ИНТЕРВЈУ Александра Ристовски од Црвен крст: Граѓаните погодени од ковид-кризата постојано ни се јавуваат за помош и поддршка

Корона-кризата го зема својот економски данок. За период од шест месеци од стартот на кризата, или конкретно од крајот на февруари наваму, поради економските последици предизвикани од пандемијата, во земјава без работа останале дури 38.943 лица, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за вработување. 

Експертите и граѓанските организаци се согласуваат дека најпогодени се оние кои живеат во сиромаштија или во ризик од сиромаштија, односно се дел од ранливите категории.

Државниот завод за статистика лани објави податоци според кои во земјава во 2018 година во сиромаштија живееле 455 илјади луѓе или 21,9 процент од населението. Нови податоци за минатата година нема, но проценките се дека таа би се движела околу 19 проценти. Поради кризата предизвикана од коронавирусот, се заканува опасност од зголемување на бројот на граѓани кои што ќе живеат во сиромаштија, односно бројот на сиромашни може да порасне на околу 23 проценти од населението.

Досега Владата донесе четири сета мерки со кои се обидува да се справи со економките последици од кризата, но експертите и граѓанскиот сектор апелираат тука да не се застане, да се продолжи да се следи состојбата и навремено да се преземаат нови мерки.

Со ребалансот на Буџетот за 2020, Владата обезбедува 470 милиони евра за реализација на четвртиот пакет мерки за справување со економските последици од коронакризата.

„Преку овој пакет мерки, 70 милиони евра ќе се искористат за спас на 83.000 работни места, односно ќе се субвенционираат вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември, а  поддршката за исплата на плати ќе биде скалеста и ќе се движи од 14.500 до 21.776 денари месечно. Со 27,6 милиони евра ќе се помогнат 283.000 граѓани кои ќе добијат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари. Тоа се речиси 100 милиони евра кои ќе завршат кај над 360.000 наши сограѓани. Покрај ова уште дваесеттина мерки содржани во четвртиот пакет, обезбедуваат силна поддршка за компаниите, обезбедуваат поволни кредити, грантови, но и даночни олеснувања за помош на секторите кои се најмногу погодени“, велат од СДСМ.

Извештајот на Светска банка прогрозира дека нивото на сиромаштија во Македонија ќе достигне 23% до крајот на 2020 година, што значи дека близу 450 илјади луѓе ќе бидат на работ на егзистенција во земјава.

Освен владините еднократни мерки за помош на загрозените граѓани кои поради коронакризата останале без работа, во секојдневното помагање за преживување на членовите на овие семејства активна улога има Црвениот крст на Македонија. Александра Ристовски од Црвен крст посочува дека граѓаните погодени од ковид-кризата постојано им се јавуваат за помош и поддршка.

Волонтерите од Црвен крст заедно со своите екипи на терен се во постојана комуникација и соработка со загрозените граѓани на кои, освен редовна достава на прехрамбени и хигиенски производи, им излегуваат во пресрет и за нивните здравствени потреби, па и ако им е потребно друштво во надминување на таканаречените „дневни кризи“.

Црвениот крст досега, од почетокот на корона-кризата, на ниво на цела територија на државата, има разделено повеќе од 30.000 пакети за хигиена и 40.000 пакети за храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот