ХЕЦ „Шталковица“: Инвеститорот имал дозвола и за градење и за сечење на шумата, мештаните велат – немаме вода за наводнување

Имаме градежна дозвола и не градиме незаконски, се вели во писмената реакција на ДИС Енергија до Слободен печат во врска со текстот под наслов „Хидроцентралата на Шталковичка река забрзано се гради, никому не е гајле дали ќе има вода за нивите во Турско Рудари . Според дописот, потпишан од менаџерот на фирмата, Влатко Тоневски, се наведува дека „ХЕЦ Шталковица се гради со правосилно одобрение за градба издадено на 30.11.2021. На таблата покрај градежната парцела е точно истакнато“, стои во реакцијата на ДИС Енергија.

„Во однос на наводите дека шумата покрај реката каде е предвидено да се гради зафатот на водите за користење и производство на електрична енергија е искорната и вегетацијата е уништена, се целосно неточни“, тврдат од ДИС енергија во писмениот допис.

Според нив, не може да се смета за уништување на вегетација ако „делот за којшто беше предвидена сеча, беше соодветно маркиран, односно означен и сечењето е платено на фирма од Пробиштип, која има лиценца за работа.

„Дополнително, во однос на реакциите од страна на локалното население, жителите на Турско Рудари, дека со градежните активности на ХЕЦ Шталковица е оштетен системот за наводнување, сакаме да појасниме дека водоводот кој е еднаш оштетен од страна на градежната фирма беше поправен уште пред да дојдат надлежните и да направат записник, односно во најкус можен рок“.

Слободен печат го контактираше градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов, кој потврди дека градежната дозвола постои во пишана форма, но  дека таа се уште не е потпишана и објавена во електронскиот систем наречен Е-одобрение за градење, што е законски предуслов таа да стане правосилна. Според важечкиот Закон за градење, член 59-е секое одобрение за градба за кое не е запазена оваа законска процедура, се смета за ништовно.

Од ДИС Енергија информираат дека биле одржани повеќе средби со претставници на Општина Пробиштип и со локалното население кое е директно засегнато со изградбата на оваа хидроцентрала.

„На средбите, тие се обврзаа да изготват барање за што конкретно им е неопходна помош од наша страна, со цел да излеземе во пресрет и на нивните потреби. Трите точки кои ги наведоа како проблематични беа разговарани и во Владата, но од ноември 2020 година до денес, сѐ уште не е поднесено барањето за овие спорни точки, кои жителите ветија дека ќе го адресираат и ќе го поднесат преку Општината“, се вели понатаму во реакцијата на ДИС Енергија од каде повторуваат дека сакале целосно да излезат во пресрет и на општината и на локалното население.

Но, од Турско Рудари велат дека не се тие, туку инвеститорот не го исполнил договореното, односно ги игнорирал барањата на мештаните за непречено водоснабдување. Претставници на селото се обиделе да преговараат со ДИС Енергија за да се земат предвид и нивните потреби, но, како што велат, се чувствуваат измамени.

„Вистината е дека инвеститорот вети, но не го исполни ветувањето дека ќе го оспособи цевководот со кој треба да ни се донесе вода за наводнување до нивите на кои ние произведуваме храна за нас и нашите семејства“, вели Јаким Јовановски од село Турско Рудари.

Тој додава дека пред крајот на минатата година имале средба со луѓе од ДИС Енергија, на која присуствувале и од Владата и од Министерството за животна средина, и на која мештаните на Турско Рудари побарале, кога веќе државните институции не можеле да ја спречат изградбата на малата хидроцентрала на Шталковичка река, барем да им гарантираат дека ќе имаат доволно вода за вадење на нивите, но, иако бил постигнат некаков одговор, од ДИС Енергија оттогаш го избегнувале решавањето на проблемот.

„Многу сме револтирани од ваквиот однос на концесионерот“, додава Јовановски.

За исечената вегетација, која, според инвеститорот, била дозволена бидејќи била соодветно маркирана и му било платено на изведувачот, сведочат и фотографиите на соголено и со градежна механизација проширеното корито на рекичката, направени пред неколку дена на самото место каде ќе биде поставена бетонската бариера на идниот зафат на Шталковичка река. Изградбата на мала хидроцентрала на оваа планинска рекичка на самата граница на заштитеното подрачје на Осоговските планини минатата година беше повод за протести и блокади од страна на локалното население на Турско Рудари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот