Граѓаните од Автокоманда попладнево со протест ќе бараат да им се врати „железарското“ парно

Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Жителите на населбата Автокоманда денеска во 17 часот на плоштадот Коцка ќе се соберат да го изразат своето незадоволство затоа што без никој да ги информира или да побара нивна согласност,  било извршено промена на снабдувачот на топлинска енергија. Па така, наместо како досега нивните домови да се греат на „железарското“ парно, во иднина топлина ќе им испорачува ЕСМ Снабдување.

По социјалните мрежи локалното население изразува жестоки реакции против ваквата постапка на надлежните, го повикуваат градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, да реагира и да ги заштити нивните интереси. Во своите коментари тие објаснуваат дека промената ја почувствувале на „своја кожа“ затоа што наместо како досега да имаат греење цела ноќ, сега парното се гаснело во 22 часот навечер.

Измрзнавме, греењето е многу послабо изминативе денови. Без да не прашаат не исклучија од железарското парно и не приклучија на Топлана Исток, а тоа значи дека сега ќе плаќаме и поскапо за греење – револтирано коментира жител на Автокоманда.

Градоначалникот Бобан Стефковски, по прозивките на граѓаните упатени кон него, признава дека дознал дека е во тек ваков процес уште на почетокот на декември минатата година, од писмото кое му го упатиле граѓаните од Урбаната заедница „Автокоманда“. Следниот ден, упатил писмено барање до директорот на АД ЕСМ – Подружница „Енергетика“ Далибор Богдановски, со кое побарал средба за објаснување на ситуацијата, но како што тврди до денеска не добил одговор.

 За мене е спорен начинот на кој се спроведени активности од страна на службите на „Енергетика“ и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните кои се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија. Општина Гази Баба и јас како градоначалник немаме никаква директна законска надлежност по однос на тоа кој снабдувач со топлинска енергија ќе ги снабдува домаќинствата во Автокоманда. Барањата на граѓаните се и мои барања. И затоа ја имате мојата поддршка во остварувањето на вашите права – вели Стефковски во своето обрачање до жителите на Автокоманда.

Денеска со свое објаснување на ситуацијата  се огласија од АД ЕСМ. Според Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство, од 1 февруари годинава, согласно Одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, ЕСМ Дистрибуција на топлина ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда. .

Заради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно согласно лиценците: ЕСМ Енергетика и системот кој го сочинуваат ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство и ЕСМ Снабдување, извршено е одделување на мрежа која се наоѓа во населбата Автокоманда од ЕСМ Енергетика и нејзино спојување на дистрибутивната со мрежата која ја управува ЕСМ Дистрибуција и овие две мрежи се сега една функционална целина. Согласно Законот за енергетика, ЕСМ дистрибуција на топлина, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, има склучено договор со ЕСМ Снабдување со топлина за продажба на топлинска енергија наменета за потребите на потрошувачите.Токму затоа потрошувачите од оваа населба, од 01 февруари се потрошувачи на ЕСМ Снабдување – изјави Маројевиќ.

Во наредниот период согласно Законот за заштита на лични податоци ќе се изврши преземање на податоците на потрошувачите од претходниот снабдувач, а потрошувачите од населбата Автокоманда, фактурите за парно за февруари, ќе ги добијат од ЕСМ Снабдување.

Според Маројевиќ, за домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на оние кои претходно ги добивале, додека деловните потрошувачи и образовните институции, кај кои наплатата се врши по мерач, ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија.

За потребите на потрошувачите од Автокоманда е отворен и нов пунк на ЕСМ Снабдување во населбата на улицата Јани Лукровски, а сите потребни информации достапни им се и на веб страницата на компанијата, каде е достапен и формуларот за е-фактура и договорот за снабдување. На веб страницата се поставени и известувања за дефекти во дистрибутивниот систем.

Маројевиќ објасни дека потрошувачите од Автокоманда треба да склучат “Договор за снабдување со топлинска енергија” со новиот снабдувач. Договорот може да се преземе од веб страницата на ЕСМ Снабдување, да се пополни во два примерока и да се достави во еден од пунктовите.

Ги повикувам потрошувачите за сите прашања поврзани со нашата дејност и услуги, како и за пријави на дефекти и рекламации за квалитетот на греењето да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. Заради навремено отклонување на пријавени дефекти, потребно е нашите екипи да имаат пристап до топлинсkите станици. Затоа аплелираме до заедниците на станари во сите објекти, вклучително и објектите во Автокоманда, во комуникација со Центарот за грижа на корисници, да обезбедат пристап за екипите за одржување до топлинските станици на начин кој им одговара на двете страни – апелира Маројевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот