Искрено со Јован Јованов: Се разделивме со сопругата, но сѐ уште сме најдобри другари и бизнис-партнери

Фото: Приватна архива

За себеси вели дека секогаш повеќе се посветувал на работата како автор за други пејачи, отколку на самиот себе како пејач, иако секогаш кога ќе го видите Јован Јованов, асоцира на големиот хит „Магија“. Познатиот Џеј Џеј веќе девет години не живее во Македонија. Во 2014 година со семејството прво замина во Америка, а потоа во Канада, и сега, освен музичката продукција, разви друг успешен бизнис во Торонто, фотографско студио каде што има неколку вработени од Скопје. Деловен партнер во студиото му е Николина, неговата поранешна сопруга. За нивната разделба, Јован за првпат јавно зборува за „Слободен печат“ и вели дека тие освен што се деловни партнери, се и најдобри другари, без оглед на тоа што повеќе не се во љубовна релација. Заедничка љубов им е 10-годишната ќерка Малеа, која ја наследила нивната креативност.

Освен музичкиот, веќе извесно време си активен и со друг бизнис, студиото „Ивори“ очигледно дека добро работи. Што точно се работи во ова студио?

– Пред неколку години со Николина отворивме фотографско студио. Последниве година и пол доста го развивме и сме едно од најпознатите студија во Торонто за сликање. Имаме неколку фотографи, едитори, како и неколку вработени од Скопје, кои работат на букирање клиенти преку социјални мрежи, телефон и имејл-адреси. Планираме наскоро да отвориме и друга локација.

Фото: Приватна архива

Во Македонија беше минатата година, како дел од организацијата на „Макфест“. Како ти се чини македонската музичка сцена сега, се оди ли напред, се следат ли светските трендови на кои ти секогаш внимаваш во твојата музика?

– Бев во уметничкиот совет на „Макфест“ минатата година. Со Роберт Саздов пробавме да донесеме некои промени. Тешко беше и треба уште многу да се работи на „Макфест“ и главно на македонската музика. Неопходна е модернизација на „Макфест“. Не само во музиката, во целиот пристап. Застапеност на социјалните мрежи, вклучување познати јавни фаци што имаат следбеници, споделување што повеќе објави. Порано беше престиж директниот пренос на „Макфест“ да го гледаат што повеќе луѓе. Сега е престиж што повеќе објави да се споделат од „Макфест“ на Инстаграм и на Фејсбук. Повеќе песни да имаат гледаност на Јутјуб. Младите да пеат и да играат на песните на Тикток. Само така новите песни ќе одбележат едно време. Оваа година имавме огромна застапеност на социјалните мрежи во споредба со минатата. Гледаноста на Јутјуб драстично се зголеми и „Макфест“ го официјализираше јутјуб-каналот. Среќен сум што од „Макфест“ излезе еден мегахит како песната „Бела“, која има повеќе од 15 милиони прегледи и стана балкански хит. А среќен сум што учесниците главно беа задоволни и не почувствуваа притисок од наградите, туку се потрудија да настапат во најдобро светло.
За македонската естрада, со чест на исклучоци, можам да кажам дека 90 отсто од македонските автори и изведувачи не следат што се случува со музиката главно во светот и на Балканот, не се трудат да следат некој тренд. Работат во нивната комфор зона. Тоа што го научиле години наназад, тоа сакаат сѐ уште да го прават. Музиката се менува секоја година и ако не ја следиме, нема новите генерации да нѐ слушаат. Живееме во време кога младите можат да изберат да слушаат што сакаат, а не што им се сервира во медиумите. А кога прават избор, пред себе ги имаат сите најдобри изведувачи во светот. А за да изберат да слушаат македонска музика, нашите изведувачи и песни треба да се на тоа ниво.
Јас дури и бев изненаден како некои автори буквално не се ни „замараат“ во кој правец прават музика. Едноставно прават некоја песна колку да се направи, а се чудат зошто македонската публика не слуша македонска музика. Кога ќе им дадеш пример дека песната треба да е во стил на некој моментален интернационален хит, што е најтрагично, не ја ни гледаат разликата. Мислат дека и нивната е таква.

Отворено си знаел и знаеш да дадеш поддршка на млади македонски изведувачи. Работиш ли музика за некој од нашите пејачи, имаш ли удел и во работата на брат ти Иван, кој е успешен продуцент?

– Јас сѐ уште давам поддршка на многу наши нови изведувачи, а многумина наши познати изведувачи се консултираат со мене. Точно сакам да помогнам ако можам. Не сум посветен како автор многу, заради мои други обврски и цели, но ако добијам простор, нормално дека би направил нешто. Драго ми е што брат ми стана еден од најдобрите музички продуценти и дојде до израз. Секогаш сум тука за консултација, одлука, доколку му треба мое мислење и совет.

Јован Јованов и брат му Иван/Фото: Приватна архива

До каде си со твојата авторска музика во Канада, можеш ли за себеси да кажеш дека си познат и успешен на тамошната сцена?

– Благодарам на прашањето, но не можам да кажам дека сум познат (се смее). Запознав доста луѓе од музичкиот свет. Канада може изгледа како голема држава, но музичката сцена е далеку послаба од американската. Дури и канадските изведувачи што ги знаете и вие, како Џастин Бибер, Дрејк, Д Викенд и други, успеале на глобално ниво поради американските музички компании и поголемиот успех го направиле во САД. Желбата на сите нови изведувачи и автори во Канада е како да направат контакти во САД.

Во еден разговор ми спомена дека студиото партнерски го работиш со твојата поранешна сопруга. Може ли да опстои пријателство и заеднички бизнис и по крајот на бракот, како е во вашиот случај?

– Јас и Николина љубовно не сме заедно со години, но добро функционираме како бизнис-партнери. Едноставно може да се функционира доколку имате разум, знаете да разграничите што се приоритети во животот. Нормално дека би правел бизнис со неа зашто ѝ верувам, зашто ми е најголема поддршка и најдобар другар. Заедно дојдовме во Канада, ме знае многу добро, а и јас неа. Ја имаме Малеа и тоа е нешто што ќе нѐ поврзува цел живот. Сѐ што градиме и создаваме, го правиме за неа. Затоа, разумни луѓе што ја гледаат големата слика на животот, не гледам причина да не се дружат или да не работат заедно само поради тоа што не спијат заедно.

Ниту еднаш немаш споменато во јавноста дека се разделивте со Николина. Дали можеби животот во Канада те смени како човек во смисла да си гледаш своја работа и да не те интересираат озборувањата?

– Сите озборувања за мене биле од професионален карактер и секогаш за јавноста била мојата кариера во предност. Приватниот живот бил за моите блиски другари. А за оваа тема никој не ме ни прашал. Животот во Канада ми даде слобода да правам што сакам зашто никој не ме познава на улица (хаха), а главно луѓето овде се фокусирани на своите животни цели и не се „замараат“ со животот на другите.

Како е вашата ќерка, за што е талентирана? Препознаваш ли и музички талент кај неа?

– Супер е, знае што сака и прави тоа што ја прави среќна. Понекогаш си велам – како јас не бев таков како мал. Се сеќавам кога растев, правев многу работи што не ги сакав само да ги задоволам родителите или другарите. Не изразува желба за музика. Иако доста интонативно пее, повеќе сака дизајн. Црта, дизајнира на својот таблет и лаптоп.

Со Елвир Мекиќ останавте најдобри пријатели и кумови и покрај тоа што тој живее во Сараево, а ти на другиот крај од светот. Која е најдобрата работа што Елвир ја направил за тебе и обратно?

– Драго ми е што сме пријатели повеќе од 20 години, добри другари и кумови. Можам да кажам дека Елвир е еден од најлојалните луѓе што сум ги запознал во мојот живот. Ако не и најлојален. Ми фали дружењето со него и креирањето песни. Животот нѐ одвои, но сме често во контакт.

Јован Јованов и Елвир Мекиќ/ Фото: Принтскрин/Јутјуб

Слаткаристика не пропушта да те спомене во многу интервјуа, секогаш вели дека ти е благодарен за неговите почетоци. Каков е случајот со другите што почнале да градат кариера со тебе како автор и менаџер?

– Многу изведувачи почнале со мене, тоа е факт, или барем на некаков начин сум им помогнал. Јас сум му најблагодарен што ми ја даде довербата и, ете, заедно изградивме една историја. Марко е еден од ретките што знае да цени и затоа секогаш ќе има многу значајно место во мојот живот. Главно кај нас артистите забораваат кога си им помогнал, а биле на почеток. Слаткар дефинитивно не е еден од нив.

Гледавме твои фотографии од посетата на Португалија, работиш ли сега и за европскиот пазар?

– Ех, не планирам во Португалија да работам. Си бев на шетање (се смее).

Дали уште сонуваш да се преселиш во Холивид?

– Не сонувам, туку се мислам…

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ