Хероинот и натаму оди преку Балканот

Фото: Архива

И покрај засилените контроли на границите, во пристаништата има помалку персонал во царинските служби. Кокаинот го кријат во бродовите, товарните авиони, меѓу бананите и овошјето или го мешаат со брашно.

Светските производители на дрога се отсечени од своите муштерии: речиси и да нема патнички летови, на сите граници има засилени контроли. Што тогаш да прави нарко-бос во Колумбија со дрогата од лабораторија во џунгла, кога не може да има ја испорача на дилерите во Богота, Меделин и Кали или да ја прошверцува во САД или Европа?, анализира Дојче веле.

Дали тој бизнис модел може да го загрозат ограничувањата воведени поради коронавирусот и замрениот ноќен живот? Сега на дилерите на дрога итно им е потребен план Б.

Според оценките на експертите од канцеларијата на ОН за борба против криминалот и наркотици (УНОДЦ) и Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности, шверцерите веќе пронашле алтернативни патишта.

Послаб квалитет, повисока цена

За транспорт на кокаинот од Јужна Америка во Европа тоа значи дека дрогата, наместо преку курир во патнички авион, сега ќе доаѓа по морски пат. За домашното производство тоа значи дека колумбиските селани, на кои поради коронакризата им пропадна работата со овошјето и зеленчукот, треба да се убедат илегално да одгледуваат дрога, дури и за да можат да си ги прехранат своите семејства.

Исто така, треба да се подигнат цените и едноставно да се следи економскиот принцип на понуда и побарувачка. Од почетокот на кризата, цената на кокаинот се зголеми до 45 отсто. Грам кокаин во Франција повеќе не чини 60,  туку 100 евра.

Пред само 4 месеци, криумчарите работеа со писма, пакети и куфери со дупло дно, на меѓународните летови. Сега го користат фактот дека, и покрај засилените контроли на границите, во пристаништата има помалку персонал во царинските служби. Кокаинот го кријат во бродовите, товарните авиони, меѓу бананите и овошјето или го мешаат со брашно.

Исто така го разредуваат кокаинот со ефедрин, во однос 70:30. Послаб квалитет, повисока цена. Притоа не им е грижа колку тоа може да биде штетно по здравјето на конзументите.

Талибанците и полињата со афион

И на другиот крај на светот има победници во време на коронакризата: тоа се радикалните Талибанци во Авганистан. Слично како и во Колумбија, тие на населението им се претставуваат како спасители во овие тешки времиња.

Обединетите нации говорат за луѓето кои поради пандемијата останале без работа и сега на подрачјата под контрола на Талибанците одгледуваат опиумски афион од кој може да се добие хероин.

Според податоците на ОН, пандемијата не влијаела на главната рута за криумчарење на хероинот: Балканската рута и натаму оди од Авганистан, преку Иран, Турција и Балканот кон централна Европа.

За волја на вистината, во 2019 година површината за одгледување на афион во Авганистан  во однос на претходната година се намали за повеќе од една третина, на околу 100.000 хектари. Истовремено, производството на опиум во споредба со 6.400 тони произведени во 2018 година остана на речиси исто ниво.

Објаснувањето за стабилното производство на опиум е многу едноставно: поголеми приноси. Минатата година жетвата беше помалку погоден од суша. Од Авганистан доаѓа дури 84 отсто од светоското производство на опиум.

Со парите од одгледување и трговија со дрога се финансира, меѓудругото и вооружениот бунт во Авганистан. Површини за одгледување има посебно многу на југот од земјата, на подрачјето под контрола на Талибанците, што ја отежнува борбата против илегалната трговија и производство.

Според податоците од новиот извештај на ОН за наркотици, во 2018 година во светот бројот на корисници на дрога како канабис, кокаин, опиум или синтетички супстанци остана на приближно еднакво ниво во споредба со претходната година – околу 269 милиони луѓе. Најголем број од нив конзумирале хашиш.

Околу 35,6 милиони зависници страдаат од здравствени проблеми предизвикани од дрогата. Пазарот стана значително непрегледен поради многуте дизајнерски дроги како фентанил, се наведува во извештајот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот