Кацарска: Нема законска пречка за внесување на Бугарите во Уставот

Добрила Кацарска - претседател на уставен суд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска вели дека не постои законска пречка за внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи, како што рече, не постои закон којшто би забранил нешто на граѓаните кои се чувствуваат како Бугари, а би го овозможил на граѓаните кои се дел од албанскиот, турскиот, српскиот и другите народи во земјава.

Во интервју за бугарската телевизија „Нова“, Кацарска истакна дека Уставот е јасен кога вели дека Македонија е држава на граѓаните коишто живеат во оваа држава и тоа е држава на македонскиот народ, но и на останатите граѓани коишто живеат тука.

На прашањето дали тоа значи дека нема никакви пречки бугарското малцинство да биде внесено во Уставот, претседателката на Уставен суд посочи дека Македонија е мултиетничка држава и ретко која земја во Европа ги впишала во Уставот сите граѓани и дел од народи кои живеат кај нас.

Како човек лично јас апсолутно не ги делам луѓето по нивната националност и во никој случај мене како граѓанин не ми пречат Бугарите, односно граѓаните на Република Северна Македонија коишто се чувствуваат како Бугари да бидат впишани во Уставот, ако имате предвид дека ние ја имаме потпишано Рамковната конвенција за националните малцинства на Советот на Европа, значи дека ние ги признаваме правата на сите наши граѓани, освен тоа во Македонија има високи европски стандарди токму во поглед на немнозинските заедници, тоа го говорат всушност и сите извештаи на релевантни институции, тука се мониторинг извештаите, годишните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, извештаите што се на многу невладини организации коишто работат токму за човековите права – додаде таа.

Прашана дали им кажала на македонските политичари, оти нема пречка за внесување на Бугарите во Уставот, Кацарска одговори дека со нив има само службена комуникација.

Но, ако некој ми постави вакво прашање јас одговарам пред сè како правник, потоа како судија на Уставен суд и затоа велам нема законска пречка зошто политичарите разговараат на каков начин, зошто не се внесуваат Бугарите тоа е сепак тема којашто треба да се постави на нашите политичари, на политичките елити во Република Северна Македонија. Јас пак ви велам дека можам да зборувам како граѓанин и можам да зборувам како судија, од аспект кога дискутираме за самите закони, сè друго е тема на политичарите – заклучи Кацарска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот