Холандскиот уметник Јонас Стал во МСУ го изложува својот најнов проект „Станица Пропаганда“

Покана за отворањето на изложбата во МСУ

Во Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје на први март, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Станица Пропаганда“ на светски познатиот уметник Јонас Стал.

Холандскиот уметник, кој ќе биде специјален гостин на МСУ, е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје, е видеостудијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата.

Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Следниот ден, на 2 март, со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда со наслов „Антиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.

Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Сѐ што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „Аквизиции – Донации 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година.

Јонас Стал / Фотографија: Рубен Хамелинк

Јонас Стал го завршил своето докторско истражување за пропагандна уметност на Универзитетот Лајден, Холандија. Основач е на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“ (2012 – тековно). Заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг-кампот „Обука за иднината“ (2018 – тековно), а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Collectivize Facebook“ (2020 – тековно). Со писателката и адвокатка РадаД’Соуза и со поддршка на организацијата „Фрејмр Фрејмд“, го основа Судот за меѓугенерациски климатски злосторства (CICC). Судот првпат беше претставен во „Фрејмр Фрејмд“ во 2021 година, проследено со неколку гостувања во Германија, Финска и Јужна Кореја.

Негови проекти се изложени во светски познати музеи, како „Стеделијк“ во Амстердам, „M_ХKA“ во Антверпен, Музејот „Модерна“ во Стокхолм, Центарот „Помпиду“ – Мец, уметничкиот центар „Нам Џун Пајк“ во Сеул, „Фрејмр Фрејмд“ во Амстердам, како и на 7-то Берлинско биенале, 31-то Биенале во Сао Паоло, 12-то Биенале во Тајпеј и на 14-то Биенале во Гвангжу во Јужна Кореја.

За пропагандата и пропагандната уметност досегa ги има објавено публикациите: „Пропагандна уметност во 21 век“ издадена од „MIT Press“ во 2019 година; „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, издадена од „Het Nieuwe Instituut“, Ротердам, 2018 година; „Пост-пропаганда“, издадена од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот