Извештајот на Европската комисија од 2 до 4 март

Европска комисија / Фото: Архива

Извештајот треба да биде усвоен на состанокот на еврокомесарите, кои имаат средба в среда на 4 март.

Извештајот за напредокот на Северна Македонија и Албанија се очекува од 2 до 4 март, а идејата е Европската комисија да излезе со него кога сите земји-членки ќе бидат позитивни за давање зелено светло за датум за почеток на преговори со Унијата, потврдија за МИА дипломатски извори од Брисел.

Извештајот треба да биде усвоен на состанокот на еврокомесарите, кои имаат средба в среда на 4 март.

ЕК сака земјите членки да бидат позитивни и затоа извештајот се подготвува детално и внимателно, велат дипломатските извори, но додаваат дека сепак последниот збор за двете земји ќе биде на Советот за општи работи, кој се одржува два дена пред Самитот кон крајот на март.

Премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Брисел каде учествуваа на донаторската конференција „Заедно за Албанија” имаа средба со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, која меѓудругото им го честиташе донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и сите други реформски закони донесени пред распуштањето на Собранието.

Претстојниот извештај на ЕК бил исто така тема на средбата, на која, како што соопшти Владата било оценето дека се очекува со овој извештај и со новата методологија да се направи чекор напред во прогресот на интеграцијата на Северна Македонија.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека ако резултатите од извештаите на Европската комисија за Северна Македонија и Албанија се позитивни, тој ќе поддржи почеток на преговори со овие земји за влез во ЕУ.

–Го очекуваме извештајот во март, во зависност од тоа дали резултатите се позитивни и дали е воспоставена доверба, ние ќе бидеме во состојба да ги почнеме преговорите, истакна Макрон на Минхенската безбедносна конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот