Истражување: Европејците чувствуваат полза од ЕУ, но бараат промени и масовно ќе гласаат

Изборите ќе се одржат во јуни 2024 година - Илустрација Profimedia

Европејците и понатаму го вреднуваат членството во Европската Унија и се прилично оптимистички расположени за иднината на Унијата. Убедливо мнозинство велат дека ЕУ има силно влијание врз нивниот секојдневен живот, се наведува во заклучокот на истражувањето

Стабилно и убедливо мнозинство жители на членките на Европската Унија чувствуваат дека нивните земји имаат полза од Унијата, но бараат поактивни промени и масовно ќе гласаат на изборите за европратеници во јуни. Ова го покажуваат резултатите од обемното истражување „Парлеметер 2023“ на организацијата Евробарометар спроведено точно половина година пред европските избори.

– Наспроти влијанието на комплексниот геополитички и економски контекст врз животите на граѓаните, Европејците и понатаму го вреднуваат членството во Европската Унија и се прилично оптимистички расположени за иднината на Унијата. Убедливо мнозинство велат дека ЕУ има силно влијание врз нивниот секојдневен живот – се наведува во заклучокот на истражувањето. Притоа се забележува дека приоритетите за граѓаните речиси и да не се менуваат од избори до избори – борбата против сиромаштијата и социјалната ексклузија, јавното здравство и климатските промени остануваат на првите три места.

Анкетата покажала дека се зголемил процентот на граѓани што веќе сега се решени да гласаат на изборите што ќе се одржат од 6 до 9 јуни в година. Повеќе од една половина (57 отсто) веќе се интересираат за европските избори, а 68 отсто велат дека ќе гласаат. За споредба, спроти минатиот циклус во 2019 година, 59 отсто од граѓаните биле решени да гласаат шест месеци пред изборите.

Дури 73 отсто од граѓаните изразиле стравување дека в година ќе се намали нивниот животен стандард, а 47 отсто се изјасниле дека стандардот веќе им паднал. Повеќе од една третина се изјасниле дека понекогаш имаат тешкотии да ги платат сметките, но процентот варира од членка до членка на ЕУ. На пример, дури 86 отсто од граѓаните на Грција рекле дека не можат или имаат тешкотии редовно да ги плаќаат сметките, а само 8 отсто во Данска или 7 отсто во Шведска имаат таков проблем. Само 13 отсто се изјасниле дека очекуваат по една година да имаат подобри услови за живот.

Оптимисти за иднината

Наспроти стравувањата, дури 60 отсто се изјасниле дека се оптимисти за иднината на целата Европска Унија. Овој процент е уште поизразен меѓу младите испитаници, на возраст од 15 до 39 години. Очекувањата се позитивни во сите земји, освен во Франција, каде што 46 отсто изразиле оптимизам, а 49 отсто песимизам.

Опстојувањето во период на големите кризи како пандемијата и војната во соседството, ја засилило довербата во Европската Унија. На Унијата позитивно гледаат 45 отсто од граѓаните, а само 17 отсто негативно. Речиси две третини сметаат дека членството во Унијата е добро, а речиси три четвртини дека е и полезно за нивните земји. Огромно мнозинство од граѓаните на Литванија (94 отсто), Ирска (93 отсто), Луксембург (93 отсто) и Малта (92 отсто) се убедени дека нивните земји имале полза од членството во ЕУ, а најразочарани се државјаните на Австрија (55 отсто), Италија (57 отсто) и на Бугарија (57 отсто).

И Европејците тешко врзуваат крај со крај – Фотографија ЕПА, Роналд Витек

На барањето да објаснат каде ја гледаат ползата, мнозинството ги посочиле „придонесот за задржување на мирот и засилување на безбедноста“ и „подобрување на соработката со другите членки“.

Истражувањето било спроведено во периодот помеѓу 25 септември и 29 октомври, а според методот лице во лице биле опфатени 26.523 луѓе во сите 27 членки на Европската Унија. Бројот на испитаници од секоја земја соодветствувал на вкупното население.

Спротивставени ставови за проширувањето

Низ Европа слабее ставот дека ЕУ треба да ги забрза напорите за прием на нови членки. Кога ова анкетно прашање првпат било поставено во пролетта 2022 година, по руската инвазија врз Украина, 58 отсто од граѓаните се изјасниле дека се за забрзано проширување, а денес 53 отсто се за побрз прием на нови членки. Просечните вредности не ги отсликуваат спротивставените ставови на жителите на членките на ЕУ. Во Литванија, на пример, дури 72 отсто се за забрзано проширување, а во Чешка само 37 отсто.

Демократијата, човековите права, па слободата на говорот

На прашањето која од вредностите најсилно треба да ја бранат европските пратеници, најмногу испитаници ја посочиле демократијата, дури 38 отсто. Изедначени на второто место со по 27 отсто се човековите права во Европската Унија и во светот и слободата на изразување и на мислата. Следуваат владеењето на правото, половата еднаквост, солидарноста меѓу членките, човековото достоинство, односно забраната на смртната казна, мачењето и ропството, а дури на осмото место е почитувањето на националните идентитети, култури и традиции на членките.

Најмалку испитаници се изјасниле дека Европскиот парламент најсилно треба да ги брани слободата на верско убедување и правото за барање азил од кривично гонење.
Одбраната на демократијата е посочена како приоритет во 12 земји, најмногу во Германија (56 отсто) и во Шведска (54 отсто), а најмалку во Бугарија (25 отсто), во Словачка (23 отсто) и во Хрватска (20 отсто).

Борба против сиромаштијата и подобро здравство

Борбата против сиромаштијата и социјалната ексклузија, како и подобрување на јавното здравство се приоритетните барања на европските граѓани до идните европски пратеници. Ова го бараат една третина од Европејците, додека за по 29 отсто приоритет треба да биде борбата против климатските промени и поддршка на економијата заради создавање нови работни места.

Но, најголем скок во споредба со претходните испитувања е барањето за решавање на проблемот со миграцијата. Овој проблем сега е приоритетен за 3 отсто повеќе граѓани во споредба со пролетта, односно за дури 7 отсто повеќе во споредба со лани.

Интересот за гласање на изборите во јуни е стабилен, 57 отсто, речиси идентичен како и пред шест месеци, но за дури 6 отсто повисок во споредба со периодот спроти изборите во 2019 година.

На прашањето дали би гласале ако изборите се одржат сега, две третини одговориле потврдно – најмногу во Данска (86 отсто), а најмалку во Чешка и во Кипар (по 50 отсто).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот