Јорданов: Лично го предупредував министерот Филипче за состојбите во штипската болница и недостигот на кислород

Фото: facebook

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, преку соопштение на опозициската партија, тврди дека лично го предупредил министерот за здравство, Венко Филипче за состојбите во штипската болница и недостатокот на кислород што е неопходен на пациентите заразени од ковид-19.

– Филипче, заедно со директорот, ги игнорираа овие апели од мене и од јавноста и тоа за жал чинеше човечки живот. Знаеја дека има недостаток на кислород, не постапија и продолжија со мантрата дека сè е под контрола. Контролата e одамна изгубена. Загубен е човечки живот, прстот е вперен кон Филипче и затоа оставка веднаш. Време е заедно со директот на болницата во Штип да преземат одговорност за злочинот што го прават на граѓаните од Источна Македонија, се вели во дописот на ВМРО-ДПМНЕ во кој се истакнува реакцијата на Јорданов.

Власта, се додава во соопштението на опозицијата, останала глува на нејзините предупредувања за состојбите, за поставувањето на ветениот монтажен ковид-центар и конечно за завршување на новата Клиничка болница во Штип што четврта година е во застој.

– Фејсбук сведоштвото на младата девојка која ја загуби мајка си, поради нефункционирање на системот и слабата организациска поставеност, даде причина повеќе овие двајца да ги напуштат функциите. Овој двоец на менаџерски тим, четврта година ги оставаат граѓаните од Истокот без нова Клиничка болница и цела година без ветениот монтажен ковид-центар што, пак, придонесе за граѓаните да бараат спас за својот живот во скапото приватно здравство. Неодговорниот пристап на раководните структури и слабата организациска поставеност, секојдневно придонесуваат да броиме мртви меѓу роднините и пријателите, додека ковид профитерите заработуваат на грбот на сиромашниот народ, обвинуваат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат и јавното обвинителство да го истражи третманот на пациентите во болницата во Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот