Јапонски град го откажа Фестивалот на цутење на црешите: Туристите оделе во тоалет по дворови и фрлале ѓубре насекаде
Напливот на туристи станал неиздржлив за жителите на Фуџијошида, велат локалните власти
Локалните власти во еден град во близина на планината Фуџи ја откажаа годинашната манифестација посветена на цутењето на црешите, наведувајќи дека напливот на туристи станал неиздржлив за жителите, пишува Би-би-си.
Препорачано
Напливот на посетители во градот Фуџијошида довел до хронични сообраќајни метежи и натрупување отпад, а дел од жителите велат дека доживеале туристи да им влегуваат во дворовите и дури да вршат нужда на нивните приватни имоти.
Регионот е особено популарен напролет, кога светски познатите јапонски цреши се во полн цут и можат да се набљудуваат со планината Фуџи во позадина. Сепак, живописниот пејзаж на Фуџијошида, како што објасни градоначалникот, почнал да им се заканува на „мирниот живот на граѓаните“, додавајќи: „Имаме силно чувство на криза“.
„За да го заштитиме достоинството и животната средина на нашите сограѓани, одлучивме да ја спуштиме завесата на фестивалот кој траеше 10 години“, изјави градоначалникот на Фуџијошида, Шигеру Хориучи, при соопштувањето на одлуката во вторникот.
Во април 2016 година, властите објавија дека ќе ги отворат портите на паркот Аракурајама Сенген за да примат туристи за време на сезоната на сакура (цутење на црешите). Паркот нуди панорамски поглед кон градот од својата пагода, со бројни локации за фотографирање, кои корисниците на социјалните мрежи ги претпочитаат.
Фуџијошида започна да го организира годишниот настан во паркот Аракурајама Сенген, со надеж дека ќе ја зголеми атрактивноста на регионот и бројот на посетители, создавајќи „жива атмосфера во околината“. Но, според властите, бројот на посетители во последниве години „драстично се зголеми, ја надмина носивоста на градот и доведе до прекумерен туризам, што сериозно влијае врз животната средина на локалното население“.
Денес, за време на врвот на сезоната на цутење, дури до 10.000 посетители дневно доаѓаат во градот, се наведува во соопштението на општината. Овој пораст е „резултат на фактори како слабиот јен и експлозивната популарност поттикната од социјалните мрежи“.
Градските власти наведуваат дека туристи „без дозвола ги отворале вратите на приватни домови за да користат тоалет“, навлегувале на туѓи имоти, фрлале отпад и „извршувале физиолошки потреби во приватни дворови, а потоа правеле проблеми кога жителите им укажувале на тоа“.
Иако фестивалот нема да се одржи, градот сепак се подготвува за зголемен број посетители во април и мај.
Ова не е првпат јапонските власти да преземат мерки против туристи опседнати со фотографирање. Во 2024 година, службениците блокираа една од најпознатите фото-локации во Фуџикавагучико со голема црна бариера, со цел да ги одвратат недисциплинираните туристи. Жителите на Фуџикавагучико ги обвинуваа странските туристи за фрлање отпад и нелегално паркирање додека ја барале „совршената фотографија“.
Јапонија не е единствената земја што се обидува да се справи со прекумерната туристичка гужва. Во понеделникот, италијанските власти воведоа такса од две евра за пристап до просторот за разгледување на Фонтаната Треви, која претходно беше бесплатна. Властите велат дека наплатата ќе помогне во регулирањето на бројот на туристи и во обезбедувањето средства за одржување на споменикот. Во Венеција, пак, еднодневните посетители кои сакаат да го посетат градот во одредени денови меѓу април и јули ќе треба да платат пет евра ако резервираат однапред, или десет евра ако резервираат во последен момент.


