Вработени се во општините, а им водат кампања за идни градоначалници – Нема ниту една пријава до ДКСК

дкск
ДКСК/ фото Архива

Ниту една пријава не стигнала до Државната комисија за спречување на корупција во однос на злоупотреба на положба или функција за време на кампањата за локалните избори, иако се забележува дека во повеќе наврати се прекршува Законот за административни службеници и вработени во јавниот сектор.

Од ДКСК за „Слободен печат“ велат дека апсолутно  е недозволиво градоначалниците да ги искористуваат вработените во општините кои вршат функција на портпароли, фотографи, возачи, за да им ја водат политичката кампања.

– Се што еден работник прави по завршувањето на работното време е дозволено. Меѓутоа апсолутно се забранети партиски активности за поддршка на кандидатите на градоначалници за време на работно време. Дури и ако станува збор за вработени во општината, во секторот за поддршка на градоначалникот, тие сепак не се таму за да ја водат неговата предизборна кампања. Како го регулираат отсуството не знам,  но за тоа треба да одговаараат раководителите на секторот во кој се вработени, објаснува Катица Николовска од ДКСК.

Таа вели дека на минатите избори имало само една пријава за прекршување и тоа за повреда на работната дисциплина, со тоа што вработен во  администрација дошол на работа со маица со партиски симболи и за тоа добил дисциплинска постапка. Но, за актуелната изборна кампања, досега нема ниту една пријава.

– За ние самоиницијативно да покренеме постапка потребна ни е дојава од медиум со име и презиме, и објаснување на прекршувањето. Или пак може да покренеме постапка ако имаме пријава од граѓани, поткрепена со фотографија, точно место и време, за да знаеме дали е прекршок или не, како и име и презиме на прекршителот. На нашата интернет страна има можност за пријавување, достапни се образци и постапката е многу едноставна, но откако е почната кампањата за Локалните избори 2021, пријава нема, додава Николовска.

Покрај прекршување на Закон за јавна администрација и за вработени во јавен сектор, со искористувањето на вработените во општината за своја промоција, кандидатите го прекршуваат и етичкиот кодекс.

Од друга страна, актуелните градоначалници кои бараат втор мандат, а ги користат услугите на нивните вработени се секогаш во предност пред другите кандидати, од причина што зад нив стои цел тим на организатори и цели одделенија за односи со јавност вработени во општините.

Антикорупционерите немаат надлежност да одат на терен и да истражуваат по митинзи, но затоа секој граѓанин може да пријави неправилности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот