Јанша: По повик од Мицкоски пративме помош за Македонија, во рамки за механизмот на ЕУ за цивилна заштита

Премиерот на Словенија, Јанез Јанша / Фото: МИА

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, во објава на „Твитер“, се дообјаснува за контекстот во кој е испратена помошта од неговата земја за македонското Министерство за внатрешни работи.

Откако вчера Владата на Словенија и Министерството за одбрана соопштија дека помошта што стигна во петокот е испратена на барање на Северна Македонија, во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и како дел од координацијата на сојузниците во НАТО, што не се совпаѓаше со верзијата што јавно ја пласираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека помошта доаѓа на негово барање, премиерот Јанша денеска вели:

„Веднаш по повикот од Христијан Мицкоски, кој ја извести Владата на Република Словенија за крајно лошата состојба во Македонија со коронавирусот, ги поврзавме Министерството за одбрана на Словенија и Министерството за внатрешни работи на Македонија и во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, испративме помош на пријателска држава. Во исто време, лично повикав некои од лидерите во ЕУ да не ги забораваат државите од Западен Балкан.“

Притоа, Јанша ја споделува објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од 3 април во која тој вели дека лично побарал помош од словенечкиот премиер.

Денешната објава на Јанша доаѓа по вчерашните известувања од словенечката влада и од Министерството за одбрана, во кои се велеше дека помошта е на барање на Северна Македонија.

Словенија во петокот донираше по сто илјади маски и ракавици во вредност од околу 110 илјади евра, а помошта на скопскиот аеродром ја прими министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот