Иницијатива на Павле Трајанов: Агенцијата ќе биде чекан врз главата на корупцискиот октопод

Фото: Миа

Со институциите раководат луѓе што ги поставува партијата. Тие не се отпорни на партиските и на бизнис-влијанијата и затоа предлагаме независна агенција за борба против организиран криминал и висока корупција, вели Трајанов.

Ефикасна борба против организираниот криминал значи силно, со чекан, да го удриме октоподот по главата зашто, во спротивно, доколку повремено му ги сечеме само краците, тој и натаму ќе се шири. Вака пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз ја објасни својата иницијатива за донесување закон за формирање агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, која деновиве, како што најави, ќе ја достави и до парламентот.

Иако идејата потекнува уште од 2005 година, досега за нејзината реализација немало доволно силна политичка поддршка. Трајанов смета дека сега под притисок на меѓународната заедница ќе се стесни простор за опструкции од страна на политичките партии.

Во однос на резервите околу потребата од формирање на таква агенција покрај постоењето на Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство, Финансиската полиција и други надлежни институции, Трајанов кажа оти слично решение е донесено во повеќето европски земји, па дури и во земјите од регионот.

– Се покажа дека досегашните институции се партизирани. Значи со нив раководат луѓе што ги поставува партијата. Тие не се отпорни, не се имуни на партиските, не се отпорни на бизнис-влијанијата, на коруптивните процеси што се случуваат во државата. И затоа предлагаме независна агенција. Антикорупциската комисија нема механизми за да ги доведе до завршница случаите што ги води. Слични недостатоци имаат и други институции. Со ова би се надминале сите нивни слабости, а државата за тоа не би била изложена на дополнителни трошоци бидејќи таа би се финансирала од средства алоцирани од други институции – објасни Трајанов.

Агенцијата би била целосно департизирана со 50 вработени со посебни овластувања и со плати од околу две илјади евра.

„Со овој закон, надвор од центрите на политичка и партиска моќ, се формира независна агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, која ќе работи на откривање кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал. Една од суштинските цели на законот е агенцијата да биде отпорна на дневнополитичките притисоци, бидејќи еден од најголемите проблеми со кои се соочуваа РСМ е партизацијата. А таа, според принципот на сврзани садови, продуцира партократија, која произведува клептократија, коруптократија и клиентелизам. Крајниот резултат е нефункционално, криминализирано и криминогено општество, лабава институционализација и висок степен на волунтаризам на политичките лидери“, се вели во текстот.

И професорот по кривично право Гордан Калајџиев смета дека има простор за унапредување на системот со една ваква институција.

– Нема да има преклопување на надлежностите, а битно е што таква, департизирана институција, ќе може да ги посочи политичките и други елити кои ги продуцираат криминалот и корупцијата. Најсериозен проблем досега беше откривањето и гонењето на криминалот така што тука има празен простор што може да се пополни со оваа агенција. Кога знаеме колку има неоткриени и непроцесуирани случаи на криминал и корупција сосема јасно е дека сè уште немаме доволно алатки за борба – констатира Калајџиев.

Агенцијата, според објаснувањето, треба да ги открива скриените имоти на функционерите и на службениците инволвирани во криминал, да иницира постапки за кривична одговорност на носителите на јавни функции, да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот