледнете цените на акциите на жолтиот метал, можете да видите дека при секое навестување на криза и војна се зголемува неговата вредност. Објаснуваат дека тоа е логично, бидејќи тој метал е безбедно засолниште за капиталот.

– Цената на златото порасна неодамна, по избувнувањето на конфликтот во Газа, пред кој во април златото исто така ја надмина вредноста од 2.000 долари за унца, што се случи по ненадејниот колапс на две американски банки во Калифорнија, по што беше разнишана довербата во банкарскиот систем таму – велат експертите.

Како ќе се движи златото во 2024 година – прогнози на експерти

Централните банки по светот продолжија да купуваат злато, со пријавени нето-месечни набавки од вкупно 42 тони во октомври, откри Светскиот совет за злато (ВГЦ). Според извештајот објавен минатата недела, бројката е за 41% пониска од ревидираната сума од септември од 72 тони, но сепак е 23% над месечниот просек од 34 тони од јануари до септември.

Народната банка на Кина остана најголем купувач на златни прачки, известувајќи за откуп на 23 тони злато во 12-то последователно месечно зголемување на своите резерви. Централната банка на Турција, исто така, направи значителен откуп во текот на месецов, купувајќи 19 тони за да ги зголеми официјалните резерви на злато на 498 тони.

Освен кај овие две банки, откупот бил поскромен во другите држави, се вели во извештајот. Народната банка на Полска, наводно, продолжила да ги зголемува своите златни резерви, купувајќи уште шест тони. Нејзините залихи на благородниот метал годинава се зголемија за над 100 тони, на вкупно 340 тони. Резервната банка на Индија, Чешката национална банка, Националната банка на Република Киргистан и Централната банка на Катар беа други значајни купувачи во октомври.

Златото, како средство во девизните резерви, историски ја играше улогата на безбедно средство, а оваа улога е особено очигледна во периоди на криза. Од гледна точка на која било централна банка, како институционален инвеститор, златото е гаранција за доверба во централната банка и најчесто служи како форма на заштита од инфлација на долг рок. Со оглед на тоа што е потешко да се влијае на каматната политика на различните монетарни власти, како класа на средства во структурата на девизните резерви, златото го намалува ризикот од каматните стапки и придонесува за зачувување на вредноста на инвестициите.

 

Според податоците на Светскиот борд за злато, најголеми резерви на злато во светот имаат САД – 8.133 тони, потоа Германија – 3.355 тони, а на третата и четвртата позиција се Италија и Франција со нешто помалку од 2.500 тони. Русија е петта со 2.298 тони, а Кина е шеста со 2.010 тони, додека на Западен Балкан првото место го држи Србија со 38,5 тони. Следат Северна Македонија со 6,8 тони, Словенија со 3,7 тони, Албанија со нешто повеќе од три тони, Босна и Херцеговина со 2,7 и Хрватска со два тони злато.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот