Граѓаните реагираат, намалена ефикасноста на општините последниве две месеци

Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

Значително е намалена ефикасноста во општините изминативе два месеци, односно пред и за време на предизборната кампања. Граѓани со допис до „Слободен печат“ се жалат дека со денови се враќаат за да добијат потпис само затоа што вработените отсуствуваат од работните места.

Граѓаните реагираат дека им доцни одговорот на барања доставени преку архива и не се исполнува рокот за одговор на истото од 7 до 15 дена. Често пати наместо да добијат потпишан документ со факсимил, добиваат со факсимил на друго овластено лице, токму поради отсуството на раководителите на сектори.

Дали вработените и служат на партијата или на граѓаните, прашува наш редовен читател кој не успева да добие решение за сечење на дрво затоа што, како што вели раководителот на секторот за комунални работи, два месеца се нема појавено на работното место.

– Не е во ред да работ во општина или во Град Скопје, а истовремено да си водат кампања. Ние граѓаните што треба да правиме додека да заврши кампањата? Не можеме  нашите обврски да ги ставиме во мирување. Процедурата за сечење на дрво е комплицирана, морам да чекам одобрување од Градот, а потоа и извршување од ЈП „Паркови и зеленило“. Јас не можам да најдам одговорен човек во овие две институции. Кој воопшто им  дозволува така дрско да ги напуштаат работните места, дали трудов инспекторат ги посетил општините да види дека се празни, се жали скопјанецот Никола Т.

Дали Државниот инспекторат за труд излегува на терен за да провери колку од вработените во општините отсуствуваат од работа во текот на кампањата, ја прашавме директорката Јована Тренчевска.

– Не можеме да одиме во сите 80 општини и да проверуваме дали работниците се на работните места. Доколку имаме пријава дека шефот или актуелниот градоначалник ги злоупотребува вработените, со тоа што ги присилува за време на работните часови да водат кампања, ние веднаш ќе излеземе на терен. Меѓутоа, ние не сме  истражен орган за да испитуваме каде се работниците, така што ако ни биде кажано дека извршуваат теренска активност, нашите ингеренции ќе завршат, објаснува Тренчевска. Добивме пријава за во Куманово, дека еден од директорите на локално ново не се појавува на работа за сметка на политичката кампања, но се утврди дека е на годишен одмор. Ги охрабруваме граѓаните да пријават анонимно на 15 131 анонимно за да можеме да ги доведеме работите во ред, вели Тренчевска.

Друг читател до редакцијата на „Слободен печат“ испрати порака во која објаснува дека во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) под изговор дека се на обука најголем дел од вработените се на меѓупартиски средби во хотели во Гевгелија.

Вработена во една од скопските општини од опозициониот табор која сакаше да остане анонимна, објаснува дека под изговор дека се на терен, голем дел од вработените водат кампања.

– Сите предмети стојат, се е застанато. И тоа е така затоа што општината е празна, вработените водат кампања додека граѓаните чекаат одговор на барање, потписи и слично. Од друга страна има  и вработени кои одат на обуки во рамки на општински изборни комисии во рамки на Државната изборна комисија, така што бројот на присутни во општината навистина е преполовен, објаснува нашата соговорничка.

Џабир Дерала од Цивил медиа, кои се набљудувачи на изборната кампања вели дека актуелните градоначалници можат да ги користат услугите на нивните портпароли вработени во општината со која раководат, дури и во кампања, се додека во кампањата не се користат јавни ресурси.

– Бележиме присуство на диектори и раководители на сектори на митинзите, но тоа е во попладневните часови, така што тука нема прекршувања, после работното време секој човек е слободен да има каква сака активност. Единствено прекршување до сега имаме забележано со заменичката на јавниот правобранител која на трети октомври била присутна на митинг на СДСМ, што е недозволиво за заменик на народен правобранител, а исто така е и неетички. Исто така забележуваме дека претерана е застапеноста на лидерите на политичките партии на митинзите, ова сепак се локални избори и не е потребна толкава застапеност на претседателите на партиите, објаснува Дерала.

Вработени се во општините, а им водат кампања за идни градоначалници – Нема ниту една пријава до ДКСК

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот