ИНТЕРВЈУ со равенки со Ана Јовковска: Сакам да работам со верба дека она што го правам создава позитивни промени

Ана Јовковска (Фотографија: Александра Костадиновска)

Новата книга „Сакам, значи постојам“ на Ана Јовковска, која ќе биде промовирана на 5 февруари во Кафе „Ли“, ги открива посебниот сензибилитет на авторката и нејзиниот импулсивен мисловно-чувствен калеидоскоп.

Првите две книги „Пулсот и времето“ (2015) и „Ехо на слободата“ (2018) новинарката Ана Јовковска ги создаде со размисли, ставови и идеи на дел од нејзините соговорници во многубројните интервјуа направени во времето на ТВ-емисијата „Пулс“. Со третата книга „Сакам, значи постојам“ авторката одлучила да тргне во храбро духовно патување од и кон себеси.

Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, специјалист за односи со јавност и промоција, тренер за комуникациски вештини и личен и професионален развој, активистка и хуманистка. Авторка и продуцентка е на дебатната емисија „Пулс“, којашто се емитуваше од 2007 година во најгледаните термини на телевизија, за што неколкупати е наградувана за најдобар ТВ-проект во Македонија. Нејзините почетоци како ТВ-лице се од 1994 година и низ дваесет и пет години континуирана работа во различни медиуми направила повеќе од 1.500 интервјуа, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.

Покрај фрагментите откинати од срцето и искрените исповеди за животот, љубовта, болката, слободата, емпатијата, родителството, дискриминацијата, егото и интегритетот, книгата „Сакам, значи постојам“ на Јовковска изобилува со текстови, колумни, поетски везови, цитати и куси прози кои гласно зборуваат и за неправдата во светот, за лицемерието на политичкото, за сиромаштијата на духот, за консумеризмот, за активизмот како болка во стомакот, за проституцијата на уметноста, за културата на шопинг-центри или со еден збор – за потребата овој комплициран свет да се спаси со љубов и добрина.

Рецензентката на книгата проф. д-р Ана Мартиноска, меѓу другото, забележала дека „Јовковска е одличен набљудувач и темелен промислувач на светот во нас и околу нас, но она што ја издвојува е дека мошне храбро загризува во болните теми на времето во кое живееме, од неверството и хедонизмот, сиромаштијата и дискриминацијата, технологијата и општествената одговорност, човековите права и феминизмот, преку мудроста на побелените коси и внатрешните простори на човековата душа, па сé до мелницата на денешното живеење, консумеризмот и етикетите на душите“.

Разговорот што го направивме со Ана Јовковска има наднаслов „интервју со равенки“ не затоа што таа никогаш не ги сакала равенките, туку затоа што креативниот процес на пишувањето на книгата инспирираше поинаков пристап во читањето на нејзиното дело.

Во воведниот текст во книгата на едно место стои – Мајка на „Сакам, значи постојам“. Книгата се роди од внатрешна потреба или низ борба со општествената реалност?

– Како да ги исклучам овие две струи? Внатрешната потреба не е изолиран остров од заедницата, колективот или, како што велите, општествената реалност. Ние постоиме во релација со другите, со семејството, со љубените, со природата, животните, културата, политиките, па дури и со нашите непријатели. Да ви одговорам најпрецизно – „Сакам, значи постојам“ се роди од мојата потреба да си одговорам себеси на круцијалните прашања за човековата егзистенција – љубовта, слободата, болката, родителството, егото, интегритетот, револуцијата, неверството, човековите права, емпатијата… а со тоа и да се поврзам со луѓето, со нашите психолошки лавиринти, со сличните родителски дилеми, љубовни проблеми, политички разочарувања и современи животни предизвици.

Мотивациска книга, напишана во прво лице еднина. Дали така треба и да се чита?

– Јас правам разлика помеѓу мотивација и инспирација. Мојата нова книга претендира да оди подалеку од мотивациските флешеви на новото време и да инспирира промена на подолг рок. А промената почнува од себе! Живееме во технолошка пресвртница што создава т.н. „булимично читање“ на социјалните мрежи, што пак нè оддалечува од книжевноста и нејзиниот прекрасен, старомоден сјај. „Сакам, значи постојам“ си игра со различни жанрови и тоа ја прави храбра, а питома книга. Насловот го изведов од познатата максима на таткото на современата филозофија, Рене Декарт – „Мислам, значи постојам“, овој пат во модифицирана и „женска“ верзија – „Сакам, значи постојам“, како стапица за можностите што ги создаваме кога нешто сакаме со целото срце и ум. САКАМ, во овој случај излегува од бесконечниот круг на ЉУБАМ и се шири со брзина на светлината кон кругот на МОЖАМ. Како треба да се чита не знам, но знам дека сакав да создадам книга која ќе поттикне на интимна, романтична и предизвикувачка борба да се биде подобрата верзија на себеси.

Духовно патување кон себе – каде?

– До најдлабоките подруми на потсвеста и душата, за оттаму да се вивнеме до највисоките дострели на духот, срцето и неокортексот. Човек треба да е чувар на својот внатрешен простор.

Екологија на духот – колку природата има врска со тоа?

– Природата има врска со сѐ! За жал, недоволно сме свесни за нашата синергија со природата и за неразделивоста од нејзините матични клетки. Затоа стигнавме до ова дереџе на еколошки катастрофи. Затоа што сме ненаситни, алчни и себични. Природата нè трпи и такви, но фер е да се поправиме. Да сфатиме дека природата ни е сојузник, а не ресурс. Свесните луѓе не живеат од денес за утре. Тие мислат и за генерациите по нив. Но, да се вратам поконкретно на екологијата на духот, тоа меѓу другото е и една од вредностите на невролингвистичкото програмирање, за кое се обучував во изминативе осум месеци. Најпросто кажано – добро за мене, но добро и за сите!

Фотографија: Жарко Чулиќ

Сиромаштијата на духот – како да се сврти тркалото?

– Со едукација. Со поквалитетни медиуми. Со позитивни рол-модели. Со уметност. Со култура. Со добрина.

Бунтовно и храбро со неправдите – што ако на Јустиција ѝ се расипала вагата?

– Ќе си ги смени батериите (се смее). Денешната вага на Јустиција е модерна и „ хај-тек“. А богами денешната Јустиција е и со одврзани очи. Ако се присетиме, очите на оваа римска божица ѝ беа преврзани, со што означуваше дека е непристрасна и дека правдата е еднаква за сите. Арно ама дојде Орвел и нè потсети дека „сите сме еднакви, ама некои од нас се поеднакви“. Како и да е, Јустиција мора редовно да си ги полни батериите, ако сака да расте. Ако не, ќе остане фрустрирана и незрела на дното на проблемите и ќе гледа неправда и онаму каде што ја нема. А онаа неправда, која е врз грбот на обесправените, сиромашните и маргинализираните, мора да се сотре!

Проклетството на „фриленсерите“ – правен лавиринт или бесчувствителност на општеството?

– Секое проклетство има и своја убавина (се смее). За мене фриленсерството кое го практикувам последниве пет-шест години, откако си заминав од телевизија по дваесет (20) години континуирана новинарска работа на ТВ-екраните во три различни телевизии, значи слобода и самодисциплина. Но, фриленсерството кај нас значи и голема неизвесност, стресови, рокови што ненадејно се поместуваат, недостаток од правна заштита, немање социјални и здравствени бенефиции или со еден збор – секојдневна борба!

Фриленсерството ме научи повеќе да се почитувам себеси и да бидам селективна во изборот на работните ангажмани, а од мене секојдневно бара челична волја постојано да запознавам и да се докажувам пред нови луѓе. Во исто време ми „набилда“ самодисциплина и голема издржливост во стресни ситуации, особено кога сум јавно изложена. Она што е неправедно кога си фриленсер(ка) и кога заработуваш за својот леб на овој мал, а брутален пазар, е кога од тебе се очекува волонтерски да прифаќаш голем број ангажмани само затоа што си јавна личност. Тука почнав да ставам црвена линија. Сепак, убавината на ова проклетство е што мора постојано да учиш и да се надградуваш.

Во однос, пак, на обуките што ги држам по комуникациски вештини, јавно говорење, креативно пишување, родова еднаквост, личен и професионален развој, фриленсерството ми дозволува слобода да не бидам врзана со една школа, организација или медиум, туку да работам консултантски со различни клиенти. Мојот ангажман и во списанието „Портрет“ во изминативе четири и пол години, исто така, е хонорарен. Сѐ на сѐ, фриленсерството од една страна е слобода и динамика, од друга страна е стресно, напорно и неизвесно вака оставено без правни регулативи. Сепак, одбирам да бидам „сам свој газда“, подобро отколку да бидам полтрон со пензиско во некој квазимедиум.

Фотографија: Жарко Чулиќ

Ако „сакам“ е „можам“ – што не сакам кога можам?

– Не сакам да работам за каузи што не ми се вредносно блиски. Не сакам да работам исклучиво за пари, туку со мерак и со верба дека она што го правам создава позитивни промени.

Подобар свет – илузија на продуховените или реалност на иднината?

– Не верувам во илузии, само во конкретни акциски чекори. А „продуховените“ не се доволни ако се со главите во облаци, наместо на терен со испотени раце за промени. Зборовите не менуваат, искуството менува.

Слободата – е равенка со н-непознати (многу непознати) или проблем со тривијално (обично, едноставно) решение?

Ова е најтешкото или најлесното прашање за крај? (се смее) Ако сакате математички да ги поставиме работите, тогаш слободата не е равенка, туку аксиома. Во математиката под аксиома се подразбира тврдење чија вистинитост не се проверува. Став што не треба да се докажува, а е основа на секое докажување. Па, така е и со слободата. Слободата има свои принципи. Тие се викаат љубов, верба и истрајност. Но, да не бидам математички досадна (се смее), еве може и вака да ја дефинираме: Слободата е како цреша. Кога ќе ја вкусиш, доживуваш оргазам. Сепак, слободата е одговорност!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 16, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 1-2 февруари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот