Kанческа-Милевска се изнервира: „Да одиме право на пресуда“

Фото: Архива-Слободен печат

Судечкиот совет во случајот „Тендери“ ги отфрли материјалните докази кои ги предложи одбраната на обвинетите, бидејќи тие биле скенирани материјални докази, а не во оригинална форма.

Одбраната пак тврдеше дека оригиналните докази биле дадени во судот, кај судија на претходна постапка и дека единствено што поседуваат се копии на документи верни на оригиналот.

Според судечкиот судија Осман Шабани одбраната на обвинетите била должна кога видела дека доказите не се во оригинал да ги обезбедат во соодветно време.

Во наплив на нервоза првообвинетата во случајот, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска рече: „Не ни давате ништо, да одиме директно на пресуда”.

На крајот од денешното рочиште членот на судечкиот совет судијата Огнен Ставрев упати вербален укор кон Канческа – Милевска нагласувајќи и дека многу долго е во судот и дека нејзината примедба за него била навредлива.

За следното рочиште закажано за 29 овој месец, ќе бидат сослушани шест сведоци.

Случајот „Тендери“ се наоѓа во доказна постапка. Во него првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“, а обвинети се и Лидија Лазарова-Цветковска и Јулијана Угриновска.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа – Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот