Изложба „Ателје, радоста на сликањето“ на Рубенс Корубин

Академскиот сликар Рубенс Корубин веќе долг низ години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата.

Уметноста на Корубин сведочи за исклучителната способност за прикажување на ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Тој е романтичен сликар што ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи што го сочинуваат нашиот свет.

Изложбата на Рубенс Корубин предизвика огромен интерес на ликовната јавност, а пред присутните се обрати и министерот за култура Хусни Исмаили, кој истакна дека Корубин со својот исклучителен и уникатен израз остави силен печат во македонската современа ликовна уметност, но и во нејзината промоција и афирмација во меѓународни рамки, а интересот за неговото творештво е потврда дека предизвикот за дијалог со неговите дела продолжува.

На изложбата „Ателје, радоста на сликањето“ се прикажани 80-ина дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, работени во техника акрилик на платно, масло на платно и комбинирана техника, настанати во последните неколку години, како и повеќе постари дела.

Во просторот на Чифте амам, каде што е поставена изложбата, на 16 октомври Рубенс Корубин имаше средба со студенти од повеќе уметнички факултети и академии, кои непосредно и изворно се запознаа со неговото ликовно творештво и начинот на кој ги создавал сопствените дела. Зборувајќи за делот од изложбата каде што е претставено неговото ателје, Корубин рече дека со секое влегување во ателјето чувствува трансформација на сопствената личност. Во однос на процесот на создавање на сликите, тој објасни дека почнува со апстрактни идеи, кои подоцна завршуваат со класична сликарска фигурација.

Дел од поставката е и штафелај што го користеле три генерации сликари – Миле, Рубенс и Михаил, што ја потврдува емотивната поврзаност на делата со уметничкото творештво. Во однос на образовниот процес на ликовните факултети и академии, Корубин нагласи дека образованието е само почетна точка од која студентите ќе продолжат индивидуално да се надградуваат и развиваат, а дека е неопходен и многу значаен менторскиот пристап на професорите во пренесувањето на знаењето кон студентите.

Рубенс Корубин е роден во Прилеп во 1949 година. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Белград 1974 година. Во 1976 година завршил постдипломски студии во Белград, во класата на Младен Србиновиќ. Во периодот 1977-79 остварил студиски престој во Париз, кај професор Јанкел, а од 1986 до 2012 работи како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1975 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот