Ќе нагази ли американската булдожер-дипломатија?

стево пендаровски
Стево Пендаровски, претседател на Македонија, Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ / POOL

По најновото разочарување, македонскиот државен врв излезот од бугарската блокада за почеток на преговорите со ЕУ сега го гледа во поинтензивнио свртување на нашата држава кон Договорот за стратешко партнерството со САД.

Од поддршка до резервираност варираат реакциите на експертите на изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека Македонија би требало да го интензивира Договорот за стратешко партнерството со САД, заснованo врз Декларацијата од 2008 година, откако Бугарија по вторпат го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија.

Според дел од политичките аналитичари кои ги праша „Слободен печат“, пораката на Пендаровски, на која со ист тон се надоврза и министерот за надворешни работи Бујар Османи, е само обид за излез од статус-кво ситуацијата на патот кон ЕУ. Дел од нив, сепак, потенцираат дека „американското решение“ не смее да биде алтернатива на евроинтеграциите.

Пендаровски: Што ако спорот со Бугарија се оддолжи со години?

 

– Што ако спорот со Бугарија се оддолжи со години? Можеби не 25, како со Грција, но ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме добри вести од Брисел. Во услови кога проширувањето на ЕУ, де-факто, е замрзнато, имаме две опции – да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Во договорот со Вашингтон има барем четири-пет области во кои би можеле конкретно да влеземе во соработка со САД. За ова најверојатно наскоро ќе имаме средби на ниво на државно раководство. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив – рече Пендаровски на панел-дискусијата „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“.

Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања за „Слободен печат“ вели дека на Договорот за стратешко партнерство со САД не треба да се гледа како алтернатива на европскиот пристапен процес, бидејќи несомнено постои комплементарност во надворешната политика, барем во најголема мера на овие актери.

– Мобилизирање на администрацијата и дипломатијата да работи паралелно на овие процеси ќе биде предизвик, но тоа е внатрешно прашање со кое ќе мораме секако да се справиме. Најважно е секако да се изгради внатрешен консензус за приоритетите и да се процени на која од тие патеки е приоритетно да се работи – вели Кацарска.

Американците се длабоко фокусирани на Балканот, но изјавата на претседателот Стево Пендаровски за некаква  „алтернатива“ на евроинтеграциите преку Договорот за стратешко партнерство со САД не е решение, изјави за „Слободен печат“ аналитичарот Мерсел Биљали.

– Прво, Балканот треба да се пасивизира, бидејќи во регионот сè уште горат некакви мали фитили. Второ, мислам дека годинава или наредната, САД силно ќе притиснат за создавање на Западнобалканска царинска унија. Целта ќе биде да се создаде заеднички пазар за да можеме полесно да се вклучиме во ЕУ. Таквиот пазар со 18 милиони жители ќе биде предизвик за странските инвеститори. Истовремено државите меѓу себе ќе го хармонизираат пазарот. Битно е да имаме пораст на стандардот и вработување, инаку сите ќе се иселиме. Ние ќе ги добиеме преговорите со ЕУ, дали сега или по два месеци, не е важно, бидејќи Америка силно ќе притисне. Но со тие преговори ние нема да добиеме ништо значајно, како што и не добива и Србија која преговара седум години, а Црна Гора преговара 10 години. ЕУ е сита од проширувавње и треба да ја разбереме дека има свои проблеми и да ја оставиме на мира. Ајде да ги решиме проблемите во нашиот простор и да направиме функционален пазар, како оној на Унијата. Само преку  формирање на Европска економска зона во наредните 4 – 5 години може да се вклучиме во ЕУ – вели Биљали.

 

САД одамна ги штитат македонските интереси

 

Добриот познавач на македонско-бугарските односи, Илија Николовски, последно воено аташе на Југославија во Бугарија, прв воен претставник на Македонија во НАТО, поранешен генерал на АРМ, сега претседател на собраниската комисија за соработка со Бугарија, смета дека Македонија треба да се сврти кон Стратешкиот договор со САД, бидејќи Америка одамна ги штити македонските интереси наспроти европските „заткулисни“ игри со нашата држава. Според Николовски, во таа насока е и Извршната наредба на претседателот на САД, Џо Бајден, со која се предвидува „црна листа“ на политичари кои ја загрозуваат безбедноста на Западен Балкан.

– Македонија го прифати стратешкиот договор во 2008 кој, пред сè, е од безбедносен карактер, но содржи и економски и културни аспекти.  Америка така многу придонесе за безбедноста на Македонија и за изградбата на нашите вооружени сили. Во право е претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи кога велат дека ние сега треба уште повеќе да се свртиме кон САД, односно кон целосна имплементација на Стратешкиот договор. Ваквиот пресврт се должи на начинот на кој Европа постапува со нашата држава. Со скриени карти и нетранспарнтни игри се загрозува иднината на Македонија.  Мислам дека повторно ќе „заигра“ американската „булдожер-дипломатија“ во решавањето на наталожените проблеми на Балканот – вели Николовски.

Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мери Брнс, изрази разочарување од недостигот на консензус меѓу земјите-членки на ЕУ за одредување датум за почеток на преговорите со Македонија. Според неа, земјата ги исполнила своите обврски.

– Нема сомнение дека Северна Македонија ја заврши потребната задача да започне преговори за членство во ЕУ. Ова е чекор за кој веруваме дека ќе ја зголеми стабилноста во регионот, ќе ги унапреди политичките и економските активности кон Европа и ќе помогне во градењето пошироки односи во светот. Ова е дел за кој се согласуваме ние и нашите партнери во ЕУ –  рече Кејт Мери Брнс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот