Интервју со филмската режисерка Теона С. Митевска: Мојот процес на создавање е, пред сѐ, интуитивен

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска, речиси година и пол по премиерата во официјалната програма на Берлинале 2019, каде што доби две награди, продолжува да се прикажува на филмските фестивали и да добива награди низ светот.

Главни карактеристики на филмовите на Теона С. Митевска се приказните со социјална тематика, специфичната режисерска визија, одличната камера, семејниот принцип на работа заедно со актерката и продуцентка Лабина Митевска и братот Вук Митевски, кој ја прави сценографијата, како и систематичноста во пласирањето на филмските продукти на филмските фестивали и во светската дистрибутерска мрежа.

Нејзините дела, можеби, не се грандиозни филмски остварувања, имајќи предвид дека доаѓаат од мала кинематографија со скромни вложувања во филмската дејност. Но, фасцинираат континуитетот, истрајноста и одговорноста на авторката во реализацијата на филмовите.

По дебитантскиот краток филм „Вета“ во 2001 година, Митевска ги сними филмовите „Како убив светец“ (2004), „Јас сум од Титов Велес“ (2007), „Жената што си ги избриша солзите“ (2012), „Кога денот немаше име“ (2017) и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (2019). Филмските награди се последица на трудољубивоста, истрајноста и силната посветеност на филмската уметност на целото семејство Митевски.

Светската премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска се случи на минатогодишното Берлинале, каде што беше присутен голем дел од екипата што работеше на филмот. Веднаш потоа се одржа и македонската премиера во кината „Синеплекс“ и „Милениум“ во Скопје. Оттогаш филмот беше прикажан на 160 фестивали, доби 38 награди, а со кинодистрибуција е застапен на 43 територии.

Што за филмскиот автор значи таквиот долготраен живот и многупати потврден успех на филмот?

– Интересно е кога ќе го преминеш прагот или, пак, подобро речено ѕидот и одеднаш твоите филмови стануваат финансиски исплатливи (banкable), израз често употребуван во филмската индустрија, што на некој начин е печат што самата индустрија ти го става, со намера да потврди дека си уметник во кој вреди да се вложува. Дистрибутери од индустријата со години ми приоѓаа и ми го велеа следното: Tеона, твоите филмови се важни, јаки и единствени, но едноставно не се „банкабл“ и не знаеме како да ги пласираме на пазарот. Тие зборови станаа мојата најголема фрустрација, посебно бидејќи филмската уметност е скапа уметност и отсекогаш сум чувствувала одговорност кон самиот процес, односно сакав да пронајдам начин моите филмови да бидат пошироко дистрибуирани и видени. Со застапеноста на 43 територии „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е, можеби, најдобро дистрибуиран филм во историјата на македонската уметност. Се разбира дека сум горда на овој факт.

Моите филмови се специфични. Тие, пред сѐ, ја истражуваат филмската форма, интелектуалната стимулација, доживувањето и сензациите се основа на секоја приказна која ја ставам на платно и токму тука лежи трикот, да се остане достоен на својата визија и да успееш да ја допреш пошироката публика. Отсекогаш сум им се воодушевувала на филмски автори, како Педро Алмодовар, Вуди Ален, Ларс фон Триер, Михаел Ханеке, кои успеваат својата специфична визија да му ја наметнат на светот. Верувам дека со „Петрунија“ го успеавме токму тоа.

Наградата „Лукс“ на екипата ѝ беше врачена во Европскиот парламент на крајот од минатата година

Секоја награда е значајна, но можеме ли да кажеме дека наградата „Лукс“ (Lux) добиена од Европскиот парламент беше круна на успехот на филмот?

– Наградата „Лукс“ навистина беше огромно искуство за мене, како и пробив за филмот. На европско ниво таа награда се смета како еквивалент на француската награда за литература „Гонкур“. Не само што добив можност да зборувам пред Европскиот парламент, туку и за време на процесот патував низ европските метрополи и имав можност да се запознаам со огромен број политичари. Тоа ми овозможи да комуницирам токму со оние што директно влијаат врз креирањето на европските културни политики и одеднаш сфатив дека овие луѓе, односно политичарите, исто така, се пасионирани љубители на уметноста како и ние, самите уметници, и не само тоа, одеднаш се најдов на позиција каде што моето мислење беше слушнато. Како никогаш дотогаш во мојот живот имав глас со кој можам да влијаам врз одредени процеси. На пример, како минатогодишен победник оваа година сум во селекционата комисија за наградата „Лукс“. Исто така, сѐ почесто сум дел од многу одлучувачки констелации на европско ниво. Можноста за влијание треба да се искористи паметно и корисно и токму тоа се обидувам да го направам во моментов, да придонесам кон рамноправноста во процесите.

Наградата „Лукс“ ми овозможи да комуницирам токму со оние што директно влијаат врз креирањето на европските културни политики

Филмот обработува современа тематика со силен акцент на социјалниот живот и родовата еднаквост во општеството. Но, и другите Ваши филмови носат социјална драматика. На кој начин како режисер ги селектирате приказните за Вашите филмови?

– Мојот процес на создавање е, пред сѐ, интуитивен. Само кога страстно и потполно ја чувствувам суштината на приказната што би сакала да ја филмувам, само тогаш и можам да го направам токму тоа. Пред неколку години, мислам дека беше по завршувањето на филмот „Жената што си ги избриша солзите“, седнав и размислував во кој правец би сакала да се движам како уметник, што е она што најсилно ја бранува мојата крв и мојата суштина. И токму тогаш одлучив дека жената, еднаквоста и праведноста, односно неправедноста во општеството, се темите што најдлабоко ме возбудуваат. И иако „Кога денот немаше име“ е приказна за шест млади момци/ потенцијални мажи, за мене тоа е длабоко феминистички филм, бидејќи носи приказна што зборува за неможноста на младата македонска генерација да се дефинира себеси поинаку од она што општеството го има одредено за нив, да бидат мачо-мажи. И ако феминизмот го разбереме како движење кое се бори за еманципација, како и создавање поеднакво и порамноправно општество за сите оние кои се обесправени, тогаш дефинитивно тој филм е првиот од мојот таканаречен феминистички опус. Минатата година на филмскиот фестивал во Торино ми направија ретроспектива. Во нивните очи, пак, филмот „Јас сум од Титов Велес“ е почетокот токму на тој мој бран.

Веќе имате пет долгометражни и еден краток филм (Вета, 2001) во Вашето филмско портфолио. Во историјата на македонската кинематографија само двајца автори имаат по шест долгометражни филмови (Бранко Гапо и Милчо Манчевски). Можеме ли набрзо да очекуваме и Ваше шесто филмско остварување?

– Во моментот сме во подготовки на „Најсреќниот човек на светот“, кој воедно ќе биде и мојот шести долгометражен филм. Минатата недела, за време на Канскиот филмски фестивал, многу агенти за продажба го нагласуваа токму тоа, дека на европско ниво нема многу жени режисерки кои успеале да продолжат континуирано да прават филмови. Агнес Варда е една од малубројните примери. Интересно е што ние, жените, по вториот или по третиот филм, за жал, најчесто се откажуваме. Тоа, се разбира, пополека се менува. А тоа што нашата малечка земја Македонија успеала и ѝ дала можност на една жена режисер континуирано да снима филмови е голем плус за нас, а пред сѐ, за Агенцијата за филм и нејзиното раководство. Веќе неколку години тие континуирано поддржуваат женски авторки.

Е сега, самиот факт што на македонско ниво толку малку режисери продолжуваат да прават филмови, за мене е поразителен. Не знам како би се чувствувала кога одеднаш системот би ми забранил да снимам. Слободата да се изразиш како уметник е основа на секоја демократија и на секое слободно општество. Фактот што Кирил Ценевски, за мене најважен македонски режисер, не продолжил да креира е вистинска катастрофа и показател за тоа каде сме како општество. Континуитетот е база на традицијата, како и на културата. Ако самите себе не си се почитуваме, никој нема ни да не почитува. Мораме да ги негуваме нашите креативни умови и да им даваме можност да креираат и да се развиваат. Дарко Митревски, Столе Попов и на многу други мора да им се создадат услови да продолжат да прават филмови. Очигледно е дека во последните неколку години се појавуваат и нови млади таленти со неверојатен потенцијал. И ним треба да им се овозможи не само да го направат својот прв филм, туку и да продолжат понатаму.

Сестри и брат Митевски

Со сестринско-братската продукција „Сестри и брат Митевски“ меѓу првите во државава почнавте да ги снимате филмовите со комплексни копродукции меѓу повеќе држави. Колку таквиот начин на работа ја олеснува или ја отежнува реализацијата на идејата за филмот?

– Европскиот систем на финансирање филмови е тој. Копродукциите се единствен начин, особено кога доаѓаш од помала кинематографија, како нашата. За мене системот функционира и е од огромна помош и, пред сѐ, е можност за креативни соработки со извонредни филмски професионалци. Ние територијално сме Европејци, а наскоро се надевам и дел од европското семејство. Не знам зошто не би ја искористиле оваа можност и финансиски да бенефицираме од европските фондови.

Неодамна филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ доби награда на ЈИЕ Филм фест во Лос Анџелес за работата на кинематограферката Вирџини Сент Мартин од Белгија, со која соработувате и на неколку претходни остварувања. Како се запознавте со Сент Мартин и што за режисерот значи „сигурна снимателска рака“?

– Со Вирџини ова е наш трет филм. Имам работено со неколку, како што ги нарекуваш со „сигурна снимателска рака“, и кога бев помлада верував дека тој аспект е важен, дури и најважен. Сега сфаќам дека не е баш така. Личната комуникација, пронаоѓањето на соработник кој најсоодветно одговара на твојата лична режисерска визија е базата за сѐ. А во Вирџини јас го пронајдов токму тоа.

Во кинематограферката Вирџини Сент Мартин режисерката Теона С. Митевска пронајде соработник што најсоодветно одговара на нејзината визија

Речиси целата авторска екипа (режија, сценарио, камера, главна улога, продукција, костимографија, шминка, монтажа…) што работеше на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се жени. Дали и на тој начин сакавте да ја потенцирате пораката што ја носи филмот?

– Изборот на жените во носечките функции не се случи преку ноќ. За мене тој процес беше долгогодишен и се случи на потполно природен пат, односно ги одбирав најсоодветните соработници за секоја позиција, и тогаш сфатив дека најголем број од нив се жени. Можеби ова е директно поврзано со мојот личен карактер или, пак, е одговор на одредени препреки што ги доживував во почетните денови на правење филмови, кога постојано морав да докажувам дека како жена заслужувам да снимам филмови и да бидам режисерка. Денеска целата ситуација е поинаква и среќна сум што моите колешки не мораат да поминуваат низ истите препреки, низ кои поминувала мојата генерација.

Женски дел од екипата на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“

Изминативе неколку месеци беа стопирани сите филмски снимања. Каде го поминавте овој период и со што го исполнивте времето поминато во глобалниов карантин?

– Целиот карантин го поминав со семејството во Македонија. Искуството за сите нас беше некакво отрезнување во однос на тоа што е важно, а што неважно. Човекот е важен, како и природата, уметноста е важна, како и еднаквоста, фамилијата е важна, како и љубовта.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот