Ќе му пресуди ли ДУИ на СДСМ?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Потрошивме уште еден викенд во кој човек сфаќа дека ни поминаа годините, да не кажам животот, во предизборни кампањи. Кога ни тргна демократијава од 1990 година, следниве ќе ни бидат единаесетти парламентарни избори по ред, а само од 2006 година до денес спроведовме пет. Направивме и уште шест претседателски и шест локални изборни вежби, плус уште три големи референдуми (1991, 2004, 2018). Вкупно: 26 разно-разни кампањи (добро, што е право, некои изборни активности, како парламентарните и претседателските во 1994 и 2014, меѓусебно се преклопуваа), за не цели 30 години.

Секои од тие избори беа критични, решавачки, историски – сега (тогаш) или никогаш! Односно, така нè убедуваа оние кои беа во трка по власта.

Но, често пати потоа се испоставуваше дека нема голема разлика од тоа кој е на власт, освен за самите оние (неколку илјади?) кои беа на власт. И тоа така, повеќе или помалку, до кај 2012/13, кога на голем дел од граѓаните, од недела во недела, им стануваше сè појасно дека власта на г. Груевски „забега“ во многу непријатна насока, по разни основи. Со оглед на „индустриското ниво“ на сите изборни и други злоупотреби до минатите парламентарни избори не е јасно дали последниот изборен резултат реално ја одразуваше вистинската волја на граѓаните (да се потсетиме, победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 17.596 гласови разлика, помалку од 1,5%, пред коалицијата на СДСМ), но пост-изборната коалициска граѓанска волја беше одразена во новата власт меѓу СДСМ и ДУИ. Односно, уште попрецизно, ДУИ реши да се спасува себеси преку спасување на државата во нова владејачка коалиција со СДСМ.

Сега на ДУИ, но и на СДСМ, изборно ќе им се „суди“ за тоа што е она што го спасувале. Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ не успева уверливо, а уште помалку искрено да се дистанцира од „груевизмот“; но „груевистичкиот“ континуитет на ДУИ во власта го нагризува кредибилитетот на СДСМ дека тие можеа да бидат опција за неетничко гласање.

Може за тоа многу да се зборува, но како илустрација е доволно да се потсетиме на катастрофалната одлука на Заев идејата за „Едно општество за сите“, на инсистирање на Али Ахмети, да му ја довери за спроведување на „водоводџијата“ Садула Дураки, што значеше симболично убиство на самата замисла и политички суицид на наративот за поинаква Македонија од визиите на конзервативната, националистичка десница. На пример, додека го читате ова, прашајте се себе и оние околу вас: Дали, воопшто, се знае кој е овој Дураки и, ако случајно се слушнало за него, кога последен пат е виден човекот во каков било функционерски капацитет во македонскиот политички систем?

Зборот ми е, Македонија секако на овие избори ќе излезе како членка на НАТО и со симболички напредната агенда кон ЕУ, па кој како сака тоа изборно да си го толкува. За состојбата на социјалата и економијата дебатата е отворена и главно се води помеѓу рационалноста на статистичките показатели и емоциите и идеологијата на оние кои полемизираат. За случувањата со правната држава, пак, сите се кабаетлии и таму трката е прилично мртва и прилично депресивна…

Но, дали е доволно тоа што меѓуетничките односи се само пацифизирани и дали за последниве две години можевме да се надеваме на поголем напредок во таа сфера? … Со оглед на актерите, веројатно не.

А дали и овие избори ќе донесат нешто ново на таа тема? … Со оглед на актерите, веројатно не.

Можеби и самото тоа е успех, меѓуетничките односи да не се тема во македонско предизборие. Сепак, СДСМ мора да е свесен дека, кога во оваа област нема видлив напредок, назадувањето е невидливо и ќе се појави кога најмалку го очекуваат. Да речеме, се случи ли ова ДУИ повторно да биде во ситуација да бира партнер за владеење, мислам дека ќе се определат за ВМРО-ДПМНЕ со зурли и тапани! Мерак е тоа што лесно не се заборава. Ееех, златни времиња кога сите Македонци си гласаа за македонски партии, а сите Албанци – за албански…

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот