ИНТЕРВЈУ Благој Климов, трговски аташе на Бугарија: Сакаме да направиме да цвета ИКТ-секторот во Македонија

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Раководителот на Службата за трговско-економски врски на Бугарија во Македонија, Благој Климов, со голема желба и оптимизам вели дека е можно многу да се направи за економските и трговските врски меѓу двете земји, затоа што има сектори каде што има огромно поле за работа, практично од нула.

Тој дошол на оваа работна позиција во септември минатата година, откако претходно бил советник за надворешни работи и за односи со Македонија на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент.

Климов вели дека во Македонија си е дома затоа што неговиот прадедо бил од струшкото село Ложане и дека голем дел од фамилијата и денес му живее во Македонија.

Македонско-бугарските односи влегоа во нова фаза по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во август 2017 година во Скопје. Како се одрази тоа врз економските односи?

– Трговската канцеларија на Бугарија беше затворена во 2015 година. Потпишувањето на Договорот даде и економски насоки и како резултат на тоа во септември 2018 година повторно се отвори Служба за трговско-економски врски меѓу двете земји. Потоа, се одржа и економски форум на кој присуствуваа повеќе од 150 бугарски и македонски компании, а се сретна и Мешовитата комисија, во која има претставници од министерствата за економија, за енергетика и за транспорт и врски, од што произлегоа повеќе потпишани меморандуми. Меѓу институциите создаваме едно навистина високо ниво на соработка.

Статистичките податоци сепак покажуваат намалување на обемот на трговската размена. На што се должи тоа?

– Во 2018 година има близу 730 милиони евра трговска размена. За жал, во прво тримесечје од годинава има намалување и на извозот и на увозот.  Тоа би можело да биде конјунктурно, многу компании во првото тримесечје не ги прават сите плаќања, една статистика на годишно ниво би била многу позначајна. Но, исто така, како што забележаа адвокатите на овдешните бугарски фирми, влијание може да имаат и промените во данокот на доход од оваа година. Можно е некои македонски компании што извезувале или увезувале од Бугарија, да го преселиле своето седиште, така извозот и увозот и да е за трети земји, се регистрира во статистиките на земјите каде што се преселиле. Во Бугарија данок на доход е 10 проценти, а данок на дивиденда е 5 проценти.

Долги години се зборува за амбицијата трговската размена меѓу двете држави да достигне една милијарда евра. Како до тој износ?

– Особено радува изјавата на премиерите Борисов и Заев, кои кажаа дека имаат за цел трговската размена меѓу двете земји да надмине една милијарда евра. Тоа може да биде реалност. Ако се погледа структурата на размената, ќе се види дека во голем дел таа е базирана на репроматеријали – на руда и енергетика. Ние особено треба да обрнеме внимание на прехранбената индустрија каде што речиси почнуваме од нула и на ИКТ-индустријата која има голема додадена вредност и која може многу да придонесе во раст на стоковната размена.

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Веќе се најави влез на бугарските технолошки компании. Може ли да очекуваме „мини Силиконска долина“ во Македонија?

– Не е нескромно ако кажам дека сме најдобри во овој сектор на Балканот. Бугарија е единствена земја од Балканот, која без посредници има договори со Силиконската долина. Во Софија има хај-тек парк, има претставници на најголеми компании, се развиваат кластери, стартапи, иновации…

Сакаме со нашите македонските пријатели и во Македонија да направиме еден мини-бум со компании од Бугарија, или со американски компании што имаат претставништва во Софија. Сакаме, по примерот од Софија, и во Скопје да има хај-тек парк, односно овој сектор да цвета. Тоа многу би ѝ помогнало на Македонија во однос на миграцијата на младите луѓе, но и во однос на возрасните високообразовани луѓе да останат во Македонија, затоа што платите во овој сектор се по 2.000 евра.

Без добра инфраструктура, дефинитивно не може да има ни добра економска соработка. Какви се Вашите сознанија околу заложбите за патното и за железничкото поврзување?

– Тоа е најголемиот проблем. Нашите главни градови се на оддалеченост од 200 километри, а има пат преку планина, со многу завои, каде што камионите тешко се движат. Ако сакаме навистина да се откриеме едни со други – за култура, за економија, за трговија, ние мораме да направиме многу големи инвестиции за нашата поврзаност.

За почеток, правиме обиди во најскоро време да се поврземе со авионска линија од Скопје до Варна, или од Скопје, со застанување во Софија до Варна. Секако, за тоа треба политичка волја и да се разговара со авиокомпаниите.

Во однос на железничкото поврзување, информациите се дека пругата од македонска страна ќе биде готова до 2025 година. Исто така и бугарската страна треба да си ја заврши работата. Ние имаме железничка линија до граница, но таа е направена пред многу години и е конструирана за брзина на возови од 70 километри, а ние планираме да ги поврземе Софија и Скопје со возови што ќе одат 100-120 километри на час. Така, од Скопје до Софија би патувале најмногу еден и пол час.

Што се однесува до патното поврзување, не се прави автопат туку се гради пат со четири ленти. За делницата од Куманово до Бељаковце ни беше кажано дека ќе се изгради оваа година, од Бељаковце до Крива Паланка за две години, а од Крива Паланка до граница треба да се изградат 16 километри во планина, но за тоа не се почнати подготовките и според најавите, потребни се 4 до 5 години.

Во Македонија нема бугарска храна, „Кам“ таму има 10 маркети

– Бугарија речиси воопшто не е претставена со храна и пијалаци. На пример, во Македонија нема ниту една бугарска вода, иако Бугарија е меѓу првите земји во Европа по минерални извори. Нема ни бугарски вина, иако Бугарија има повеќе од 300 винарници. Секако, и во Македонија има многу добри вина, но добро е да имаме разноликост на пазарот. Во Бугарија ги има сите македонски вина и вина од многу други земји. Имаме и убави меса, на пример специфичната „луганка“ што многу им се допаѓа на македонските туристи во Банско. Бугарија, пак, е повеќе отворена кон македонските производи. Од пред една година таму е влезен „Кам“ со повеќе од 10 супермаркети, каде што 30 отсто од производите се македонски. „Пелистерка“ исто така влезе и има продадено повеќе од 1 милион шишиња – вели Климов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот