Хидроцентралата на Шталковичка река забрзано се гради, никому не е гајле дали ќе има вода за нивите во Турско Рудари

Малата хидроцентрала на Шталковичка река забрзано се гради и покрај тоа што се уште нема валидна градежна дозвола. Слободен Печат вчера ја посети локацијата и се увери дека градежните работи на изградбата на машинската сала во селото Турско Рудари покрај Шталковичка река е во поодмината фаза, а искорната е и шумата покрај реката каде ќе се гради зафатот на водите за користење за производство на електрична енергија.

Планот за изградба на малата хидроцентрала предвидува и изградба на цевковод во должина од околу два километра, се до машинската сала со турбина, што значи дека реката на тој потег, наместо во своето корито ќе тече во цевки. Пред неколку месеци, локалното население организираше протест и блокада на локалниот пат со барање до властите да се забрани изградбата, но таа сепак непречено се одвиваше и покрај тоа што градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов отворено застана на страна на мештаните на Турско Рудари.

При посетата на долината на Шталковичка река, инаку притока на Брегалница, вчера можевме да забележиме уништена вегетација, искршени карпи и длабење на речното корито во делот каде е предвидена изградбата на бетонската брана. Претставници на локалното население, кои ги пречекаа планинарите од неколку македонски градови со транспарентот „Реката е живот-Стоп за малите хидроцентрали“ не информираа дека со градежните активности на инвеститорите на малата ХЕЦ Шталковица, ДИС Енергија од Скопје бил оштетен и системот за наводнување, за што двапати пријавиле во полиција, но немало никаков одговор. Жителите на Турско Рудари полагаа голема надеж дека ќе ја спасат својата река од изградба на мала хидроцентрала во одлуката за прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје, но и покрај одлуката, како и покрај нивните поплаки дека ќе останат без вода за наводнување на своите ниви и бавчи, надлежните институции останаа на одлуката хидроцентралата на Шталковичка река да се гради.

– Министерството за животна средина одговори негативно на нашето барање да не се дозволи изградба на хидроцентралата бидејќи ние како општина дадовме негативно мислење за нејзината изградба бидејќи сметаме дека таа ќе го загрози правото за користење на водата за наводнување на локалното население на Турско Рудари, вели Анастасов.

На прашањето како е можно  инвеститорот да интервенира на терен и да гради со полна пареа иако нема градежна дозвола, градоначалникот на Пробиштип ни изјави дека тој се уште не ја потпишал градежната дозвола бидејќи го чекал одговорот од надлежните институции на барањето упатено од неговата општина.

Министерството за животна средина го игнорираше негативното мислење за изградба на хидроцентрала на Шталковичка река што го издала локалната самоуправа и била издадена дозвола за користење на вода на ДИС Енергија, вели Анастасов.

Според Јаким Јовановски, жител на селото, тие голема надеж за решавање на нивниот случај полагаа во обраќањето до премиерот Зоран Заев, на кого лично му се обратија пред неколку месеци со барање да не дозволи да им ја украдат нивната вековна традиција за земјоделско производство и водата како предуслов за опстанок, за да продолжат да обезбедуваат скромна храна за нивните семејства. Сепак, од кабинетот на Премиерот никогаш не добиле одговор на нивната молба.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот