Јовановски за тврдењето на Арсовска за билетите: Само болен во мозокот може да смисли вакви лаги

Ленин Јовановски во „Само вистина“ на ТВ Канал 5 / 14 март 2022 / фото: Канал 5/принтскрин

Сопственикот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вели дека е зачуден од денешната изјава на градоначалничката Данела Арсовска, која ги обвини приватните превозници дека цели пет години не пријавиле ниту еден продаден билет, односно дека парите од билетите ги ставале во џеб.

Јовановски ги отфрла ваквите обвинувања и вели дека „само болен во мозокот може да смисли вакви лаги“.

„Приватните превозници, согласно член 5 од нивниот договор, имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка, и да ги валидираат во интегрираниот систем со ЈСП ‘Скопје’. Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП ‘Скопје’ ја должи за извозен километар, се одбива сумата која од продадени билети ја оствариле приватните превозници. Имено, евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење кое произлегува од договорот со приватните превозници Макекспрес и Слобода Превоз, истите од 2017 година, се до овој момент немаат пријавено продажба на ниту еден билет во своите автобуси иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри месечно. Ова го пресметувале по едно евро за извозен километар, а потоа го фактурирале на ЈСП. Жалам што ќе ги разочарам, но, ниту јас, ниту градот Скопје, ниту ЈСП нема да бидеме сојузници во криминал кој траел од 2017 година“, рече Арсовска.

Јовановски вели дека градоначалничката „пласира лаги во јавноста, а некој ѝ ги кажува и многу погрешно ја информира“.

„Ние не продаваме билети. Кои пари да ги пријавиме кога немаме продажба ниту во автобусите, ниту имаме билетари. Не знам како сме ги продавале билетите, јас ли сум одел низ град и сум продавал карти за јавен превоз. Еве еден граѓанин нека се јави што купил билет во приватен автобус Само болен во мозокот може да смисли ваква лага. Ни беше понудено, но ние не прифативме да продаваме билети, бидејќи не добивме фискални апарати од ЈСП. Ни беше речено кога ќе ги земеме билети, да ги платиме, за што ќе ни издадат фискална сметка и после да ги препродаваме. Но, ние тоа не го прифативме бидејќи сметав дека тоа не е според закон, односно ние како крајни продавачи мора да издаваме фискални сметки“, вели Јовановски.

И поранешниот директор на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков, според „СДК.мк“, вели дека приватните автобуси не продавале билети. Им биле понудена таква опција, да ги купат билетите од нив за што ќе им биде издадена фискална сметка, а потоа да ги препродаваат во нивните возила, но тоа не било прифатено од нивна страна.

Арсовска денеска најави и дека ќе распише нов оглас за доделување на линии на приватните превозници, на кој секој приватник може сам да конкурира, ако ги исполнува условите кои ќе ги постави Градот.

Приватните превозници, кои тврдат дека ЈСП Скопје им должи огромни пари за наталожени долгови, го прекинаа вршењето градски превоз во Скопје и за утре најавија протест пред јавното претпријатие.

Арсовска: За пет години приватните превозници не пријавиле ниту една продадена карта во автобус

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот