Хибридните закани не смеат да се потценат, Македонија засега не е примарна цел

Фото: ЕПА

Македонија не е изолирана и имуна на сајбер нападите кои упатените ги нарекуваат современ најбрзо растечки криминал во светот. Оваа главно е заклучокот на безбедносните експерти за соочувањето на Македонија од хибридните закани, откако деновиве беше хахирана интернет страницата на Министерството за образование и наука (МОН) од наводна грчка хакерска група но и после случувањата  во соседна Албанија кога беа парализирани граничните премини исто така по сајбер напади од наводно ирански хакери.

Експертите со кои се консултиравме  а се вклучени во оваа проблематика во изјава за „Слободен печат“ велат дека соработката меѓу институциите е многу важна кога станува збор за нарушувањето на сајбер-безбедноста. Некои од нив препорачуваат дека треба да се направи поефикасна државна стратегија за борба со овој вид криминал, кој може да направи сериозен безбедносен проблем на институциите, но и на државата.

Политичко-безбедносниот аналитичар Милан Стефановски вели дека хакерските напади се комплициран процес, кој, сепак, е реалност во земјава. Според него, регионот а со тоа и Македонија во моментов е во некаков вид специјална интернет-војна, но дискутабилно е прашањето дали институциите се безбедносно подготвени да ги одвратат овие напади.

 Безбедносниот аналитичар м-р Милан Стефаноски 

– Реално, за да се заштитиме, не постои магично копче. Единствена работа што ја препорачуваат познавачите на проблематиката е да се следат препораките за безбедно користење интернет, на сервисите, тоа се социјалните мрежи, електронската пошта, секојдневното користење компјутер. Тоа значи дека пиратска верзија на оперативен систем, на антивирус-програма итн. претставуваат директна закана да се случи хакерски напад на нашиот компјутер или систем на некоја институција. Токму затоа треба да се следат препораките и институциите во земјава, но и граѓаните да се едуцираат за тоа што претставува сајбер-безбедност и што треба да направат доколку се случи таков инцидент. Особено внимание на ова треба да му посветат компаниите и институциите, кои, за жал, и ден-денеска не знаат како да се справат со компјутерските напади – објаснува Стефановски.

Од друга страна универзитетскиот професор, генерал Методи Хаџи Јанев вели дека Македонија како земја членка на НАТО како дел од предизвиците кои треба да се соочи меѓудругото се и сајбер нападите, дезинформациите, и кампањите кои ги поткопуваат нашите општества и институциите. Хаџи Јанев потсетува дека генерално гледано не постои ниту една земја во светот вкучително и нашата која е стопроцентно сигурна од сајбер напади.

Проф. Методи Хаџи Јанев, гостин во „Слободен печат“/Фото: Слободен печат

– Генерално цел свет има проблем со овој вид на закана или војување особено отакако започна воената агресија на Русија врз Украина. Видете само колку генератори на вести имаат создадено фиктивни адреси кои креираат лажни вести за ковид вирусот. До толку е голема заканата што искреирана е перцепција дека вирусот е лажен, а тоа пак предизвукува потценување на вирусот, масовно заразување, пад на економијата – посочува Хаџи Јанев.

Според него државниот апарат треба да биде внимателен и вклучен во раната детекција и превенција од вакви напади кои не се новина врз македонските институции.

– НАТО сериозно работи и го зајакнува својот штаб за брз сајбер одговор или реакција. Одлично е што веќе сме земја членка на НАТО. Се крева нивото на експерти и софтверски решенија, но и насока до сите земји членки да бидат поврзани со еден заеднички систем. Се работи и на тоа дека еден сајбер напад на земја членка на НАТО, може да се толкува како напад кон сите земји членки, голема е веројатноста членот 5 да биде надополнет во делот на вооружен напад со невооружени закани како сајбер напади и слично. Помошта ќе биде и во постојана обука, образование, тренинг и вежби и кординација со НАТО – додава Хаџи Јанев.

Ова не е прв хакерски напад и онеспособување на веб страниците на институциите во земјава. Минатиот месец два дена беше „падната“ веб страната услуги.гов.мк кој воедно се користи како основа и за логирање на Вакцинација.мк – најпопуларниот владин сајт во изминатите две години поради пандемијата.

Лани веб страната на Државниот завод за статистика и системот за попишување биле цел на хакерски напади за нив беше отворена истрага. Како заврши таа истрага се уште нема информации во јавноста. Во 2020 година сајтот и меил системот на Министерството за здравство беше хакирано, а во октомври 2021 година од системот на Вакцинација.мк неколку хакери објавија дека си извадиле важечки ковид сертификати, иако не примиле вакцина.

Интересен случај кој се памети во јавноста и оној од пред две години кога за прв пат жртва на хакерски напади беше и апликацијата на Државната изборна комисија за време на изборен процес при што се откри дека во институцијата само еден човек бил задолжен за овој сектор.

ФОТО, принтскрин : Страницата на МОН беше цел на хакерски напад деновиве

Инаку, за заштита на државните институции од сајбер-напади е задолжен тимот од Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (ЦИРТ), кој, пак, е дел од Агенцијата за електронски комуникации. Тимот на ЦИРТ е формиран уште во 2016 година. Според она што е достапно на официјалниот сајт на Министерство за информатичко општество, ресорното министерство ги поставува правилата што треба да се имплементираат во другите институции за заштита од интернет-напади. Министерството за одбрана е вклучено со посебен вид сајбер-заштита, особено за воениот систем каде што МВР е задолжено за истрагите при сајбер-напади итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот