Изборен спор

Ако нашава држава не се стабилизира пред летово, не добие стабилна политичка влада, не се смират политичките тензии, не се зафати со решавање на финансиската криза, која тивко веќе се подготвува за експлозија, тогаш овие непрокопсани лидери нѐ водат во уште потешка политичка криза, која наесен ќе прерасне во институционална.

Нема консензус помеѓу политичките лидери за изборен ден. Не, бре, луѓе, лажат. Не е тоа работава. Нема консензус за тоа кој ќе ја лапне власта. Ех, да беше господин Заев добродушен и на господин Мицкоски да му понудеше „усогласено“ примопредавање на главната канцеларија во „шампитата“ на Илинденска, колку брзо и лесно ќе се договореа… за датум немаше да има збор. Каква пандемија, какво здравје на граѓани?!

Работава е како да ја зграбат власта! Ако на г. Мицкоски му беше толку до здравјето на граѓаните, зошто не повика на одлагање на изборите кога почна пандемијата, туку како „сивоња“, кога цел свет одлагаше сѐ што може, тој бараше избори. Откако го „потепа“ јавноста, се сети дека има пандемија и почна да глуми загрижен за здравјето на луѓето. Во меѓувреме имаше една неславна акција „Утепај го гласникот“, се нафрли на Филипче, а кога разбра колку се самоуби, и таа акција му пропадна. Само за тоа нема да пишувам, да не испадне дека го бранам Филипче. Иако заслужува честитки за сработеното во пандемиското македонско поглавје.

Заев зборува за тоа како Груевски бил многу „одлучен“, не се консултирал со опозицијата и носел одлуки како што сакал. Демек така можел и тој!? Чекај малку! Па, нели за тоа го сменивме?! Или не беше за тоа?! Заев треба да знае дека не треба да донесе одлука за избори зашто така правел и Груевски, туку дека така налага законот! Законот! Уставот! Се сеќава некој дека во земјава, покрај тој нај-над-уставен лидерски „собор“, постојат закони и Устав? Просто е како грав. Изборите беа легитимно почнати. Одложени со законско решение – уредба на Влада во вонредна состојба, до завршување на причината за вонредноста. Штом прогласиме редовна состојба, согласно со закон и Устав, продолжуваме каде што застанавме! И точка! Не зашто Груевски така правеше! Не! Тој баш обратно се правеше! Сѐ спроти закон и Устав! Мицкоски нека си тера по заповед на г. г. Груевски, ама остатокот од политичката јавност нема право на тоа! Толку за Заев!

Драги пријатели, лидери на политички партии, народот е разумен и тој дава и зема власт! Како ќе каже народот, така ќе биде. Не може да има избори кога некому му одговара според анкетите. Анкета и желба за власт е едно, ама државен интерес е друго. Државата има обврска да ги заштити животот и имотот на граѓаните. Ако нашава држава не се стабилизира пред летово, не добие стабилна политичка влада, не се смират политичките тензии, не се зафати со решавање на финансиската криза, која тивко веќе се подготвува за експлозија, тогаш овие непрокопсани лидери нѐ водат во уште потешка политичка криза, која наесен ќе прерасне во институционална. Ако згора на тоа, не зафати нов бран на вакви или такви корони, тогаш ќе имаме потреба од надворешна интервенција за да ни преживее народот. Дали тогаш болниве за власт ќе понесат одговорност? Дали се свесни дека ќе нема со што да владеат? До тука ќе е со оваа наша епизода! Нејасно е како не ја разбираат сериозноста на ситуацијата? Уште понејасно е како некои граѓани не согледуваат што им прават овие „загрижени“ лидери!

Одлуката е, да се дејствува во насока на целосна стабилизација на нашата држава. Пред сѐ политички и економски. Нема шанса да профункционира економијата во услови на перманентна политичка криза. Невозможно е! Секогаш постоеле и постојат предуслови за економски развој. Да ги создадеме, значи политички земјата да ја стабилизираме. Кој може тоа да го направи? Само народот! Преку избори. Тогаш нема бегање, одиме на избори! Народот мора да пресече, а потоа политичарите да ги спроведат народните заповеди!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот