Истражување: Протестите против епидемиолошките мерки во Германија продуцираа до 21.000 новозаболени со ковид-19?

Фото: EPA-EFE/ALEXANDER BECHER

Големите протести против епидемиолошките мерки во ноември во Германија предизвикаа значително забрзување на ширење на ковид-19 во земјата, покажа заедничката студија на Институтите во Берлин и во Манхајм.

Поради протестите на кои десетици илјади граѓани ги прекршија епидемиолошките мерки, со коронавирус до Божиќ се разболеле меѓу 16.000 и 21.000 Германци, утврдија во заедничко истражување Хумболд-Универзитет од Берлин и Институтот за економски истражувања ЗЕВ.

Првиот протест беше во Лајпциг на 7 ноември, а уште помасовен беше оној во Берлин на 18 ноември.

Во заедничкото соопштение на Хумболд и на ЗЕВ се наведува дека илјадници луѓе патувале на протестите од помалите околни градови и окрузи, истражувачите ги проучувале и автобуските мрежи што ги користеле Германците и, конечно, односот на можно зголемување на инциденцата на инфекција меѓу граѓаните што живеат во овие делови на Германија во споредба со остатокот од земјата.

Медиумите ширум светот на 18 ноември објавија дека вкупниот број на смртни случаи од ковид-19 во Германија на тој ден бил 13.119 и оти епидемијата во земјата сè уште не била ни приближно толку разгорена како што беше потоа, па за 16 германски провинции важеше само делумно заклучување.

– Седумдневната инциденца (зарази со коронавирусот) по демонстрациите значително се зголеми во оние области што одржуваа автобуски линии, отколку што беше случај во онаму каде што ги немаше, се вели во соопштението на Хумболд и ЗЕВ.

Станува збор за пораст на седумдневната инциденца на коронавирус од 40 случаи на секои 100.000 жители, што според соодветната пресметка доведува до меѓу 16.000 и 21.000 нови случаи до Божиќ како директен резултат на двата протести во Лајпциг и во Берлин во ноември.

Во соопштението се вели дека анализата на Универзитетот Хумболд и ЗЕВ за првпат го квантифицирала конфликтот во целите меѓу ограничувањата на правото на лични слободи и мерките за јавно здравје за заштита на населението од епидемијата.

Научникот од ЗЕВ и еден од авторите на истражувањето, доктор Мартин Ланге, ги коментираше резултатите.

– Подвижното малцинство што не ги почитува хигиенските правила може да претставува значителен ризик за сите во својата околина, истакна тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот