Ќе се раздвижуваат приватната потрошувачка и извозот

Буџетот за наредната година е конципиран да овозможи развој и консолидација на економските текови, истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи, уште еднаш посочувајќи дека тој ќе тежи 4 милијарди евра. Битиќи, истакна дека во фокусот на овој буџет, се заздравувањето на економијата, забрзаниот раст, заштитата на здравјето на граѓаните, на работните места, на стопанството, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи. Како поважни компоненти, на кои Владата догодина ќе посвети поголемо внимание се и раздвижувањето на приватната потрошувачка и растот на извозот.

– Како што веќе најавија премиерот и министерот за финансии, за економските активности во 2021 година, се предвидени 1,14 милијарди евра, што е втор најголем износ по социјалните трансфери. Тоа значи дека полагаме големи надежи во закрепнување на економијата. Програмите за нови инвестиции тежат 115,5 милиони евра. Тука се и поддршката за отворање нови работни места, за инвестиции на домашни и на странски компании, отворање на развојни центри. Ќе се работи и на олеснување на законските решенија за финансиска поддршка – рече меѓу другото Битиќи.

Вицепремиерот спомена дека и наредната година ќе продолжат инвестициите во инфраструктурата во технолошките зони, поддршката за рамномерен развој, гасификацијата, железницата, локалниот и регионалниот туризам.

Забрзаното ширење на ковид-заразата, како и најавата за нови рестриктивни мерки, неминовно ја отвора дилемата за евентуално воведување на полициски час, но Битиќи посочи дека Владата останува на ставот да не се воведува полициски час.

– Ставот на Владата е дека сѐ уште не е дојдено време за нов полициски час. Мерките од здравствен аспект даваат резултат, но секако ја следиме состојбата и ако е потребно, ќе реагираме. Што се однесува до последиците од ваквата мерка, секако дека тие се поврзани – колку повеќе го кратите времето на економските субјекти, толку повеќе загубите се поголеми за нив – рече Битиќи. Вицепремиерот на презентацијата рече дека до крајот на годината календарот „е покриен“ со економските мерки, а во буџетот за 2021 за следната се предвидени 50 милиони евра за евентуални мерки за справување со ковид-кризата со кој ќе се подржат стопанството и граѓаните.

 До средината на 2021 година, нема да се размислува за поместувања кај „минималецот“

До средината на идната година нема да има зголемување на минималната плата, соопшти вицепремиерот Битиќи. Според него, првата половина од 2021 година, ќе биде фокусиран на здравствената криза, а прашањата за било какви промени кај платите и пензиите, ќе се разгледуваат потоа.

– Рано е да се зборува за зголемување на минималната плата, но и да се случи такво нешто, тоа зголемување на минимална плата не мора да значи дека ќе има импликации врз буџетот, бидејќи тоа го опфаќа и приватниот сектор. Првиот дел од наредната година ќе биде фокусиран на здравствената криза, а прашањата за зголемувања на платите и пензиите, ќе ги одговараме потоа – рече Битиќи. Тој повтори дека определбата на Владата за намалување на администрацијата за 20 отсто, останува висок приоритет, како што останува и приоритет да се обезбеди непречено спроведување на работата на јавниот сектор. Намалувањето на 20 проценти од администрацијата е процес и не може да се таргетира за краток рок, но за 1,5 година, ќе дојдеме до она што го ветивме – истакна Битиќи.

Догодина ќе има нови странски инвестиции

Раскинувањето на договорите со странските инвеститори, кои не ги исполниле обврските  е нормален процес, смета вицепремиерот Битиќи. Договорите се раскинуваат спогодбено, а дел од овие инвеститори најавуваат дека повторно ќе се вратат.

– Имаме најави од повеќе компании, кои ќе почнат со нови инвестиции. Интензивно се гради најголемата инвестиција на „Дура“, која ќе вложи 100 милиони евра. Имаме најави за цела 2021 година и почетокот на 2022 година од компании кои се дел од светскиот синџир, а со поддршката на такви компании се поддржува и нашиот извозот – рече Битиќи.

Во однос на продажбата на повеќе државни претпријатија (Пошта и МЖ Транспорт) и земјоделско земјиште, за Битиќи не е важен концептот како тоа ќе се одвива, туку дека ќе се обезбедат соодветни услуги кон граѓани.

На 24 ноември почнува расправата за Предлог-буџетот за 2021 година

Следната недела почнува собраниската расправа по Предлог-буџетот. Првиот претрес во матичната Комисија за финансирање и буџет е закажан за 24 ноември, а расправата, согласно Деловникот на Собранието, може да трае до 10 работни дена, потоа со дополнување, доколку има прифатени амандмани, ќе се расправа на пленарна седница. Владата го усвои Предлог-буџетот на 11 ноември, а министерот за финансии на 12 ноември, го достави до Собранието.

Буџетските приходи се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП, што е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот