Катастарот и Геодетската комора како куче и маче, не престанува расколот меѓу двете клучни институции

Агенцијата за Катастар и трговските друштва за геодетски работи се институции што не можат едни без други, но нивните односи во последните години се толку заострени, што сериозно влијае врз работата на геодетите

Ако сакате да извршите физичка делба на куќа, мора да викнете овластена геодетска фирма, која ќе ви направи геодетски елаборат со кој потоа може да извадите имотен лист во Катастарот. Услугите на геодетите се неопходни и при мерењата на дворовите, за приватизација и откуп на земјиштето, а куќа не може да почнете да градите ако геодетите не ви го околчат земјиштето и ви ја измерат квадратурата за да добиете тапија.

Агенцијата за Катастар и трговските друштва за геодетски работи се институции што работат по системот на „сврзани садови“, односно не можат едни без други, но нивните односи во последните години се толку заострени, што сериозно влијае врз работата на геодетите.

Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи, вели дека репресијата на Катастарот продолжува и претставува директен упад во нивното работење, со што се нарушува начелето на пропорционалност. Таа, според Рибароски, преминува во директна пресметка со КГР, а постојат сомнежи дека сè повеќе добива индиректна поддршка од судовите. Во моментот има околу 140 геодетски друштва, а 50 отсто од нив се на работ на егзистенцијата – особено оние во внатрешноста, бидејќи немаат работа.

Рибароски е дециден дека во нивната професија нема сива економија, но не е сигурен дали и како дел од граѓаните се „снаоѓаат кога ќе се најдат во тесно“.

– Не знаеме, но сè повеќе се сомневаме дека Катастарот добива „ветер во грб“ од судиите, а тоа го темелиме на податокот дека во изминатите две години добиваме скандалозни пресуди против нас. Во едната од нив како образложение дури стои и дека „на Комората ѝ се забранува на суд да ја застапува овластено лице, односно адвокат“ што е нонсенс, оти тоа значи дека секоја мала фирма ќе мора да има вработено правник – објасни Рибароски.

Според новиот правилник, Катастарот издава и одзема лиценци за приватните геодетски друштва, што според Рибароски е директен противуставен и противзаконски упад во ингеренциите на Комората на геодети, бидејќи сега за иста работа има лиценца издадена од две различни институции! Веќе две компании зеле лиценци од Катастарот и таму го уплатиле законскиот износ. Тие се и членки на Комората, но затоа што го смениле седиштето на фирмата, морале да вадат нова лиценца.

– Ова претставува проблем во најава за идните учества на тендерите што ги распишуваат општините. Тоа ќе внесе забуна при изборот на фирмата, бидејќи некои фирми ќе имаат една, други фирми друга лиценца, а некои ќе имаат лиценци и од Катастарот и од нашата комора. Имаме информации дека некои наши колеги веќе вадат лиценци и од Катастарот, но тоа значи формирање нова фирма, нови документи и дополнителни трошоци за колегите, но не ги обвинувам, мора да работат – укажа на уште еден проблем Рибароски. Инаку, директорот на Агенцијата за катастар повторно ѝ ги одзел овластувањата на КГР, неполни шест месеци откако веќе платиле судски трошоци за истиот потег што го направиле во 2021 година!

Да потсетиме дека и по два месеца откако беше донесен новиот геодетски Тарифник, со кој геодетите по цели 10 години конечно добија реален ценовник за нивните услуги, а енормно поскапеа катастарските услуги, кои немаат врска со геодетите, ни граѓаните, а ни геодетите не добија образложение од Катастарот.

– Катастарот ваквите поскапувања ги оправда со зголемените трошоци на струјата, на лиценците за софтвери, на покачените плати за вработените, но зачудува фактот што овие трошоци не ѝ пречат на ниту една друга институција. Од друга страна, Катастарот не презема никакви мерки за штедење, ами напротив се нижат скапи службени патувања за кои се трошат огромни државни средства – вели Рибароски.

Ова не е поскапување од 300 проценти како што беше објавено во некои написи, објасни Рибароски, туку станува збор за поскапување од 50 до 90 проценти.

Запишување хипотека сега чини од 60 до 90 илјади денари!

Вадењето имотен лист не е во надлежност на геодетите, но тој пред две години чинеше 153 денари, а сега е покачен на 250 денари. Најновото поскапување не се однесува на имотниот лист, туку важи за прв упис во имотен лист (нов стан), за што сега граѓаните ќе плаќаат 1.250 денари посебно. Поедноставено, за упис на новокупен стан во Катастар за имотен лист наместо 1.250 денари, граѓаните ќе треба да платат најмалку 3.750 денари, затоа што при промена на сопственост ќе треба да платат за секој имотен лист посебно, а тоа граѓаните ќе ги чини 3.750 денари, плус 600 денари за нотарски услуги. Ако купуваат и гаража, ќе треба да платат за уште еден имотен лист, односно дополнителни 1.250 денари.

– Вртоглави се и цените за запишување хипотека од 60 до 90.000 денари, а за тоа веќе имаме и поплаки од нотарите – додава Рибароски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот