И Клиниката за очни болести набавувала лекови на реверс и не водела евиденција на сите пациенти што требало да добијат скапи современи офталмолошки лекови

клинички центар слободен печат/фото слободан ѓуриќ

Клиниката за очни болести реализирала двојно повеќе прегледи со итни упати, отколку во редовни термини закажани во „Мој Термин“, покажа извештајот на Државниот завод за ревизија за 2022 година. Според правилникот на болницата, времетраењето на смената на еден доктор офталмолог во амбулантата е шест часа, а траењето на прегледот е 20 минути. Но, податоците од извршениот увид во прегледите, покажале дека поголем број од прегледите се реализирани со итни упати, чиј број е двојно поголем од упатите што се редовно закажани во „Мој Термин“.

Извршени прегледи на Клиника за очни болести во 2022 година, извор Извештај на Државен завод за ревизија

Ревизорот констатира дека не се определуваат предвидените редовни термини за преглед, што влијае пациентите да немаат достапност до здравствените услуги и еднаков третман.

Затоа се препорачува директорот да овозможи соодветен број редовни термини за да се даваат здравствени услуги во „Мој Термин“.

Постои несразмерен однос меѓу бројот на реализирани редовни и итни прегледи што влијае на еднаквата достапност на здравствените услуги кои ги дава Клиниката. Постојат разлики меѓу пресметаната партиципација и висината на наплатените приходи од извршени здравствени услуги. Во дел од спроведените постапки за јавни набавки констатирана е несоодветна примена на Законот за јавните набавки. Не се воспоставени во целост системите за материјално-финансиско и сметководствено работење како и системот за регистрација на работното време, пишува во извештајот на ДЗР.

И Клиниката за очни болести како и некои други клиники, набавувала лекови на реверс. Иако имале протокол за тоа како да ги аплицираат лековите купени со условен буџет, кои не се на позитивната листа , сепак, ревизорот изразил сомнеж дека овие нови генерации лекови не им се даваат на сите пациенти кои што се подобни да ги примат. Одговорните лица на Клиниката добија препорака набавката на лекови и медицински потрошен материјал да се врши исклучиво по спроведена постапка за јавна набавка, а не на реверс.

За лекување на определени офталмолошки заболувања, на пазарот станале достапни нови генерации лекови кои не се на позитивната листа, па Клиниката во рамките на условниот буџет од 15 милиони денари ги набавувала овие лекови.

Од извршените разговори со одговорните лица и увидот во приложената документација утврдивме дека на Клиниката донесен е протокол за третман со оваа терапија согласно кој, докторите одлучуваат дали постојат офталмолошки индикации за приклучување на терапијата, но не постои евиденција на вкупен број пациенти кои ги исполнуваат условите поради што во услови на ограничен буџет, постои ризик сите пациенти кои ги исполнуваат условите да не бидат вклучени на терапија. Истакнуваме дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот за здравство да преземе активности за обезбедување средства со цел вклучување на оваа терапија на сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум, препорачува Ревизорот.

Во текот на 2022 година набавени се лекови во износ од 619 илјади денари во период кога постапката за јавна набавка уште не била спроведена. Набавката на лековите е вршена на реверс, а фактурите се изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка.

Почитувајќи ја потребата од континуирано и навремено обезбедување на лекови утврдивме дека воспоставениот начин на набавка влијае на рационално користење на средствата во постапките за јавни набавки. Воспоставениот начин за постапување при јавна набавка, упатува на несоодветна примена на одредбите од Законот за јавните набавки и создава ризик за нерационално користење на буџетските средства, пишуваат ревизорите.

Понатаму, на Клиниката за очни болести исплатени биле 4,9 милиони денари за 24-часовни дежурства на медицинскиот персонал без да биде побарана согласност од Министерството.   Ревизорот дал препораки да се надминат слабости при процесот на прием, издавање и потрошувачка на залихи на материјали.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот