И покрај препораките и апелите од СОНК и лекарската фела, второто полугодие ќе започне со физичко присуство на 1 февруари

Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Министерството за образование и наука денеска остана на ставот дека второто полугодие ќе започне на 1 февруари и тоа со физичко присуство, наспроти барањата од Синдикатот за образование и наука (СОНК) да се преиспита одлуката, односно наставата во првите две недели да се одвива од далечина.

– Сите одлуки околу начинот на организација на наставата во услови на пандемија секогаш се носат врз основа на насоките и препораките кои МОН и Владата ги добиваат од Комисијата за заразни болести како тело задолжено за координација на сите мерки и активности за спречување на ширењето на заразата предизвикана од ковид-19, земајќи ги притоа предвид и препораките на УНИЦЕФ. Согласно вчерашната одлука, наставата во второто полугодие почнува на 1 февруари со физичко присуство во училиштата и со почитување на важечките здравствени протоколи донесени уште пред почетокот на учебната година, стои во одговорот од Министерството за образование.

Од СОНК сметаат дека наставата со физичко присуство ќе го загрози здравјето на учениците и наставниците. Претседателот на СОНК Јаким Неделков е против владината одлука.

– Со оглед на бројките на заразени и починати коишто одат во нагорна линија, ние апелираме до надлежните здравствени работници, до Владата којашто носи одлуки, до Министерството за образование и наука да се преземат соодветни мерки, односно да се предложи второто полугодие да продолжи со онлајн настава. Свесни сме дека наставата со физичко присуство има поголем квалитет, но ако гледаме што е поприоритено во овој момент дали здравјето на учениците и вработените во училиштата или квалитетна настава, секако дека ќе се одлучуваме дека здравјето и безбедноста и на вработените и на учениците е приоритет.  Без разлика дали е пандемија или друга болест има правила на игра, односно Закони кои треба да се почитуваат. Законот за безбедност и здравје нормира на колкава температура работниците можат да работат. Работодавачот мора да обезбеди услови за работа. На вакви минусни температури, со отворени прозорци, тоа е неприфатливо. Затоа апелирам до надлежните да водат сметка на која температура се работи, вели Неделков.

И лекарската фела е на ставот дека отворањето на училиштата на 1 февруари е ризично за здравјето на децата, но и нивните родители.

Докторите Злате Мехмедовиќ и Никола Пановски, училишниот психолог Ана Попризова и Драги Змијанац од детската амбасада Меѓаши сметаат дека треба да се преиспита одлуката второто полугодие да започне со физичко присуство на први февруари.

– Сѐ уште има време Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие. Една од опциите е наставата да почне на први февруари но со он лајн настава,  а од 15 февруари наставата да продолжи со физичко присуство. Комисијата за заразни болести предложи наставата да продолжи на 20 февруари, но тој предлог беше одбиен. Власта дозволува да се оди во кафана, да има детски претстави во трговски центри, летово дозволи слободен влез на делта сојот во земјава и организирање свадби после кои нагло се зголеми бројот на заразени и мртви,  а со тоа дозволи и катастрофа. Според тоа ја повикувам Владата уште еднаш да ги преиспита одлуките кои ги носи, вели д-р Пановски.

Директорот на болницата за белодробни заболувања кај децата Козле, Бесник Зекири, вели дека родителите кои шетаат по кафеани дома носат вирус, а децата истиот вирус потоа го носат на училиште.

– Децата не се преносители на вирусот, туку родителите, кои шетаат по кафеани, а потоа дома го носат вирусот. Потоа истото дете во училиште заразува уште десетина други деца. Затоа е важно да се носат маските, вели д-р Бесник Зеќири, кој нагласува дека резултатот од новогодишните забави е 30 хоспитализирани деца во болницата за белодробни заболувања Козле, наспроти пет деца кои беа таму хоспитализирани пред да почне новогодишното олабавување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот