Интервју со Жељко Бебек: На почетокот со Ружица беше само љубов, а потоа ни се споија световите

Жељко Бебек со сопругата Ружица, синот Звонимир и ќерката Катарина/Фото: Принтскрин/Инстаграм

Старите и верни обожаватели на „Бијело дугме“ велат дека „Дугме“ било вистинското само во времето на Жељко Бебек. Но, познатиот босанско-хрватски пејач е познат како скромен човек и никогаш тоа не го изјавил. Бебек остана легенда, еднакво и во песните на Горан Бреговиќ и во своите соло хитови, а за музиката вели дека ја имал таа среќа да остане негова професија. Иако е познато дека е роден во 1945 година и во декември лани наполни 77 години, тој е енергичен и полн со елан, а квалитетот и уникатноста на вокалот останаа негово обележје и денес. Среќен е со 34 години помладата Ружица, неговата трета сопруга со која ги има синот Звонимир и ќерката Катарина. Утре вечер и в среда, Бебек во организација на „Авалон продукција“ ќе одржи два концерти во Скопје, во Филхармонија, со својот бенд, а со него гитара свири и неговиот син Звонимир.

Жељко Бебек/Фото: Принтскрин/Инстаграм

Со браќата Тавитјан и Гарабет Тавитјан испеавте обработка на македонската народна песна „Јовано Јованке“. Кои други македонски песни ви се драги и какви сеќавања носите од времето кога ја пеевте „Јовано“?

– Многу ми се допаѓа македонската етно-музика и секогаш со задоволство слушав македонски уметници. Мојот драг пријател Гаро Тавитијан и неговите синови ме поканија пред десет години да им гостувам на еден од нивните ЦД-проекти. Така се роди нашата соработка во таа прекрасна традиционална песна. Тоа е поврзано и со неколку концерти. Навистина уживав во нив.

Свирењето гитара и почетокот на професионално занимавање со музика е остварување на Вашиот сон, има ли други животни и професионални соништа кои сѐ уште не Ви се исполниле?

– Ништо не би менувал. Ѝ благодарам на музиката што ми го разубави животот. Кога би требало повторно да изберам како да живеам, повторно би ја избрал истата насока.

Фото: Принтскрин/Инстаграм

Како функционирате со синот Звонимир кој свири во Вашиот бенд? Дали успевате да поставите граници и авторитет како лидер на бендот?

– Во овој момент од мојата кариера ми се случува најубавото можно нешто, а тоа е заедничко музичко патување со мојот син. Ете како музиката ме доведе до тоа големо задоволство.

Жељко Бебек со синот Звонимир/Фото: Принтскрин/Инстаграм

Вашата сопруга Ружица е Ваша поддршка повеќе од 25 години. Кога се запознавте, веќе бевте голема рокенрол ѕвезда, дали тогаш една многу млада девојка успеа да Ве скроти, на кој начин Ве промени Ружица?

– На почетокот имаше љубов, потоа ни се споија световите па се случи музика. Жената, мајка-кралица, влезе во нашата заедничка работа. Сега сме тројца во мојата музика. За ова детално пишува во мојата книга „Автобиографија“.

Жељко Бебек со сопругата Ружица/Фото: Принтскрин/Инстаграм

Дали некогаш метафорично сте „испиле половина кафеана“, како што велите во песната, и дали во младоста повеќе сте страдале поради љубов или девојките страдале по Вас?

– Младост – лудост. Во овие педесет години кариера имаше сѐ и сешто, но најмногу музика.

Што правите кога не правите ништо, како ја одржувате виталноста и енергијата?

– Отсекогаш сум ја сакал рекреацијата. Ова вклучува спорт на скии во зима и на море во лето. Семејството е сè за мене. Затоа најмногу им се посветувам на Ружица, Звоне и Катарина. Ова нѐ прави сите среќни, во добро и во лошо.

Жељко Бебек со сопругата Ружица, синот Звонимир и ќерката Катарина/Фото: Принтскрин/Инстаграм

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот