ИНТЕРВЈУ Џорџина Бејкер, потпретседателка на ИФЦ за регион: Во македонското стопанство вложивме 400 милиони долари – Слободен печат
ВестиЕкономија

ИНТЕРВЈУ Џорџина Бејкер, потпретседателка на ИФЦ за регион: Во македонското стопанство вложивме 400 милиони долари

Од 2001 година, ИФЦ инвестираше во разни сектори, вклучително и во банкарството, енергијата, телекомуникациите, фармацевтските производи, текстилот и автомобилите. Нашето портфолио во Северна Македонија во моментов изнесува 20 милиони американски долари, со два активни проекта.

Џорџина Бејкер е потпретседателка на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) – членка на Групацијата Светска банка, задолжена за Латинска Америка, Карибите, Европа и за Централна Азија, а македонската јавност можеше да ја запознае неодамна кога присуствуваше на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и на Светска банка, што се одржа од 21 до 23 јуни во Скопје.

Бејкер во рамките на оваа средба стави потпис на два многу значајни документа за Македонија – со едниот треба да им се помогне на домашните фирми, а со другиот да се изгради хидроцентралата Чебрен.

Заедно со македонското Министерство за финансии и со Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија, вие како претставник на ИФЦ го потпишавте Меморандумот за разбирање, со кој треба да се овозможи спроведување на Проектот за лесна индустрија на Југоисточна Европа. Како, согласно со овој Меморандум, ИФЦ ќе ѝ помогне на овдешната домашна преработувачка индустрија?

– ИФЦ е посветена на развојот на Југоисточна Европа, а Северна Македонија е клучна земја за нас во регионот. Нашата цел тука е да создадеме економски можности, да ја поддржиме европската интеграција и да го олесниме развојот преку зајакнување на улогата на приватниот сектор во економијата.

Северна Македонија постигна добар напредок во привлекувањето странски директни инвестиции, особено во својот преработувачки сектор. Сепак, многу локални фирми се борат за интеграција во глобалните синџири на снабдување на големите странски компании. Веруваме дека со надминувањето на овој предизвик, на Северна Македонија ќе ѝ се дадат големи можности за раст, отворање работни места и за нови странски инвестиции.

За да помогнеме на ова поле, на 21 јуни влеговме во ново партнерство со Владата за поддршка на развојот на индустрискиот и преработувачкиот сектор во земјата, преку советување на локалните приватни компании за начините за подобрување на нивното работење и подобро исполнување на меѓународните стандарди. Ова ќе им овозможи да се интегрираат во регионалните синџири на снабдување и да обезбедат подобри услуги со додадена вредност. Ќе им помогнеме и да добијат пристап до финансии и да воспостават партнерства со големите домашни производители и со оние од еврозоната. Исто така, ќе ги советуваме државните агенции за тоа како да се намали бирократијата и да се создадат прописи што ја поддржуваат индустријата и прекуграничното тргување. Со успехот на овој ангажман, се надеваме дека Северна Македонија ќе добие 100 милиони американски долари за нови инвестиции и ќе се отворат околу 2.000 работни места.

Ставивте потпис и на договор за соработка за ажурирање техничка студија за изградба на ХЕЦ „Чебрен“. Овој проект со години беше најавуван во Македонија, а имаше и многу неуспешни тендери. Што може сега да се очекува?

– Нашата намера е да ѝ помогнеме на Северна Македонија да создаде енергија со користење поодржливи извори и да ја намали потребата од скап енергетски увоз.

Според договорот за соработка потпишан на 21 јуни, ИФЦ ќе ја поддржи Владата во проценувањето на економската и пазарната изводливост на нова хидроцентрала на реката Црна, наречена „Чебрен“. Спроведувањето на овој проект ќе има повеќе цели, вклучувајќи намалување на зависноста од јаглен за создавање енергија, подобрување на квалитетот на воздухот и олеснување на целните обврски на Северна Македонија за обновлива енергија во рамките на Енергетската заедница.

Колку пари досега ИФЦ има инвестирано во Македонија?

– Од 2001 година, ИФЦ има издвоено околу 400 милиони американски долари за Северна Македонија, вклучувајќи 192 милиона американски долари собрани од други инвеститори. Ги направивме тие инвестиции во различни сектори, вклучително и во банкарството, енергијата, телекомуникациите, фармацевтските производи, текстилот и автомобилите. Нашето портфолио во Северна Македонија во моментов изнесува 20 милиони американски долари, со два активни проекта.

За македонски услови ова е добар износ на вложени пари. Дали се постигнати задоволителни резултати?

– Морам да кажам дека сме задоволни од влијанието на нашата работа. На пример, заемот од 10 милиони американски долари што го обезбедивме за НЛБ банка, му помага на позајмувачот да обезбеди долгорочно финансирање на малите и средните претпријатија, кои се важни за македонската економија.

Исто така, направивме инвестиција од 8 милиони евра во клучните безбедносни системи, која помогна да се финансира изградбата на фабрика за производство на воздушни перничиња во Кичево. Овој дел на Северна Македонија е, релативно, недоволно развиен, со стапка на невработеност од околу 30 отсто за време на инвестицијата на ИФЦ. Не само што нашиот придонес ги поддржа странските директни инвестиции, со него се отворија околу 1.300 работни места. Многу сме среќни што гледаме дека повеќе од 70 отсто од овие нови работни места им биле дадени на жените.

Покрај директните инвестиции, советодавната работа на ИФЦ ги поддржа клучните реформи во енергијата, трговијата и во корпоративното управување.

Еден пример е Советодавниот проект на ИФЦ за обновлива енергија во Македонија, кој обезбеди 245 милиони евра за финансирање на приватниот сектор за изградба на мали хидроцентрали и за технологии за обновлива енергија. ИФЦ даде совети за политикaтa за подобрување на регулаторната рамка за пазарот на обновлива енергија и помогна да се изгради институционален капацитет во рамките на јавните тела.

Со Програмата се создадоа повеќе од 381 гигават-часови електрична енергија и таа помогна да се избегне испуштање на повеќе од 376.000 метрички тона метан годишно.

На советодавно поле сега имаме две активни програми. Една од нив е давање поддршка на Владата за подобрување на рамката за несолвентност и создавање секундарен пазар за нефункционалните кредити. Втората е фокусирана на олеснување на трговијата, посебно подобрување на процедурите и процесите за да се намали времето на чекање на границата за увоз и извоз на стоки. Во нашиот советодавен канал има повеќе проекти, вклучувајќи го предложеното јавно-приватно партнерство за хидроцентралата Чебрен и нова советодавна интервенција за поддршка на лесната индустрија.

Имате интересна позиција во ИФЦ, потпретседателка за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија. Што е заедничко за овие земји во областа на Вашата работа?

– Двата региона, Латинска Америка и Карибите (ЛАК) и Европа и Централна Азија (ЕЦА), имаат развојни предизвици што се многу комплексни и многу се разликуваат од земја до земја. Во случајот на Латинска Америка, работиме во економиите на Г-20, какви што се Бразил и Мексико, а ги поддржуваме и некои од најсиромашните нации во светот, како Хаити, кои се соочуваат со сосема различни предизвици. Исто така, во ЕЦА, потребите за развој со кои се соочува Киргистан, на пример, се целосно различни од она што земја како Украина може да го побара. Поради оваа разновидност и сложеност, мојата работа е исклучително разнообразна.

Исто така, постојат многу можности за двата региона да учат еден од друг. Во ЕЦА, на пример, многу земји со економии со среден приход сепак треба да направат многу повеќе за да создадат поволно опкружување за конкурентен приватен сектор. Ова е случај и во многу земји во ЛАК.

За ИФЦ, двата региона имаат една заедничка клучна карактеристика: ние ги гледаме како извори на иновации за некои од највлијателните програми што ги користиме за надминување на клучните развојни предизвици. Еден пример е програмата „Градови“. Растот на градското население во Европа и во Централна Азија е сè повеќе концентриран во помалку градови, при што 67 отсто од населението во регионот живеат во градските средини. Во ЛАК тој број е околу 80 отсто.

Програмата „Градови“ на ИФЦ, во која создаваме стратешки партнерства со градските власти ширум светот за развивање сеопфатни решенија во градскиот превоз, водата, управувањето со отпадот, осветлувањето на улиците, пристојното сместување, енергетската ефикасност и отпорноста на климата, отпрвин започна во ЕЦА (Турција). Оваа програма, исто така, е исклучително успешна во ЛАК, особено во градовите какви што се Богота и Буенос Аирес и сега се користи во други делови на светот, како што е Јужна Азија.

На официјалната страница на ИФЦ прочитав еден интересен факт дека сте одговорна за управување со инвестициско портфолио од 30 милијарди американски долари. Како е да се има таква задача? Како одлучувате за тоа кој ќе добие пари, а кој не?

– Инвестициското портфолио на ИФЦ е многу големо во ЕЦА и ЛАК. Сепак, не сум сама во управувањето со тие средства. Како дел од најголемата организација за развој на светот, Групацијата на Светската банка, ИФЦ, има многу напредни процеси на одлучување. Се потпираме врз стручноста на висококвалификувани тимови, како во земјите каде што дејствуваме, така и во нашето седиште во Вашингтон. Исто така, имаме низа од комитети што го кажуваат своето мислење во врска со одлуките за инвестирање, разгледувајќи внимателно низа варијабли, какви што се финансиската стабилност и развојното влијание на проектите.

Она што е повозбудливо за мене не е износот на парите со кој управуваме, туку нашата мисија, која е борба против сиромаштијата и зголемување на заедничкиот просперитет. Општо гледано, целта на сите наши инвестиции е да се придонесе кон развојот во земјите во кои инвестираме.

Што претставува ИФЦ?

Групацијата Светска банка е една од светските водечки институции во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на животниот стандард на луѓето во земјите во развој.

Групацијата Светска банка се состои од пет тесно поврзани институции, а една од нив е Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).

„ИФЦ како најголем мултилатерален извор на заеми и финансирање со акционерски капитал за проекти за приватниот сектор во земјите во развој, го поттикнува одржливиот развој на приватниот сектор, главно преку финансирање проекти, помош за приватните компании да мобилизираат финансиски средства на меѓународниот финансиски пазар и обезбедува техничка помош за деловните активности и за владите“, информира Министерството за финансии, претставувајќи ја оваа институција на својата официјална интернет-страница.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close