Средба Османи-Пленковиќ: Хрватска продолжува со поддршката за евроинтеграцијата на Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи својата работна посета на Хрватска денеска ја започна со средба со премиерот Андреј Пленковиќ, кому му се заблагодари за континуирана хрватска поддршка и исклучителниот ангажман за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија, под чија палка беше постигнат консензус и беше донесена одлуката за почеток на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија.

-Ние во пријателска Хрватска имаме искрен партнер, традиционален поддржувач на нашите аспирации за интегрирање во европското семејство. Особено го цениме фактот што Хрватска во сиот изминат период цврсто веруваше во Република Северна Македонија, како важна алка во создавањето и одржувањето на стабилноста во регионот, нагласи Османи.

Како што се наведува во соопштението од МНР, хрватскиот премиер Пленковиќ истакна дека Хрватска ќе продолжи со силната и одлучна поддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија, гласно ќе се залага во процесот на усогласување на преговарачката рамка и формалното започнување на пристапните преговори со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, до крајот на оваа година.

Во текот на денот Османи ќе оствари средба и со својот хрватски колега, Горан Грлиќ Радман, а во рамките на посетата, ќе оствари посета и на хрватскиот Сабор, каде ќе се сретне со претседателот на парламентарниот одбор за надворешна политика Гари Капели, претседателот на одборот за европски прашања Домагој Хајдуковиќ и пратеничката Ермина Лекај Прљаскај, која ги претставува македонското, албанското, црногорското, бошњачкото и словенечкото национално малцинство.

На маргините на посетата на Хрватска, министерот Османи се очекува да има интервју за угледниот хрватски неделник „Национал”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот