Хрватска и Словенија со поддршка за членство на Македонија во ЕУ, истото се очекува и од Бугарија

Хрватските власти изразија поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ и очекуваат првата Меѓувлaдина конференција меѓу земјава и Унијата да се одржи до крајот на годинава, додека во исто време од Скопје упатени пораки дека се очекува Бугарија и во иднина да продолжи да биде голем поддржувач за нашите евроатлантски интеграции, а ЕУ во односот кон земјава да покаже дека е заедница на вредности и принципи.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вчера престојуваше во посета на Загреб, порача дека Хрватска цврсто го поддржува пристапувањето на земјава во Унијата и очекува до крајот на годината да се одржи Меѓувладината конференција Северна Македонија – ЕУ, што ќе означи старт на преговорите за членство,

Средба Османи-Пленковиќ: Хрватска продолжува со поддршката за евроинтеграцијата на Македонија

– Хрватска цврсто ја поддржува Северна Македонија како држава – кандидатка за членство во ЕУ и очекува дека брзо ќе почне процесот за отворање на преговорите. Хрватска очекува дека до крајот на годината, за време на германското претседателство со ЕУ, ќе биде свикана Меѓувладината конференција заради отворање на преговорите, истакна Пленковиќ.

Поддршката од Загреб за евроинтеграцијата на земјава е потврдена и на средбата на Османи со неговиот хрватски колега Горан Грлиќ Радман, на која е оценето дека продолжувањето на политиката на проширување на Унијата ќе биде позитивен сигнал за целиот Регион, како суштински интерес и на земјите членки на ЕУ за европски Западен Балкан.

Хрватската поддршка следи отакако и Словенија, која Османи ја посети во понеделникот, изрази силна поддршка за македонскиот евроинтеграциски процес и испрати јасна порака за одржување на Меѓувладината конференција до крајот на годината.

Османи: Ја реафирмираме поддршката на Словенија за почеток на преговорите со ЕУ (ВИДЕО)

Во исто време, од Скопје премиерот Зоран Заев изрази уверување дека Бугарија, која и досега беше голем поддржувач на нашите евроатлантски интеграции, ќе продолжи да не поддржува и во иднина и дека во пракса ќе се потврдат изјавите од Софија за таквата голема поддршка.

– Верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи, тогаш треба да се знае дека се барало од нашата страна нешто за што ние никако ниту смееме да разговараме, ниту би сакале да прифатиме. Но, да оставиме простор да се разговара од страна на комисиите, беше дециден Заев.

Премиерот порача дека Бугарија не бара од Северна Македонија промена на Уставот и решението на сегашниот спор не е преку потпишување на нов договор.

– Ние веќе имаме договор. Тоа е Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Низ тој договор се решаваат историски поглавја што треба да бидат дел од нашето заедничко чествување низ кое ќе го градиме пријателството, а тоа е како дел од заедничката историја. Во договорот што е потпишан, потпишан е на македонси јазик и на бугарски јазик, се зборува за двата народа, истакна Заев, додавајќи дека очекува исчекор и израз на огромно пријателство од страна на Софија.

Заев: Бугарија не бара промена на Уставот

Надеж за надминување на спорот со Бугарија изрази и Османи од Загреб, кој порача дека во периодот што следи соодветно ќе се адресираат сите предизвици, и нема да се дозволи „да пропадне големата заедничка политичка инвестиција за европските перспективи на целиот регион”.

Тој во интервју за хрватскиот неделник „Национал” изјави дека би претставувало непростлива грешка, и за нас, и за Бугарија, доколку си дозволиме таков луксуз да создадеме длабока лузна во односите во кои инвестиравме толку многу и со тоа повторно ја блокираме европската перспектива на Република Северна Македонија.

– Дозволивме нашите билатерални односи да бидат загрозени од некои историски рецидиви, кои создаваат анимозитет меѓу инаку блиските соседи. Новата Влада е посветена на оваа тема, ние сме фокусирани на надополнување на она што го пропуштивме и верувам дека ќе успееме во тоа, додава Османи.

Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на видео-конференциска средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава порача дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината, ќе ги заокружи историските успеси на земјата по зеленото светло за отворање на пристапните преговори и членството во НАТО, нагласувајќи дека „вредностите и принципите на Унијата зависат од тоа како ЕУ ќе се постави кон правото на самоопределување на македонскиот народ”.

– Како Европската Унија ќе се постави кон ова прашање – правото на македонскиот народ на самоопределување – ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи, изјави Димитров.

Димитров најави промена на ставот кон ЕУ ако не го заштитат правото на македонскиот народ на самоопределување

Поранешниот премиер Владо Бучковски, пак, смета дека Бугарија ќе направи историска грешка ако ја блокира нашата земја на европскиот пат и нема повторно да се врати оваа шанса двата народи да покажат дека се братски.

– Бугарите сами сакаат да им дадеме шанса да бидат нашите големи промотори. Но, на овој начин тие повторно ги нарушија односите и кај оние кои беа најголемите оптимисти се отвори сомнеж дека нешто во нашите релации не почива меѓусебна доверба, туку има скриени намери некои од сето ова да направи голема штета. Тоа ќе биде голем пораз и за ЕУ, додаде Бучковски.

Тој вели дека сепак е охрабрен што „сите овие компликации” се случуваат за време на претседавањето на Германија со ЕУ, бидејќи верува во умешноста на германската канцеларка Ангела Меркел и знаејќи ги нејзините релации со бугарскиот премиер Бојко Борисов, уверен е дека ќе се изнајде решение.

Спорот со Бугарија е причина и што не може да го финализира договорот за гранично управување со Европската Унија, која почна да ги склучува овие спогодби со земјите од Западниот Балкан за да ги интегрира во граничното управување со цел спречување на „нерегуларната миграција”.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, во изјава за МИА потврди дека е во контакт со бугарската влада за да се најде решение за блокада на договорот за Фронтекс со Северна Македонија од страна на Софија.

– Се надевам дека ќе го склучиме договорот за Фронтекс со Северна Македонија што е можно побрзо. Го отворив ова прашање со премиерот на Бугарија за да можеме да напредуваме затоа што е многу важно, изјави Јохансон.

Еврокомесарката Јохансон побарала решение од Борисов за блокадата на договорот за Фронтекс со Скопје

Македонските и бугарските историчари минатата недела во Скопје по пауза од речиси една година повторно седнаа на маса, два дена разговори, а според изјавите на копретседателите на Комисијата по состанокот Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров постигнат е мал напредок, но не и во однос на Гоце Делчев. По, средбата беше посочено дека има некои предлози и идеи, но тие побараа трпение со што помалку емоции и тензии, со најава за нова средба во Софија до крајот на годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот