Историски рекорд на Државниот рецитаторски натпревар – најголем број учесници досега

unsplash

Постигнат е историски рекорд на Државниот рецитаторски натпревар во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература – организацијата со најдолга традиција во организирање натпревари од областа на македонистиката за ученици од основните и средните училишта во државата. За натпреварот што се одржа вчера, огромен интерес искажаа училишта од сите општини во државата, со учество на над 120 ученици, по претходна селекција од училиштата со избор на најмногу двајца најдобри рецитатори од едно училиште. Најдобрите млади рецитатори, вчера интерпретираа поезија на Ацо Шопов, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Васил Пујовски и Владимир Мартиновски. Во салите на „Синеплекс” во „Скопје Сити Мол” ечеше македонската поезија.

Како што во своето обраќање истакна претседателот на Сојузот, проф. д-р Трајче Стамески, целта не е само да се поттикне посветеноста на македонската поезија, туку и да се охрабрат младите таленти. Да се вреднуваат и поттикнуваат правилната употреба на јазичната норма, сообразната интонација, почитувањето на версификациските правила и другите критериуми што беа земени предвид при оценувањето од стручните комисии. Затоа, на годинешниот натпревар беа доделени и повеќе награди во сите категории. Но, она што особено радува, како што истакна претседателот Стамески е што повеќе учесници покажаа забележливи резултати, и тоа мораше да биде вреднувано, како поради учениците, така и поради менторите. Покрај упатувањето честитки до наградените, тој ја искажа и подготвеноста на Сојузот за натамошни вложувања во развивањето на овој натпревар со голема традиција и со исклучителна важност.

Наградените ученици добија и парични награди, со поддршка од „Скопје Сити Мол”, каде што се одржува манифестацијата „Денови на поезијата” во организација на повеќе институции и организации меѓу коишто е и Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература. На сите учесници на натпреварот им беа доделени и благодарници од Сојузот.

Сојузот продолжува со своите активности и во текот на следниот месец ќе се одржи Регионалниот натпревар по предметот Македонски јазик, односно Македонски јазик и литература за основно и средно образование, по што ќе следи и Државниот натпревар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот