Кацарска: Не се согласувам со измените на Кривичниот законик, особено не за вакви кривични дела

Добрила Кацарска - претседател на уставен суд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Изненадена сум со носењето на овие измени во Кривичниот законик, воопшто не знаев дека се спремаат такви измени. Како долгогодишен судија од Кривичниот суд секако дека не се согласувам со вакви измени на Кривичниот законик, поготово не за вакви кривични дела, изјави денеска претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска во врска со актуелните измени во КЗ.

Во однос на застарувањето на кривични предмети поврзани со овие измени, Кацарска во одговор на новинарско прашање денеска во Градскиот парк Скопје, рече дека, ако досега судиите имале донесено пресуди по сите тие предмети, според неа лично прашање е дека ќе имаше вакви измени на КЗ.

– Ако досега судиите имаа донесено пресуди по сите тие предмети, се сомневам дека ќе имаше вакви измени на КЗ. Според овие измени, според она што го читам во медиумите, бидејќи јас не ги работам тие предмети, секако дека ќе има застарувања на поголем дел од овие предмети што се во Кривичниот суд, но не знам кои се и колку бидејќи јас не ги работам, изјави Кацарска, која денеска присуствуваше на одбележувањето на Денот на независноста.

Осврнувајќи се за нејзините предмети како судија во Кривичниот суд, Кацарска рече дека имала неколку предмети од СЈО и истовремено го работела и предметот за нападот во Собранието.

-И сите мои предмети не само што се правосилно завршени, туку и се завршени и со вонредни правни лекови и пред Врховниот суд и таму се потврдени пресудите, затоа и реков, ако судиите имаа донесено во меѓувреме пресуди се сомневам дека ќе дојдевме до ситуација да имаме измени на Кривичниот законик, одговори Кацарска.

На прашањето за тоа каков е нејзиниот став што овие измени се донесоа експресно, а дел од законите па и изборот на уставните судии се закочени во комисиите, Кацарска одговори дека е фрапирана.

-Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме. Што значи каде што им одговара на политичарите не се прават опструкции, така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции може да ја блокираме државата, истакна Кацарска.

На прашањето за дадените изјави во јавноста од страна на правници кои го оправдуваат намалувањето на затворските казни одговори дека не се согласува со таквата изјава.

-Јас не се согласувам со таква изјава, не можеме ние да имаме само благи казни, а конфискацијата дали ке успееме да ја спроведеме ние или не, затоа што оние кои го прават финансискиот криминал се многу интелигентни и итри во тој дел, а во поглед на високите казни имаше критики ако се сеќавате за пресудата за 27 април, дека сум дала драконски казни. Но, што правиме кога имаме слична ситуација и во Америка каде што се дадени повисоки казни за упадот во Капитол хил, таму има многу повисоки казни од 22 години, 19 години, што значи во рамки како моите казни. Ние не може да поистоветуваме висина на казни, конфискација итн, рече Кацарска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот