Карантинска катарза

Борис Џонсон кажа дека вирусот тука е под контрола, го потпуштија малку режимот на изолација, некои деца тргнаа на училиште… Во прашање е менталното здравје на луѓето по 11-неделната изолација. Британците во најголем број беа мошне исполнителни и се придружуваа до мерките. Чекам да видам што ќе биде за десетина дена, кога ќе се отворат поголемиот број продавници. Дури тогаш ќе има масовки!

Ми беше мене нешто сомнително уште во март, уште кога се враќавме од Скопје за Лондон, со „Визер“, нормално, а речиси никој во авионот не носеше заштитни маски. Освен нас, се разбира, и дечкото до нас. И така, си седевме ние тројцата во редот 23 а, б и ц, јас до прозорецот, маж ми, безмалку двометарска жртва на средното седиште со нозете речиси во брадата, и еден дечко на крајот, кој уста не отвори (нормално, маска носеше, ама сепак) до Лондон. Ние, „светата тројца“ стигнавме во Лондон првата недела од март и нашето маскирано стигнување на Лутон беше овековечено од Елеонора, мојата несудена колешка која оправдано реши да стане режисерка, и тоа исклучително успешна. Е сега, да ја скратам долгата реченица… Елеонора која го чекаше истиот лет за Скопје, нѐ сликаше на излез, така ние на пистата уште со маските, како одиме кон влезот за царинска и пасошка. „Ептен шизици сте“, ни напиша кога ни ја прати фотографијата. Ете, на почетокот на јуни, уште сме шизици. Во „Маркс и Спенсер“, во „Вејтроуз“ и во „Теско“, нема поголеми шизици од нас, а покрај погореспоменатите самопослуги, такви сме и во аптеките каде што нѐ примаат со радост, откако ќе почекаме на два метра растојание со преостанатиот плебс и ќе влеземе да поткупиме и што треба и што не треба за да се размрдаме малку меѓу свет.

Ама стигнавме, ние двајцата шизици, и по извесно време чекање и препотување (уф, пак ли ќе имаме „ситуација“ со жолтото сирење, тука е забрането внесување млечни производи, за месни и да не зборуваме, забрана која јас редовно не ја почитувам), поминавме, без мерење температура, без проверки, без ништо. За разлика од оние несреќници на кои им ги фатија штеките цигари, главно „марлборо лајт“, па останаа зад нас и најверојатно уште беа таму, додека ние дома го јадевме вареното ѓеврече со путерче и жолто сиренце (класичен словенски деминутив), и покрај моето инсистирање да потпричекаме и да ги оставиме за „црни носталгични денови“. Тоа сирењето, зашто секој познавач знае дека бајатото варено ѓеврече е во најмала рака забокршач или во крајна нужда – убоито оружје.

Единечни шкафчиња и дупли бургери

Но да стигневме сега, ќе го грицкавме ѓевречето забокршаче цели 14 дена. Тукушто го догледавме премиерот Борис Џонсон на прес-конференција како ни кажува дека од понеделник, сите што доаѓаат во земјата британска, ќе треба да останат во карантин две недели! Сега. Во јуни. На доаѓање ќе треба да пополнат картонче кое ќе им го проверат со личните документи (да не се случи некој „гизер“ да се прави мангуп, па да даде погрешна адреса), потоа да се самоизолираат, при што ќе бидат проверувани телефонски, а можеби и лично од полицијата. Оние кои ќе го прекршат правилото ќе бидат казнети 1.000 фунти. Зошто сега, зошто не уште тогаш во март, како и сите други, прашаа пратениците на пратеничките прашања, новинарите на пресот и маж ми и јас од топлината на својот дом.

Ситуацијата е следна. Досега од ковид-19 починаа 40.000 луѓе. Заводот за статистика вели дека бројката е поголема. Владата вели дека тестира околу 200.000 луѓе дневно на коронавирус, но ете го пак заводот за статистика кој вели дека ќе да се околу 100.000 зашто некои тестови се броеле двапати – еднаш кога се земале, а уште еднаш кога стигнувале резултатите што, нели, не треба да се важи. Новиот систем за наоѓање и следење  на заразените пак е моментно во фаза – турни ме да кинисам.

Борис Џонсон ни кажа дека вирусот тука е под контрола, го потпуштија малку режимот на изолација, некои деца тргнаа на училиште, плус видовме и сега редици пред „Икеа“ и „Мекдоналдс“ како трпеливо чекаат за единечни шкафчиња и дупли бургери со чипс. Не оти на народот им затребале нешто единечните и дуплите (освен на некои ептен зависни, но тоа е друга тема), туку во прашање е менталното здравје на луѓето по единаесетнеделната изолација. Британците во најголем број беа мошне исполнителни и се придружуваа до мерките за седење дома и конечно им беше неопходно излегување и „масовки“. Чекам да видам што ќе биде за десеттина дена, кога ќе се отворат  поголемиот број продавници. Дури тогаш ќе има масовки – најавија дека ќе ги отвораат Примарк, Зара и Х&М!

Коридори за хавајки

Ќе има ревизија на карантинот, ни рече премиерот, ќе има исклучоци за некои (ама не за нас) и ќе го преразгледаат законот за три недели (надеж!). Сето ова за да се намали ризикот од ново ширење на заразата, сега кога, велат, е под контрола. Ризик од  новодојдени, туристи и домородно население кое по изолацијата едвај чека да оди на летување во Шпанија, Португалија, Франција, Грција… или еве во Македонија (ние) ама по двете недели „уживанција во Франција“ ќе треба да помине двонеделна „карантинска катарза“.  Па засега, луѓето само гледаат излози на сајтови како деца бонбончиња, никој не уплаќа, никој не купува. За да нѐ утешат, нѐ подлажнуваат со некакви воздушни коридори со земји со низок степен на инфекција. Британци со маички на прерамки, шарени хавајки, фудбалски дресови и апостолки во редици во авиони за Закинтос, на пример, па по две недели назад, црвени  и излупени, да нема две недели во карантин?! Нема шанси. Не сакам да бидам како најпознатиот директор на авиокомпанијата „Рајан ер“, Мајкл О‘Лири, кој одлуката за карантин ја нарече „идиотска“, па нема.

На куси патеки, чекам да се отворат рестораните и баровите. Имам еден, омилен, со тераса, каде што прават одлични коктели. Ама какво е тука времето и додека да го отворат, можно е да се случи да седам надвор со три слоја џемпери (стил кромитче) и да пијуцкам трет „секс он д‘ бич“… и да планирам како конечно да го напуштам Островот, а да не биде со еден од оние чамците на бегалците кои во помал број, но сѐ уште од Франција стигнуваат на бреговите на Обединетото Кралство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот