Капитализмот на крстопат: Светлото на либералната демократија слабее

Популистичките стратегии за искористување на идентитетските прашања со кои ги убедуваат гласачите да работат во корист на сопствената економска штета, даваат резултат

„За прв пат во овој век, меѓу земјите со повеќе од еден милион луѓе, сега има помалку демократии отколку што има недемократски режими“. Оваа отрезнувачка констатација му припаѓа на оксфордскиот историчар Тимоти Гартон Еш, во неодамна објавениот есеј насловен како „Иднината на либерализмот“.

Заклучокот на Гартон Еш го рефлектира она што Лари Дајмонд од Универзитетот „Стенфорд“ го означува како „демократска рецесија“ во светот. Во тој контекст, изборот на Џо Бајден за претседател на САД претставува олеснување. Но, оваа приказна сè уште не е ни од далеку завршена.

За да се разбере што се случува, мора да се поврзе политиката со економијата. Бранко Милановиќ, кој е експерт за анализа на општествената нееднаквост, ја направи таа споредба во својата публикација „Осамениот капитализам“, објавена минатата година. Капитализмот, тврди Милановиќ, триумфираше. И во право е: пазарната економија е навистина триумфална. Но, додава тој, капиталистичките економии се применуваат во два посебни политички системи во водечките економии: „либералниот“ модел на САД и нејзините сојузници, со што се занимаваат господата Гартон Еш и Дајмонд; и кинескиот „политички“ модел.

Корумпиран гангстерски капитализам

Милановиќ со право тврди дека либералната демократија е добро само по себе, а дозволува и автокорекција по мирен пат. Луѓето навистина сакаат слобода, па американските гласачи се ослободија од Доналд Трамп. Кинезите не можат да го сторат истото со претседателот Си Џнпинг. Аргументот за „политичкиот капитализам“ е убедлив: тој функционира. Кина успеа да спроведе навистина извонреден подем, што остави впечаток врз многумина. Неодамнешната анкета на истражувачкиот центар „Пју“ покажа дека многу повеќе Европејци сега сметаат дека Кина е водечка економија во светот, одошто веруваат дека тоа се САД, иако Јапонците и Јужнокорејците не се согласуваат со тој европски став.

Бранко Милановиќ
Бранко Милановиќ

Дихотомијата на Милановиќ – за либералниот, наспроти кинескиот политички модел на капитализам – е корисна, но поедноставена. Постои и трета политичка верзија на капитализмот: демагошки авторитарен капитализам. Ова може да произлезе од распаднатиот комунизам, како во денешна Русија, или од „анемичната“ демократија, како онаа во Бразил или Турција. Демагошкиот авторитарен капитализам е хибрид. Како и во кинескиот систем на бирократски авторитарен капитализам, владетелот е над законот и е демократски неодговорен – изборите се чиста импровизација. Но, моќта е лична, не е институционализирана. Така се создава корумпирана гангстерска политика. Таа се потпира врз личната лојалност на „аминџиите“ и корумпираните пријатели. Јадрото на власта често се состои од членови на семејството, за кои се смета дека се најсигурни партнери во таквото владеење. Тој политички систем Трамп сакаше да го инсталира и во САД.

Таквите владетели се како ларви од оса што го јадат пајакот одвнатре. Тие успеваат да победат на избори, а потоа да ги уништат институционалните и политичките ограничувања за несметано лично владеење. Трамп ги оствари сите релевантни карактеристики на таквото владеење: вистината е она што тој вели дека е вистина; фер избори се оние на кои тој ќе победи; а добар функционер е оној кој нему му е лојален. Тој сака да биде автократ. Ова не е исто како да се каже дека тој сака да владее. Ниту Нерон не беше многу заинтересиран за владеењето. Но, дефинитивно беше тиранин.

Послушни до последен здив

Случувањата во САД покажаа две клучни работи. Прво, основните американски институции, вклучувајќи ги и судовите, се спротивставија на Трамповиот напор да ги поништи изборите. Второ, огромен дел од републиканската партија ја поддржува неговата лага дека изборите биле наместени. Со тоа дојде до израз и една друга реалност во изминатите четири години: републиканското раководство покажа апсолутна послушност кон нивниот лидер, речиси до последниот здив.

Тоа не е случајно. Тоа е логичен исход на политичката и економската стратегија на „плуто-популистот“. Доналд Трамп е природен исход на стратегиската цел на политичката изборна донаторска класа – да се намалат даноците и да се дерегулира законодавството. За да се постигне таа цел, требаше да се убеди голем дел од населението да гласа против сопствените економски интереси, фокусирајќи се врз културата и идентитетот. Таквата стратегија даде резултат и ќе продолжи да функционира: Трамп можеби замина; Трампизмот не.

Тој американски модел не е сосема различен од моделот на Брегзит во Велика Британија. Фокусот на високообразованата левица за нивното формулирање на идентитетската политика одлично одигра во рацете на нивниот колега од десницата.

Бајден е пристоен човек. Она што тој сака да го направи на домашно и меѓународно ниво има очигледна смисла. Но, тој ќе се соочи со опозиција решена да го натера да не успее. Навистина, создавањето неуспех на владата е јадрото на политиката на десницата – тоа, како и разгорувањето на бесот на гласачката база. Треба да се биде слеп за да не се види каде води таквата политика. Сегашните политички донатори не би биле првите богати и моќни луѓе, кои по грешка поверувале дека можат да ги контролираат демагошките демони што самите помогнале да се создадат.

Слепотијата на богатите егоисти

Како што покажа истражувањето на „Пју“, Трамповата реалноста на САД ја наруши довербата во светот за неговата компетентност и пристојност. На Бајден ќе му биде многу тешко да ја поврати таа доверба, не затоа што луѓето не веруваат во него, туку затоа што не веруваат во неговата земја. И, со неизвесната иднина на САД како либерална демократија, каузата на либерализмот останува сериозно проблематизирана низ целиот свет.

Сепак, либералната демократија има една голема предност: нејзиниот главен противник. Како што забележува Саманта Пауер од „Харвард“, рејтингот на одобрување на моделот на Кина во анкетите на Галуп во 130 земји во светот во просек се движи околу 32 проценти. Едвај се помрдна во последните 10 години. Луѓето ја почитуваат Кина, но не ја сакаат. Кина се соочува и со предизвикот за одржување на економската динамика, без веродостојно владеење на правото.

Ниту еден од денешните доминантни системи не работи добро. Капитализмот е иновативен, но создава огромни социјални, политички и еколошки предизвици. Либералната демократија е кородирана, дури и во нејзината срж. Но, авторитарната политика што ја предизвикува либералната демократија е многу полоша од неа. Неодговорното владеење на гангстерите или бруталните бирократи е длабоко депресивно, дури и ако се тие многу помалку неспособни од либералите. Оние меѓу нас кои продолжуваат да веруваат во слободата и демократијата се надеваат дека Доналд Трамп беше предупредувањето што ни беше неопходно.

Но, се сомневам во тоа. Нема никој толку слеп какви што се богатите егоисти, кои не сакаат да видат што, всушност, се случува околу нив.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (26-27 декември 2020) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот